АРХИТЕКТОНСКО ЧУДО

 

Француската метропола Париз наскоро ќе ја добие градбата што го прочистува воздухот. Во прашање е најновиот проект на архитектот Винсент Калебо. Нему ова не му е прв проект со кој го манифестира своето залагање за еколошки чиста архитектура. Користејќи ги т.н. зелени техники за градба и зелените технологии, Калебо конструирал визуелно импресивен центар составен од две конструкции со место за јавни собири, галерии, ресторани и градина. Објектот треба да биде изграден во 19. арондисман. Основата на проектот го сочинува „соларна чаша“, елиптична конструкција која ќе биде поставена на пруга што повеќе не се користи. Внатрешноста на објектот ќе има 250 квадратни метри фотоволтни плочи обвиткани со титаниум диоксид. Фотоволтниот систем создава електрична енергија додека титаниум диоксидот заедно со ултравиолетовите зрачења стапува во интеракција со честичките во ваздухот, притоа ги разградува органските загадувачи и на тој начин го намалува загадувањето на воздухот

- Благоадрејќи на ефектот на фотокатализатор, би требало да се апсорбира и рециклира облакот од штетни гасови што настанува како последица од густиот сообраќај - вели Калебо. Под надворешниот слој што го голта смогот во зградата би се наоѓале места за јавно собирање, со централен двор во кој би требало да се одржуваат курсеви за урбана екологија и обновлива енергија. Исто така, предвидено е „соларната чаша“ да ја собира дождовницата од покривот, што потоа ќе се користи за потребите на зградата.

„Ветровитата кула“, втората компонента на еколошката градба на Калебо има спирален облик и на фасадата има поставено вегетација и еолски турбини што ја фаќаат енергијата на ветрот. Посетителите се качуваат со помош на т.н. рампи и минуваат низ музеи. На крајот стигнуваат до покривот од кој се простира прекрасен поглед на Париз. Оваа градба претставува нов урбан простор што се напојува со обновлива енергија и позитивно влијае на животната средина. Според зборовите на архитектот Калебо, зградата „сама за себе е доволен незагадувач“ и би можела да помогне во прочистувањето на загадениот центар на Париз, јавуваат светските агенции.

Извор: Дневник