Скопје, 2 ноември (МИА) - Во периодот од 18 до 20 век пред нашата ера постоел народ со извонредно познавање на Сонцето и Месечината кој ја познавал тајната на затемнувањето на овие небесни тела. Овој народ создавал лунарен календар и го организирал своето живеење според него, ова го потврдуваат четирите посебни маркери за набљудување на почетниот циклус на затемнување на Сонцето и Месечината кои се откриени на опсерваторијата во Кокино стара повеќе од 35 века, изјави денеска Ѓоре Ценев, раководител на археоастрономските истражувања на опсерваторијата.

- Археоастрономската анализа резултираше со две значајни откритија кои, всушност, го дефинираат лунарниот календар од Кокино, а помагаат и во мерење на лунарните месеци во должина од 29 и 30 дена, рече Ценев,на денешната прес-конференција. 

Според него, циклусот затемнувања се повторува по извесно време, а тој период е познат како Сарос и има должина од 18 години 11 дена и 8 часа. Во Сарос има вкупно 70 затемнувања. Пресметано е дека по три сароси, односно на период од 54 години и 34 дена ќе се следат затемнувањата на Месечината од истото место и во исто време. Тие не го знаеле циклусот Сарос, но имале совршено познавање на тригодишниот циклус, објасни Ценев. 

Најстариот откриен маркер на Кокино е од 1917 година пред наша ера. Маркерите се на растојание од 54 години и 34 дена и другите се од 1863 година, 1809 година и 1755 година пред нашата ера, објасни раководителот на археиастрономските истражувања, кој посочи дека по 1700-та, односно меѓу 15 и 17 век п.н.е. не постојат маркери, што би значело дека нешто се случило тогаш. Мистерија е дали тој  народ  исчезнал или го сменил култот.

- Народот од дамнина верува дека постојат три света нашиот, горниот и долниот свет, но овие народи кои опстојувале пред 4000 години живееле во единство со светот. Има голема разлика со тоа каков однос имале тие луѓе со вселената. Но, треба да се посочи дека тие имале огромна власт со тоа што ги предвидувале затемнувањата. Луѓето отсекогаш затемнувањето го поврзувале со магиски и лоши сили па затоа и се плашеле од тоа, истакна Ценев.

Во 2001 година архелогот Јовица Станковски од Народниот Музеј во Куманово  во близината на селото Кокино откри големо наоѓалиште на керамика од бронзениот период. Локалитетот зафаќа површина од околу 5000 м2 скалесто поставен на две платформи веднаш под планинскиот врв Татиќев Камен со надморска висина од 1013 метри.

На денешната средба со новинарите, одговорните од Планетариумот МКЦ апелираа уште еднаш дека локалитетот Кокино мора да биде заштитен, дека тој е од непроценливо богатство и дека се уште во Македонија нема туристичка понуда за овој локалитет. Тие во моментов работат со средства од американската влада,  во износ од 23 илјади долари. Од релевантните институции во земјата се бара заштита на локалитетот за кој интерес има и од УНЕСКО.  фп/хс/8:23