Името на убавината

Историјата на поимот „убаво“ во првите децении на 21 век е очигледно продолжение од последните децении на 20 век: целосна деградација, обезначување на зборот, негово масакрирање. Прашајте се кога, на кое место и по кој повод сте чуле некој да каже за некого или за нешто дека е убаво. Лично не помнам кога последен пат сум го чул тој збор, тоа признание дека нешто навистина МЕ НАДМИНУВА МЕНЕ. Сé почесто тој поим се користи за предмети, а не за живи суштества, емоции или апстракции. Притоа, за да се избрише секаква можност убавото да се врати во овој свет на пари и акции, зборот „убаво“ во сленгот се заменува со англицизмот „топ“   

Писма до душевадникот


П ред некој ден, на една маса во еден наш угледен ресторан, неколку запенети, второкласни политички муцки, кои често одат таму (не плаќаат никогаш во кеш), се расправаа на доволно гласен начин за да може разговорот да биде слушнат, а не прислушуван од другите гости. Нивниот говор беше исполнет со извици, негодувања, цинични интонации – премногу извичници, прашалници, запирки, а премалку мисли. Тој говор, кој се сведуваше на наоѓање маани кај другиот (а ниту една кај себе) и на докажување КОЈ КОЛКУ НЕ ВРЕДИ, беше типичен пример за говор на омразата, злобата и љубомората. Грдото славеше и пируваше на таа маса. Додека тоа се случуваше, на големиот плазма-телевизор одеше директниот пренос помеѓу Ѓоковиќ и Надал. Тој дуел, за разлика од оној вербалниот, и припаѓаше на категоријата – убаво. Беше возвишен, а познато е дека она што е возвишено побудува чувства на убавина.

Погледнете, драги мои, што се случува со зборот УБАВО во нашето секојдневие. Прашајте се кога, на кое место и по кој повод сте чуле некој да каже за некого или за нешто дека е убаво. Лично не помнам кога последен пат сум го чул тој збор, тоа признание дека нешто навистина МЕ НАДМИНУВА МЕНЕ.
Неодамна завршената предизборна кампања, според општо мислење, па дури и според признанијата на учесниците во неа, беше грдо нешто. Кога последен пат сте кажале за некој политички говор дека е УБАВ? Кога последен пат сте кажале за некој човек дека е УБАВ (притоа се мисли не само на надворешната, туку и на внатрешната убавина)! Кога сте признале дека некој направил УБАВ гест, УБАВ потег на работното место, дека некој ви кажал УБАВ збор?

Историјата на поимот „убаво“ во првите децении на 21 век е очигледно продолжение од последните децении на 20 век: целосна деградација, обезначување на зборот, негово масакрирање. Тој поим тогаш почна, а сега веќе дефинитивно „заглави“ во целосна реификација или редукција на целината на делови. Кога велам реификација, мислам на неговото опредметување – сé почесто тој поим се користи за предмети, а не за живи суштества, емоции или апстракции, па така се говори за убава куќа, убав автомобил, убава кошула, убав прстен, убав часовник. Притоа, за да се избрише секаква можност убавото да се врати во овој свет на пари и акции, зборот „убаво“ во сленгот се заменува со англицизмот „топ“ – топ кошула, топ џипче, топ куќиче (задолжителни деминутиви, а деминутивот традиционално во јазичната стилистика означува наклонетост на говорникот кон објектот).

Кога велам пак дека поимот на убавото се редуцира од целина на нејзин дел, говорам за една не помалку опасна деградација на тој поим – слушам како младиве дечки, додека поминуваат девојчињата, коментираат дека „малечката имала убаво ноџе“, дека „малечкава вади окце“ и слични редукции на целината на делови, меѓу кои најпозната е онаа што жената ја сведува на гради или на задник. Таквата „касапска“ постапка, која овие млади месари со полни тестиси ја изведуваат врз женското тело, укажува не само на криза на поимот на еротското (кое е расцепкано) туку и на длабока криза на поимот на убавото. Убавото е она што може да биде согледано како едно и цело. Убавото и е убаво затоа што не само еден негов дел (гради, задник), туку целото е убаво. Еротското, пак, ја има својата сила токму во фантазијата, која произведува целина дури и од делови што не се совршени – кога некој сака некоја жена, ние, што не ја сакаме, можеме попусто да му укажуваме на вљубеникот на грдотијата или диспропорцијата на некои нејзини делови. За него целината е посилна од деловите и ние попусто трошиме зборови. Денес тој однос кон еротското, кон целината и убавото е сериозно нагризан и парчосан. И затоа сé поретко го слушаме зборот „убаво“ во јавниот сообраќај.

Минатата седмица мене ми се случи, по подолго време, еден празник на убавината. Бев на изложбата на мојот пријател, фотоуметникот Љупчо Илиевски, во Културно-информативниот центар на Скопје (КИЦ). Уште во насловот на изложбата се наоѓа поимот на убавината, односно пораката дека убавината треба да се живее и дека на овој свет сме дојдени токму поради неа. Љупчо, низ своите фотографии изложени во малата галерија, постигнал чудесно нешто – го воскреснал поимот на убавото во овие ужасно стерилни и прагматични времиња, кревајќи го од правта во која го здробивме сите ние, касапејќи го, делкајќи го и прогонувајќи го. Љупчо успеал да го оживее мртвото тело на убавото низ окото на својот апарат („око“ ми е потопло кажано од објектив, затоа што апаратот на Љупчо очигледно е организам, а не механизам).
Затоа, сите вие што копнеете по убавото (во ова време на негово прогонство), повелете, погледнете ја изложбата на Илиевски. Ќе забележите како сетилата ќе ви се разбудат, како по долга анестезија, и ќе станат свесни за бои и форми. Ќе забележите дека црвеното, на пример, не е онаа автоматизирана и брза перцепција што секојдневието ја бара од вас („црвено е бојата на црвените предмети“), туку дека е тоа вистински настан во природата – преспанското јаболко или румените обравчиња на девојчето што го држи в рака. Ќе забележите дека Љупчо, „сликајќи“ го преспанскиот регион, открил божествена убавина, дека фатил мигови во кои Бог позира во природата, но тоа некој треба да го види. Ќе сфатите дека не треба да ги одминувате тие мигови на богојавление (а колкупати сте ги одминале, оти одите со ведната глава, задлабочени во сметки и пресметки), дека за тие мигови во кои Љупчо ја уловил вечноста – треба да се живее, дека тоа е самата есенција на животот, неговиот извор и неговата утока. Мајсторијата на Љупчо се состои токму во тоа – од механизмот да направи организам, од апаратот да создаде човек што во еден миг ја препознал вечноста. Неговите мајсторски фотографии, кои покрај ентериери на цркви, најчесто се фокусираат на природни убавини, се вистински мали сликарски платна, со претопи на бои и форми, со композиции што носат порака, со внатрешна драма на моментот (погледнете ги посебно серијалите „Полетување“ и „Слетување“). Значи, напред! На само неколку чекори од Собранието, местото каде што најмногу се говори и се троши најмногу семиотички материјал во државава, се наоѓа оазата на убавото, која ни ја приредил Љупчо.

Инаку, со Љупчо се запознавме на еден начин, кој не беше баш најубав. Но убавото често бликнува дури и од непријатни ситуации. Извесно време откако со Глигор Стојковски ја објавивме двојазичната и со многу фотографии опремена монографија „Зеницата на Македонија“, забележавме дека серија божествени фотографии од Кокино се – непотпишани. Беа на Љупчо, се разбира. Од таа незгода се роди пријателство, но и љубопитството – што уште во своите фотоархиви, освен Кокино, крие овој чудесен уметник и промотор на убавините на Македонија. Така излезе ова чудо од убавина на изложбата. Иако убавината е анонимна и има повеќе имиња и презимиња, сепак овој пат таа се вика – Македонија видена низ духовното око на Љупчо Илиевски.

Авторот е универзитетски професор и писател

  
   
Автор: Венко Андоновски 

Извор: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=761194921&id=13&prilog=0&setIzdanie=22323