Моите способности се реално и математички 300 пати помали од оние на таинствениот менаџер што зел годишна плата од 2,4 милиони евра. А тоа значи: ако јас работам 8 часа во денот и можам да одржам 8 наставни часови, тој би можел да одржи 2.400 часови дневно. Ако јас говорам 2 јазика, тој говори 600 јазици. Ако јас можам дневно да напишам 20 странички текст, тој може да напише 6.000 страници. Е, со таков суперчовек нема споредба. Признавам – подобар е

 

Насловната страница на „Утрински весник“ од минатиот викенд изгледа вака: горе, премиерот Никола Груевски изјавува: „Јас и граѓаните сме на иста страна за името“. Под него, Бранко Црвенковски вели: „Државата оди во погрешна насока“. А лево од тоа: „Менаџер-фармацевт со годишна плата од над 2 милиони евра“. Три различни наслови од една иста, македонска реалност.

Во текстот за таинствениот менаџер стои реченицата: „Лани, управител на фармацевтска компанија зел годишна плата од близу 2,4 милиони евра, или неговите месечни приходи изнесувале фантастични 200.000 евра“.

Ако се обидете логички да ги поврзете овие три независни наслови што се однесуваат на една иста реалност, добивате само алогизми. Како да припаѓаат на три различни светови. На пример: дали менаџерот заработил 2,4 милиони евра затоа што граѓаните и премиерот се на иста страна за името? Сигурно не. Едниот настан (борбата за името) нема никаква врска со ваквите астрономски заработувачки. Или: дали менаџерот заработил 2,4 милиони евра затоа што „државата оди во погрешна насока“? Навидум не. Менаџерот сосема независно, без да си ја треска главата со проблемот за името, или со прашањето дали државата оди во вистинска насока, си го инкасирал тоа што си го инкасирал. И што има тука спорно? Нели сакавме капитализам? Луѓето не треба да примаат иста плата, туку да заработуваат онолку колку што се способни.

СПОСОБНИ?

Какви способности треба да има човек за да заработува 200.000 месечно? Јас заработувам 700 евра, што значи дека моите способности се само 0,3 отсто од способностите на таинствениот менаџер. Односно тие се, реално и математички 300 пати помали од неговите. А тоа значи: ако јас работам 8 часа во денот и можам да одржам 8 наставни часови дневно, тој работи 300 пати повеќе, односно би можел да одржи 2.400 часови дневно. Ако јас говорам 2 јазика (еден мајчин и еден странски), тој говори 600 јазици. Ако јас можам дневно да напишам 20 странички текст, тој може да напише 6.000 страници.

Е, со таков суперчовек нема споредба. Признавам – подобар е.

Значи, она „способен“ не може да биде одговор за тоа како се заработуваат 2,4 милиони евра годишно. Или сепак може? Тој анонимен човек, можеби ги нема моите, но затоа има некакви други способности. Тоа пак значи дека моите филолошки способности, а тоа се пишувањето, држењето настава и знаењето странски јазици – не се баш и некои способности во ова општество. Односно, тоа значи дека за да заработиш толкави пари, треба да имаш некои ПОСПОСОБНИ способности од моите. Кои се тие?

Не знам, искрено да ви кажам. Не можам да замислам такви способности, макар тие се криеле и под етикетата „менаџерски“. Знам дека и најспособните менаџери што ги познавам не се толку способни колку анонимниот менаџер-фармацевт. Единствено што можам да насетам од целата ситуација е дека – има пари во трговијата со лекови. Од тоа, пак, заклучувам дека или има многу болни, или лековите се прескапи, или и двете заедно. Но и тука имам проблем со логиката: јас работам како даскал. И кај мене има многу неписмени, учебниците се скапи, се плаќа и школарина, па повторно нема факултет (а камоли поединец) што за година заработил 2,4 милиони евра.

Има и уште еден аспект во сета таа работа, ама тој аспект никој умен што живее во капитализам не го чепка, дури не го ни гледа. Смее ли, од морална гледна точка, човек да се богати од лекови? Смее ли да се живее од туѓа болест? Или обратно: ако сиромав човек влезе во некоја аптека и ограби лекови што му се потребни, а немал пари да ги купи – дали тоа ќе биде кривично дело?

Но тоа се само морални бесмислици! Кој денес мисли на моралот? Кој сака да се утеши, нека си ја чита „Смртта на западот“ од Освалд Шпенглер, нека не нé дави со вакви дебилни колумни!

Така, ако ги оставиме овие „моралистички“ дрдорења, од сето ова може да се извлече само еден личен поразителен заклучок: јас сум си ја промашил професијата (ако сум сакал многу пари). Односно, ако сум среќен со она што го работам (а сум среќен), не треба да кукам, без разлика што сум само 0,3 отсто човек. Едноставно, во капитализмот, за кој се залагаме, има поспособни способности и помалку способни способности. Така е и во светот. Не можеш како даскал да се мериш со заработувачките на артистите од Холивуд, или со оние на фудбалерите и на кошаркарите. Така е секаде. И јас треба да бидам благодарен што тој анонимен менаџер бил, згора на сé и џентлмен, па решил да не ја изигра државата и пријавил коректно колку заработил. Сега ќе плати на таа заработувачка данок, парите од неговите енормни менаџерски способности ќе се слеат во буџетот, од кој јас, како крлеж цицам секој месец плата. Шемата е таа – тој ме храни мене, и јас нема што да протестирам. Дури, би требало да бидам благодарен. И да се молам на бога да имаме што повеќе такви способни луѓе со поспособни способности од моите. Моите дела не се дела, неговите – се.

Толку за тоа како се заработуваат 2,4 милиони евра и за капитализмот. Со општествениот систем ти е исто како и со бојата на кожата и родителите – не можеш да ги избереш. Или прифати, или замини. Тоа ви е веќе целосно биолошка категорија што нема врска со општеството – та социјалните револуции се веќе одамна мртви. Е сега, можеме да цепиме влакна со секира, па да кажеме дека сепак има и похумани капитализми од нашиот. Кога би живеел во САД, на пример, и кога таму би бил универзитетски даскал, јас би бил 3 отсто човек наместо 0,3 отсто. Принципот би бил ист – не сум 100 отсто човек, ама би имал 10 пати повеќе одошто овде.

Сега, за спротивното прашање – како да се потрошат тие пари? И дали нивното поседување предизвикува некакви последици?

Прво – тешко се трошат. Дневно треба да трошите по 7.000 евра. Затоа, веројатно тие пари ќе се складираат во некоја странска сигурна банка. Тешко дека ќе се вложат овде за да се отвори нешто, да се вработи некој. Па гледате – ни странците немаат смелост да вложуваат овде, камоли нашиве. Не се улави. Не е стабилно. Значи, тие пари ќе бидат мртви пари за општеството. Пари под перница. Пари за идните поколенија на оној што ги заработил.

Тоа пак значи – тие идни поколенија не ќе мора да работат. Ќе бидат во категоријата „невработени“. Ете како расте невработеноста во Македонија! И сигурно е едно – во секое време, кога ќе згусти овде, кога ќе се јави проблемот со името, или кога ќе се види дека државата оди во погрешна насока – ќе имаат каде да заминат. Да студираат, да станат луѓе и конечно – да се вработат! Да си го остварат основното човеково право, кое нивните предци им го одзеле.

Авторот е универзитетски професор и писател
  
   
Автор: Венко Андоновски 

 http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11911942514&id=13&prilog=0&setIzdanie=22426