19.01.2013 год.

Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид денеска ќе го промовира 3Д проектот за реконструкција на „Св. Пантелејмон“, што се наоѓа на археолошкото наоѓалиште Плаошник

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид, денеска ќе го промовира 3Д проектот за реконструкција на базликата „Св. Пантелејмон“, што се наоѓа на археолошкото наоѓалиште Плаошник, Охрид.

Презентацијата се одржува во рамки на „Првата меѓународна конференција за културно наследство, медиуми и туризам“.

Трикоридорната ранохристијанска базилика на локалитетот Плаошник претрпела неколку промени низ вековите. Овој проект вклучува визуелна реконструкција на сите фази: црквата пред Св. Климент Охридски, за време на Св. Климент Охридски и црквата после неговиот живот.

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ работи на овој проект во соработка со Музеј Охрид под менторство на познатиот археолог Владо Маленко.

Визуелната реконструкција на археолошки наоѓалишта и споменици, односно создавањето 3Д модели и виртуелна реалност со помош на графичка техника (3Д, МАX, МАYА)станува еден од најактуелните методи за документација на археолошкото наследство, но исто така и за промоција на културното наследство пред јавноста, се наведува во соопштението од Универзитетот.

Извор: Утрински весник