МУЗИКАТА– СВЕТЛИНА ШТО ГО ОБЛИКУВА ЧОВЕКОТ
✍️Симеон Стефковски

SimeonRoditelskigront
Во време кога образованието сè повеќе се сведува на бројки, тестови и мерливи резултати, лесно се заборава дека вистинската цел на воспитувањето и образованието е создавање целосен човек – личност која знае да чувствува, да создава, да сочувствува и да го препознава убавото. Токму затоа музичката уметност не смее да биде привилегија или спореден предмет, туку суштински дел од образовниот процес.


Кога остатокот од светот не те разбира, не треба ни да очекуваш целосно да те разбере. Зашто уметноста, а особено музиката, не е само вештина што се учи. Таа е живот. Таа е дишење. Начин на изразување. Посебна емоција. Неразумност и лудост, но и радост, надеж и смисла – сè во едно. Затоа музиката е неспоредлива со што било друго на овој свет.


Постојат моменти кога човек ќе помисли дека повеќе не може. Кога трудот изгледа залуден, а целта недостижна. Велиш: „Доста е, не можам повеќе, не вреди да се трудам.“ Но веќе во следниот миг, еден убаво отсвирен тон, како вулкан, повторно ја буди целата музичка енергија во тебе. Одеднаш повторно оживуваат инспирацијата, креативноста и љубовта кон музиката, создавајќи незаборавни музички мигови. Само музиката има моќ така да го воскресне човековиот дух.


Дури и во најтешките времиња, кога светот застана поради пандемија, музичарите продолжија да работат со истата страст и жар. Зашто музиката не е луксуз од кој можеме да се откажеме кога ќе стане тешко. Таа е потреба на човечката душа.
Затоа се надевам дека музичкото образование нема сè уште да биде еден "небитен предмет", туку ќе биде дополнително вреднуван и ќе го добие местото што навистина го заслужува во воспитно-образовниот процес. Музиката ја развива креативноста, ја негува емоционалната интелигенција, ја поттикнува емпатијата и создава културна и музички образувана публика, која на секое општество му е неопходна.


Големиот композитор, пијанист и педагог Роберт Шуман ја кажал можеби најубавата мисла за улогата на уметникот: „Да се испрати светлина во темнината на човековото срце – тоа е должноста на еден уметник.“


А ако уметноста е светлина, тогаш музиката е нејзиниот најнепосреден јазик. Таа не образува само музичари – таа создава подобри луѓе. Затоа вложувањето во музичкото образование не е трошок, туку инвестиција во похумано, почувствително и покултурно општество. 

 

фб Родителски фронт

24.6.2026