Копнеж по срам 
 
  
Никогаш порано медиумите не биле толку брутални и агресивни кон човековата интима. Да принудуваш некого за пари да си ја соблекува душата, тоа е многу посрамно одошто да платиш некој да ти изведе стриптиз. Ете, така и таа граница на стриптизот се помести од телото кон душата. Можеби јас сум еден од оние лелекачи што се конзервативни, но навистина, кога би можел, би ја сменил не државата, не континентот, туку планетата.


Неколкупати досега, кога сум се нашол крај телевизорот додека траела „Илјада и една ноќ“ или популарно кажано – Шехерезад, сум заушил една реченица што одамна, одамна не сум ја чул по нашите улици, тротоари, кулоари, или кусо речено – во нашиот живот. Ја нема ни во медиумите. Реченицата гласи: „Засрами се!“ Мислам дека затоа ми е симпатична и серијата: се обидува да ни го врати срамот како човеково чувство.

Срамот е чувство за кое денес остана само збор во речникот. Ништо повеќе. Ретко кој денес се срами од нешто. Црвенилото на образите денес се толкува како човекова слабост, а не како доблест. Времето е бесрамно (многу мразам кога „времето“ морам да го прогласам за нешто што божем не зависи од нас, луѓето) и не остава простор за срам. Би требало да се срамиме кога се преминува некаква граница. Таа граница ја поставува, се разбира, општеството, и таа линија има морален карактер. А кога ќе застанете на поимот „морал“, почнувате да влегувате во еден хаос. Никој не знае што е морално, затоа што постојат, упростено кажано за оваа пригода, две тврдења за моралот: едното тврди дека моралот е конвенционален и е работа на договор, другото вели дека моралот има природен карактер и дека е зададен еднаш за секогаш.

Се разбира, како и секогаш, има вистина и во двете тврдења. Никој не може да го оспори ноторниот факт дека моралот е нешто за што се договараме. Европа од ренесансата, на пример, расчистува со претходниот средновековен морал во кој телесното е табу и претставува враќање кон еден морал што на телото гледа со обожавање, како и антиката. Оттука сродноста на антиката и ренесансата според скулптурите на кои телата имаат анатомска експресија (можете да учите анатомија од нив). Тој ренесансен морал сигурно бил сфатен како бесрамност по однос на претходниот, конзервативен. Границата на моралот, според тоа, е во постојано движење и поместување. Кога се појавил првиот костим за капење, тој, погледнат со очите на конзервативците, исто така претставувал знак за надоаѓање на едно бесрамно, „футуристичко“, „надреалистичко“ време. Денес веќе никој не се срами од него. Не се срами ни дури и ако го нема.

Но во моралот има и нешто природно. Ниеден морал, на пример, не ја поместува онаа граница што вели дека никој нема право на друг да му го одземе животот. Постојат такви „тврди“ точки на инаку подвижната граница на моралот околу кои нема разговор. Некои од нив се ставени во Божјите заповеди по светите книги и се еднаш засекогаш маркирани како точки што служат да се разликува природното од неприродното, срамното од бесрамното. Постмодерните времиња, сепак, и нив ги разнишуваат: на пример, љубовта меѓу маж и маж или меѓу жена и жена станува нешто што веќе не се третира како срамно, туку напротив, се стимулираат таквите врски да прераснат и во бракови - се ставаат под капата на законот. Американските мелодрами и комедии задолжително на кастингот имаат по еден лик со таква сексуална ориентација, па дури покажуваат симпатии кон нив, рехабилитирајќи ги во една социјална смисла. Сепак, на содомијата (сексот со животни) не се гледа со симпатија. Тоа не се озаконува како несрамно.

Сето тоа го знам, па сепак: не можам а да не збеснам кога ќе видам како бесрамно се поместуваат границите на срамот по медиумите. Не мислам тука само на нашите, туку на медиумите во една општа, глобална, планетарна смисла. На пример, кога ги видов француските постери од кампањата против пушењето, искрено кажано, ги доживеав како одвратни. Веројатно сте ги виделе: серија малолетнички клечат пред возрасни мажи симулирајќи фелацио, со тоа што наместо машки полов орган, во устата држат цигара. Кога ги видов, се згрозив. Не дека сум некој моралист во сексуална смисла, но во мене нешто навистина се крена како да се прелеала чашата. Помислив дека тие слики ќе ги гледаат и нашите малолетни деца. Она што ме збесна беше помислата дека тука всушност не се жигосува пушењето, туку напротив, му се додава една жичка на наслада од друга, еротска зона на човековиот живот. На мала врата се рекламира и фелациото, во пакет со никотинот. Она што, пак, ги воодушевува младите е досетката на творецот на плакатите. Нивниот коментар гласи: „Кој штос, човече!“

Штос. Тоа е клучниот збор што го уништува срамот. Ова е време на штосови. Луѓето се воодушевуваат на досетки што ги поврзуваат (преку сличност) различните области на човековиот живот со анално-гениталната зона на знаци. Мене тоа ми изгледа – срамно до бесрамност. Знам дека јас не сум единица мера за колективот, но моето лично мислење е дека сме на многу ниско ниво на културниот вкус, можеби најниското досега во историјата на цивилизациите. Мас-медиумската култура е анално-генитална, и тоа ти е тоа!

Кога Французите, кои се лулка на многу европски културни „изми“ можеле да паднат на тоа дереџе, тогаш за нас нема што многу да се каже. Не можеме да бидеме престроги кон себе. Но можеме лесно да препознаеме и кај нас извесни знаци на бесрамна манипулација со чувството за срам. На пример, до пред некој ден ја немав гледано емисијата „Момент на вистината“, а кога ја видов само се прашав: дали е доблест или напротив – отсуство на срам и мозок да седнеш на она столче и ЗА ПАРИ да одговориш на прашањето „Дали е вистина дека не ги менувате гаќите по седум дена“ или „Дали е вистина дека сте имале секс со најдобрата пријателка на жена ви“? Такво ѕиркање под гаќи во медиум досега немало. Што повторно не значи дека, ако мене ми пречи, тоа е и неморално. Луѓето (барем така забележувам) се тепаат за телевизорот дома за да изберат дали ќе го гледаат „Големиот брат“ или „Момент на вистината“, или не знам уште кои слични емисии.

Едно ми е јасно: никогаш порано медиумите не биле толку брутални и агресивни кон човековата интима. Да принудуваш некого за пари да си ја соблекува душата, тоа е многу посрамно одошто да платиш некој да ти изведе стриптиз. Ете, така и таа граница на стриптизот се помести од телото кон душата. Можеби јас сум еден од оние лелекачи што се конзервативни, но навистина, кога би можел, би ја сменил не државата, не континентот, туку планетата.

Ќе барам таква на која ќе живеат не мали зелени, туку мали црвени во образите. Сакам романтично вцрвување на образите: знак дека во тоа суштество сепак чука срце.

Авторот е универзитетски професор и писател
  
   
Автор: Венко Андоновски

 Извор: Нова Македонија