Црквата на плоштадот Македонија ќе се гради според идејното решение на третонаградениот труд на конкурсот, чии автори се архитектите Искра Атанасова и Владимир Лековски. Таква одлука донесе Комисијата при Министерството за култура, составена од археолози и теолози. Комисијата реши да не додели прва и втора награда за трудовите што пристигнаа на меѓународниот конкурс за идејно архитектонско решение за изградба на православен храм на плоштадот Македонија.
Државниот секретар во Министерството за култура, Елизабета Канческа- Милевска, вчера соопшти дека е откупено и идејното решение на архитектите Игор Котларовски и Александар Дејкоски. Од Министерството за култура велат дека третонаградениот проект е во согласност со каноните на православието, но дека до авторите на третонаграденото идејно решение Комисијата доставила неколку сугестии што треба да се имплементираат според црковните канони.На меѓународниот конкурс беа пристигнати 17 трудови, од кои осум домашни и девет странски. Беа предвидени три награди за најдобрите идејни решенија. За првата награда, авторот требаше да добие 400.000 денари, за втората - 250.000 денари, а за третата - 150.000 денари.
 Максималната височина на црквата, колку што е дозволена за сите објекти во строгиот центар на Скопје околу плоштадот, треба да биде 29 метри, а камбанаријата - според канонските прописи - до 50 метри.Изградбата на црквата треба да почне кон крајот на годинава. Се чека на согласност за локацијата од Градот Скопје, по што, како што велат од надлежното министерство, ќе следи подготовка за изградба.
Градот Скопје вчера дал негативно мислење за сите објекти што се предвидени во предлог-измените на детаљниот урбанистички план за „Малиот ринг“. На Општина Центар и' било посочено дека измените не се во согласност со Генералниот урбанистички план и дека има недостатоци од сообраќаен урбанистички аспект. Препораката била дека за такви значајни урбанистички планови за уредување на централно јадро, Општина Центар, заедно со Градот и државата, треба да организира меѓународни и анонимни конкурси, на кои ќе се добијат најадекватни решенија за центарот на метрополата.
Како што соопшти Љупчо Пандиловски од одделението за односи со јавноста на Град Скопје, Секторот за планирање бара Општина Центар, како подготвувач на ДУП, да одржи средба на која ќе се бараат најповолните решенија за урбанистичко уредување на централното градско подрачје. Таква средба барало и Партиципативното тело составено од експерти и градски советници, кое ги разгледувало предложените измените на ДУП за „Мал ринг“. Измените беа повлечени од Општина Центар по несогласувањата со Градот.
Црквата треба да се гради меѓу кафеаната „Дал мет фу“ и поранешната стоковна куќа „Типо“ со пари од државниот буџет, по иницијатива на премиерот Никола Груевски, која едногласно беше прифатена од целата Влада. Образложението на владиниот портпарол Ивица Боцевски беше дека во близина на плоштадот се наоѓал храмот „Свети Константин и Елена“ и дека на плоштадите во речиси сите европски метрополи има цркви.
Најавата дека на плоштадот ќе се гради црква со државни пари предизвика остри и поделени реакции и кај граѓаните и кај експертите. Повеќе архитекти не се согласија дека на предвидениот простор треба да се гради црква висока 29 метри, а граѓаните потпишуваа интернет-петиција против храмот. За името на новата црква ќе реши МПЦ.
Анела Петрова- Дневник 
Посети:{moshits}