Чујност
 


  
Кодошењето како варијанта на прислушувањето е една од конститутивните црти на секое тоталитарно општество. Наклеветениот губи работа, углед и чест. Клеветникот пак добива работа, углед и чест. Единствениот „проблем“ за клеветникот во таквиот систем на прислушување е што еден ден може и него некој да го наклевети. Тоа е типично за тоталитарните општества: среќата на едниот доаѓа единствено како последица на несреќата на другиот. Нема доволно среќа за сите: направен е дефицит на среќата и секој од секого зајми среќа прогласувајќи ја за своја    
    
  
Некои вознемирени колеги ми велат: слушна ли каков Закон за прислушување се носи во Собранието? Во секој миг државата (односно оние што ќе бидат овластени од неа) ќе можат да имаат пристап до најинтимните информации на секоја личност. Ги слушам и не можам да се изначудам на нивното чудење: та тоа не е ништо ново. Како која власт доаѓа, тајно се пее еден ист шлагер – дека нé прислушуваат. Со закон или без.

Но јас не пишувам за тој закон и за таа најнова „ситуација прислушување“. Сакам најпрвин да потсетам, преку зборовите на еден голем теоретичар на културите (Цветан Тодоров), дека кодошењето како варијанта на прислушување е една од конститутивните црти на секое тоталитарно општество. Еве што вели тој: „Доушништвото не е преодна и привремена работа: таа е структурен фактор на тоталитарното општество. За власта тоа е гаранција дека нема ништо да и побегне: нејзините агенти никогаш не би биле доволни за таа задача. Затоа што мора да се надгледува целокупното население, потребно е да се надгледува тоа самото себеси. За индивидуите тоа е средство за искачување по скалилата на власта: да се каже нешто лошо за својот ближен, значи да се отстрани еден соперник (без да се зборува за непосредното задоволство кое се извлекува од решавањето на судбината на другиот).

Тој модел, карактеристичен за некогашните држави на социјалистичкиот блок, во кој секој секого шпионира и „чува“ да не застрани, е колективистичка форма на прислушување. Тоа прислушување, всушност, и не се темели на „проверени податоци“, туку повеќе на наслушување. Затоа, јас често велам: во тој систем чујноста не е акустичка, туку идеолошка категорија. Доволно било, вели Тодоров, да се направи достава, иако нејзината содржина можела да биде целосно лажна: тоа е класичен пример за клевета која веќе никогаш не ќе може да се докаже. Наклеветениот губи работа, углед и чест. Клеветникот пак добива работа, углед и чест. Единствениот „проблем“ за клеветникот во таквиот систем на прислушување е што еден ден може и него некој да го наклевети. Тоа е типично за тоталитарните општества: среќата на едниот доаѓа единствено како последица на несреќата на другиот. Нема доволно среќа за сите: направен е дефицит на среќата и секој од секого зајми среќа прогласувајќи ја за своја. Како кога од еден човек зајмите пари да му вратите на друг, а тој ги враќа на трет: тоа е круг во кој дефицитот создава привиден профит, односно прогрес.

Не сум од оние типови луѓе што сакаат буквално да им ги полнат главите на своите читатели. Да не ги потценуваме читателите: тие знаат, од она што го наведов како цитат да повлечат паралели и да ги видат сличностите и разликите со нашето време. Но сепак, не сакам мене да ми излезат од гледна точка некои работи.

На пример, фактот дека сме народ во чиј фолклор премногу често го има оној стих: „Бог да го бие (па име или прекар) кодошот“. Тие песни потекнуваат од времиња кога немало ни трага од комунистичките идеологии на овој терен. Тоа значи дека дефиницијата на Тодоров за тоталитарното општество го зема за пример само социјалистичкиот (комунистичкиот) систем. Таа се однесува само на комунистичкото прислушување за кое стана збор, а не и на фолклорното, малограѓанско прислушување. И во првиот и во вториот случај секој прислушува секого, но во фолклорното прислушување оној што клевети некого (најчесто со трач и измислици) не добива за тоа награда од државата. Тој тоа, едноставно, го прави без пари, само со желба да го уништи другиот. Коренот на таа постапка е една страст која се вика злорадост, а за која веќе сум пишувал (тоа е чувство на радост кое се јавува кога ближниот трпи зло). Исклучок се таблоидите и жолтиот печат: таму трачот не само што може да биде од злорадост, туку носи и пари.

Поента: и кога би се искоренило комунистичкото доушништво (за кое и денес има реални сомнежи дека постои, оти барем во партиите и фирмите луѓето брзаат да се наклеветат едни со други), што да правиме со најраспространетите современи фолклорни форми (жанрови): трачот и озборувањето? Па признајте: ниедна држава, ниедна служба не го овластила вашиот колега од канцеларијата да пукне од мака додека не дознае што сте мислеле со тоа кога на состанок сте изјавиле: „Се повлекувам од таа функција од лични причини“. Ќе пукне додека не дознае: „Кои лични причини? Какви лични причини? Да не се разведува? Го остава жена му или тој неа? Зошто? Да не ја фатил со љубовник, или таа него со љубовница? Да не е болен, не дај боже? И ако е, од што е?&рдљуо; И така натаму и така наваму: ние сме ти, брате, прислушен народ. Цел народ - едно љубопитно уво. Прислушувањето ни е во геномот. И денес, дури и во градските средини има секогаш понекоја старица која од балконот гледа сé во улицата: кој на чиј балкон прескокнува, во колку часот, за љубов или за кражба... Тие фигури се традиционални чувари на нашиот прислушен ген.

Ајде, да не претерувам. И кај некои други народи е исто. Да не беше така немаше Нушиќ да ги напише своите брилијантни комедии, меѓу кои „Сомнително лице“ е со највидлив мотив на малограѓанско прислушување. Ама пак има и такви народи кај кои никој никого не го интересира. Во Загреб живеев во туѓ стан еден месец и ниеден сосед ниеднаш во лифтот не ме праша што сум му на газдата или од каде доаѓам. Никој не ни погледна што имам во кесето со ѓубре што го фрлам, за да прави претпоставки за мојот ментален и карактерен профил. Кај нас со еден поглед ќе заклучат, според ѓубрето, што сте: пијаница (празни шишиња), развратник (употребени кондоми), пушач (празни кутии цигари), расипник (парчиња недојадена храна).

Е сега, на сето тоа згора – најсофистицираното прислушување, со еден команден центар (глава) во државата. Уште тоа ни требаше: електронски комуникации, имејлови, телефони, жични и безжични... Класичното комунистичко доушништво ќе пропадне, како и фолклорното трачарење. Ќе останат без работа. Ех, драги мои... Мислите дека тоа новото ќе се разликува по нешто од старото? Па, размислете: и во таа командна глава ќе работат луѓе. Истите оние кои се внуци на онаа старица од балконот, синови на оној сосед што со поглед ми го проверува ѓубрето или правнуци на класичните комунистички шпиони. Човечки фактор, па тоа ти е!

Авторот е универзитетски професор и писател   
   
Автор: Венко Андоновски 
 
Извор: Нова Македонија