Неуморната хуманитарна работа на шест жени секојдневно храни стотици сиромашни граѓани, во последната народна црковна кујна што остана во Скопје, во рамките на христијанската социјална служба „Ѓаконија“. Александра Илиевска, Струма Стојчевска, Љубинка Митовска, Снежа Атанасовска, Душка Kорицинска и Ружа Зврлеска се петте волонтерки што веќе 15 години работат во кујната во рамките на црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров. Доаѓаат секој ден – и лете и зиме – освен за викенди, пишува Дневник.


589E496E15A50D409EE108DFB102A4AD

Иако повеќето од нив се во години, од 55 до 60-годишна возраст, тие секој ден се на своето мисионерско место и на нозе се осум до девет часа. Не живеат во близина на црквата, напротив. Некои од нив доаѓаат и од најоддалечениот дел од градот и менуваат по два автобуса за да стасаат и да ја исполнат својата мисија – да им помогнат на оние на кои најмногу им треба помош. Дел од жените имаат свои пензии, а едната од нив дури нема никакви сопствени средства, туку чека да стане корисник на социјална помош.

Едни јадат, други чекаат

- Таква ни е душата. Сакаме да правиме добро бидејќи знаеме дека ќе ни се врати на ист начин – одговара Љубинка Митовска на прашањето што ја мотивира да биде хумана, што ја поттикнува да помага и толку години да готви за луѓе кон кои животот бил суров.

За себе кажа дека била попска жена. Целиот живот одела во цркви и во манастири, а во кујната работи од 1999 година.

Kујната се наоѓа кај задниот дел од црквата „Свети Петар и Павле“. Трпезаријата е мала, едвај собира 20-ина луѓе. Отворена е за сите граѓани, без разлика на полот, староста или религијата. Оние што доаѓаат да јадат, доколку е полно, мора да почекаат претходните корисници да станат. Дента кога ги посетивме, на масата имаше сервирана салата од туршија, внимателно исечкана, а за ручек компир-манџа. Во ходникот оние што дошле да јадат во кујната или, пак, да понесат за дома, трпеливо чекаа да заврши готвењето. Не правеа муабет меѓу себе, беа тивки, само чекаа храна.

Ги прашавме волонтерките дали ги познаваат оние што доаѓаат, дали комуницираат со нив, им ги знаат ли судбините или, постои дистанција по желба на луѓето што ја посетуваат кујната.

- Зависи. Повеќето не сакаат да зборуваат за себе, но со многумина се знаеме добро – велат тие.

Оценуваат дека бројот на оние што доаѓаат по топол оброк во народната кујна расте од година на година. Пред две години доаѓале педесетина, а сега и над 150, раскажува Митовска, но додава дека во меѓувреме, лани, црковната кујна во „Света Петка“ во Црниче била затворена.

Ретко кој сака да работи без пари

Шесте жени се дел од хуманитарната самофинансирачка организација „Ѓаконија“, која пред 15 години ја формира митрополитот брегалнички Агатангел. Таа е одделена финансиски од Македонската православна црква, односно организацијата работи со донации. Сами плаќаат струја и вода со парите што добрите луѓе ќе им ги наменат, а приготвуваат храна од продукти што им ги донираат граѓани, организации, општини, амбасади… Донациите што ги добиваат генерално се зеленчук, зејтин, брашно и други продукти, а понекогаш добиваат и пари. Последен пат Општината Ѓорче Петров им обезбеди годишни бесплатни билети од ЈСП, за да не мора да плаќаат за патувањето.

- Луѓето доаѓаат со желба да дадат нешто за душа, за слава, родендени, свадби, кога има некој повод. Една студентка, на пример, дојде со ориз, грав, зејтин, пред да полага испит, а откога положи, повторно дојде да направи себап – се потсетува Александра Илиевска.

Но, како што констатираа сите, донациите с` повеќе се намалуваат, па повикаа на поголема хуманост. На прашањето зошто се само шест жени за сиве овие години и дали тоа значи дека во метрополата нема други хумани луѓе што би работеле само поради мотивот да помогнат на друг, креваат раменици.

- Има хумани луѓе, само не сакаат да работат без надомест. Доаѓаат, но кога ќе слушнат дека не се даваат пари за сработеното, си ја фаќаат вратата -посочи Илиевска.

Освен оваа народна кујна, во Скопје работат и шест кујни што во изминативе години ги отвори Министерството за труд и социјална политика.

Јорданка Ивановска за Дневник

13.04.2014 год.

Преземено од: Денешен весник