Во Македонија има многу талентирани музичари, но недостига соодветна и покомплетна едукација. За оперски пејач не е доволно само да работи на својот глас туку и да знае повеќе јазици, актерска игра, танц, мечување и други вештини со кои се среќава на сцена. Диригентот, пак, мора да вежба со жив оркестар, без такво искуство не може да се земе диплома, вели Хорнер, режисерка на „Хофмановите приказни“
 

 

Урсула Хорнер

УРСУЛА ХОРНЕР, АВСТРИСКА РЕЖИСЕРКА

Со првата продукција реализирана на сцената на МОБ, Росиниевата „Италијанка во Алжир“ во 2007 година, австриската режисерка Урсула Хорнер внесе нова енергија на сцената на нашата оперска куќа, промовирајќи активен и динамичен музички театар. Оттогаш до денес на сцената на МОБ постави неколку оперски продукции, а нејзино беше и режиското видување на „Хофмановите приказни“, со кои се отворија „Мајските оперски вечери“. Она што е најспецифично и по што од километар се препознаваат нејзините оперски поставки се динамичноста и енергичноста наспроти статиката што главно доминираше во продукциите што се поставуваа на нашата сцена.

Што ви беше мотив да ги поставите „Хофмановите приказни“ во Македонија?
- Приоритет ми беше да покажам дека во македонската опера е можно да се реализира висококвалитетна претстава што може да се мери со светски оперски куќи. Мислам дека успеавме да направиме квалитетна продукција на „Хофмановите приказни“, која ќе има долговечен живот на сцената на МОБ.

Од режисерот зависи динамиката во претставата, дали ќе биде жива и енергична или здодевна и статична. Како успевате да ја избегнете статиката во вашите оперски поставки?
- Мојата визија е во директна корелација со сите аспекти што се важни за создавање квалитетно музичко-сценско дело. Важни се повеќе работи, не само сценското движење, кое секогаш претпочитам да биде динамично, туку и максимално искористување на потенцијалите на уметниците, визуализацијата преку сценографијата, костимографијата и дизајнот на светло. Сепак најважно од сѐ е да се направи претстава што ќе биде разбирлива за публиката без да ги чита титловите. А тоа може да се постигне само преку успешно вклопување на сите овие аспекти.

Македонија е ваш дом веќе неколку години, а вашите режисерски видувања се редовна содржина на програмата на МОБ. Доаѓате од татковината на класичната музика, од Австрија, па може ли да направите паралела со Македонија?
- Во Македонија има многу талентирани музичари, но проблем е несоодветната и некомплетна едукација. За оперски пејач не е доволно да работи на својот глас туку и да знае повеќе јазици, актерска игра, танцување, мечување и многу други вештини со кои се среќава на сцена. За диригентите, пак, мора да биде приоритет практичното вежбање со жив оркестар. Не ми е јасно како може да се земе диплома без такво искуство.

Современиот режисерски пристап доминира во вашите поставки. Што е најважно во режирањето оперско дело?
- Почитта кон авторите, кон творците на музичко-сценските дела што ги поставувам на сцена - тоа ми е најважно кога работам. Делото може да се адаптира во легитимни рамки, но смислата и идејата на авторот мора да бидат испочитувани. Многу е важно да се знае за каква публика е наменет проектот, дали ѝ се обраќа на помлада или на поискусна публика. Во принцип, кога работам на претстава што никогаш претходно не била изведувана повеќе се задржувам на оригиналот. Претстави што веќе биле поставувани на сцена се трудам да ги прикажам од друг агол.

Дали недостигаат повеќе современи продукции на сцената на МОБ, чиј репертоар главно се фокусира на железниот репертоар?
- Морам да одговорам на ова прашање со контрапрашање. Што е железен репертоар? Ако зборуваме само за Верди и за Пучини, тоа е многу лимитиран облик на дефиниција на железен репертоар. Во другите оперски куќи железниот репертоар е многу пошаренолик и е составен од повеќе различни автори, а дополнет е и со мјузикли, оперети и разни форми на оф-програми.

Го инициравте едукативниот проект „Клинг кланг“ наменет за најмладата публика. Помагаат ли ваквите форми во едукација на најмладите и создавање нова оперска публика?
- Многу генерации веќе го имаат загубено контактот со класичната музика, па дури и се плашат да стапат во контакт со неа. Затоа, овие проекти наменети за најмладите се повеќе од потребни. Преку нив тие ги прават првите контакти со т.н. сериозна музика, преку игра и без предрасуди.
  
   
Автор: Ангелина Димоска- Нова Македонија

12.05.2013 год.