На свеченоста во Париз ќе се одржи обемно излагање за црквата „Св. Ѓорѓи“ изградена во 12 век кај преспанското село Курбиново, редок бисер на светската византиска уметност

Кутија-штафета во која се собираат писма, сведоштва за состојбата на културното наследство во повеќе европски земји, патува низ континентот и на 11 октомври, во Париз, ќе му биде предадена на Тибор Наврачич, еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт. Кутијата како симболичен факел ќе му биде врачена на завршната конференција на иницијативата „Факел на културата и наследството“ (Torch of Culture and Heritage), која се одржува во рамките на одбележувањето на Европската година на културното наследство (EYCH2018). На свеченоста во Париз ќе се одржи обемно излагање за црквата „Св. Ѓорѓи“ изградена во 12 век кај преспанското село Курбиново, редок бисер на светската византиска уметност.



Панче Велков: Светот треба да слушне за Курбиново

- Црквата „Св. Ѓорѓи“ е од клучно значење за Македонија. Фреските од Курбиново се едни од најзначајните артефакти од византиската цивилизација во светот. А во црквата се води конзервација под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, под раководство на Ристо Палигора, советник-конзерватор од Битола. Ова е исклучително значаен проект на кој „Македонида“ му дава меѓународна димензија – објаснува д-р Панче Велков, инженер-конзерватор, културен менаџер и претседател на Здружението за валоризација и промоција на културното наследство „Македонида“.

Тој во Париз ќе има излагање за Курбиново, за значењето на црквата, за конзерваторскиот проект на овој исклучителен споменик на културата. На конференцијата ќе присуствуваат нашиот министер за култура Асаф Адеми и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска.



„Архангел Гаврил“, една од најубавите фрески во византиската уметност воопшто

Иницијативата е на „Иднина на религиозното културно наследство“ (ФРХ) со седиште во Брисел, каде што членува „Македонида“. Во рамките на одбележувањето на Европската година на културното наследство утре во Скопје ќе се одржи конференција посветена на Курбиново, на која ќе присуствуваат реномирани учесници од земјава и од странство, а во галеријата во Чифте амам ќе биде отворена изложба на фотографии.

- Светот, во буквална и во фигуративна смисла, треба да слушне за Курбиново и за нашите напори. Луѓето во Европа, па многумина и во Македонија не знаат за фреските во Курбиново, не знаат каде е црквата, колку е стара, зошто е толку значајна. За охридските цркви се знае многу повеќе, иако ни тоа не е доволно – вели Велков.



Црквата подолго време е во фаза на конзервација, која почна, но стагнира

Според него, не случајно светски познатата историчарка на уметност Лиди Хадерман Мисгвиш од Белгија во 1969 година посветила студија од 600 страници на оваа црква.

- Таа е значајна на светско ниво, не само во Македонија или на Балканот. Фреските во оваа црква се исклучителни. Конзерваторскиот проект започна успешно, но сега е сопрен. Се надеваме дека ќе продолжи и дека ќе биде приоритет. Овој настан - конференцијата е обид да се изврши притисок врз македонската и врз европската јавност да се поддржи конзервацијата на црквата, но и на просторот околу неа. Се надеваме дека и ЕУ ќе обезбеди фондови за оваа намена. Сепак, најголема одговорност имаме ние. Курбиново е наше, тоа е македонско... дециден е Велков.



Олтарниот дел од црквата

На прашањето како Македонија се грижи за своето културно наследство, ако ја земеме црквата „Св. Ѓорѓи“ како репер, Велков одговара:
- Падни-стани. Курбиново заслужува поголемо внимание. Инвестицијата во Курбиново мора да биде приоритет.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ е мала, еднокорабна црква изградена во 1191 година, за време на владеењето на Исак Втори Ангел. Фреските важат за едни од најзачуваните и најубавите во византиската уметност. Пошироката јавност ја препознава фреската „Архангел Гаврил“ од банкнотата од 50 денари, која е преземена токму од оваа црква.

 

27.09.2018  
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Лектор: Ивана Кузманоска

Извор: https://www.fakulteti.mk/news/27092018/padni-stani-vaka-se-grizhime-za-kulturnoto-nasledstvo-evropa-kje-ja-vidi-crkvata-vo-kurbinovo