3.angeli.so.truba

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Лектор: Ивана Кузманоска


Во аулата на прочуената, филолошки и математички строга крагуевачка гимназија, каде што учеле и други видни уметници и политичари од цела идна СФР Југославија, сѐ уште на видно место стои фотографијата на Конески, како првенец, вели Андоновски

Венко Андоновски е автор на драмскиот текст „Изрешетени души“, според кој годинава ќе се изведе традиционалниот сценско-театарски спектакл „Големиот школски час“ во Србија. Станува збор за државна манифестација посветена на стреланите 3.500 работници и ученици во Крагуевац на 21 октомври 1941 година. Драмскиот текст ќе биде печатен на српски јазик, како дел од повеќетомната едиција „Голем школски час“, заедно со другите автори што пишувале на оваа тема.

За „Големиот школски час“ последниве 50 години сценарио пишувале и: Душан Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Милован Витезовиќ, Љубивое Ршумовиќ, Мира Алечковиќ, Бранко В. Радичевиќ, Драган Данилов, Видосав Стевановиќ, Оскар Давичо, Јуре Каштелан, Јеврем Брковиќ, Ричард Бернс од Англија, Андреј Базилевски од Русија, Ана Сантоликуидо од Италија...

Андоновски за Факултети.мк вели дека му значи ова признание од српските театарски колеги и писатели. Токму дел од својата фамилијарна приказна Андоновски открива во „Изрешетени тела“.


- Јас многу доцна се објавив на српски јазик, со два романа, а сѐ уште не ми е изведена ниедна драма на српски. Сме гостувале во Србија со мои претстави, сме оставале впечаток, и ете, некои писатели и режисери се сетиле да ме поканат и да ми укажат таква чест. Нема многу странски автори што пишувале сценарио за оваа нивна важна државна и културна, меморијална манифестација. Има во таа покана не само почит кон мене како уметник, туку и неколку други нешта. Прво, таткото на мојата мајка, мојот дедо Бранко е роден и стрелан во Крагуевац, а бил оженет со штипјанка, Слободанка. Мојата мајка Вера останала сираче во Крагуевац, а потоа дошла во Скопје на студии, кај Блаже Конески. Тоа е и темата на мојот текст - вели Андоновски.

Професорот дополнува дека токму во Крагуевац гимназија завршил Блаже Конески, таткото на македонскиот јазик. Во аулата на прочуената, филолошки и математички строга крагуевачка гимназија, каде што учеле и други видни уметници и политичари од цела идна СФР Југославија, сѐ уште на видно место стои фотографијата на Конески, како првенец, додава Андоновски.

- Крагуевац и Србија со тоа пред сѐ му оддаваат признание нему, не мене. Се гордеат што бил нивен ученик и што идната граматика и речникот на македонскиот јазик ги напишал и редактирал со одлично филолошко образование, стекнато токму во Крагуевац. Сите тие работи се споија во едно и така се случи Големиот школски час годинава заслужено да биде виден во македонска светлина - вели Андоновски.

Режијата на спектаклот ѝ е доверена на младата, но веќе истакната режисерка Јана Маричиќ, а улогите ги толкуваат еминентни српски актери. Театарскиот спектакл, како и секоја година, ќе оди со директен пренос на Српската телевизија, на 21 октомври, кој е прогласен за државен празник.

На тој ден, на Големиот школски час, во паркот Шумарице, каде што е извршено стрелањето, присуствуваат повеќе илјади луѓе и државниот врв на Србија.

 

https://www.fakulteti.mk/news/02092020/venko-andonovski-kraguevac-se-gordee-shto-koneski-uchel-vo-tamoshnata-gimnazija-golemiot-shkolski-chas-zasluzheno-kje-bide-viden-od-makedonska-svetlina