Сузана Прендиќ е сликарка од Скопје. Со уметничко образование се стекнала во родниот град Скопје, а патувајќи низ бивша СФРЈ, учела од познати мајстори на уметноста, како на пример, познатиот Џамоња од Хрватска. Во нејзиниот дом има ателје, а сликите до пред извесно време ги продава низ скопските галерии. Во последно време го користи интернетот за продажба на своите дела. Интернетот, вели, е добар начин за промоција на работата на уметниците од целиот свет. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. А приватно, е 28 години во брак и мајка на две возрасни деца. Нејзините денови вели се исплнети со радост, работа, љубов и благодарност до Бога, но и до се’ што дише и е дел од нашето опкружување.



Кога се роди љубовта кон уметноста кај вас?
Не се сеќавам како изгледа да живеам без уметноста. За мене тоа значи дека отсекогаш си припаѓаме една на друга.
Препознатливи сте по творештво поврзано со Светото писмо. Дали таков беше и вашиот  почеток или мотивите од христијанството дојдоа подоцна?
Секое важно сознание спие во нас додека не дојде вистинскиот учител да го разбуди .Така е и со христијанството, се’ што учиме отсекогаш спиело во нас.Јас така гледам на работите.Оваа мисла ми ја откри мојот омилен писател и колега Кахлил Гибран.


Колку изложби имате досега?
Имам учествувано на многу групни изложни, а досега имам пет мои самостојни изложби. Имам гостувано со изложби и во Хрватска, поточно на живописниот остров Корчула во една прекрасна преадаптирана црква во галерија. Токму таму гостував со својата изложба „Чувари на вистината“. Изложбата беше составена од 20 икони и беше прекрасен предизвик кој предизвика големи симпатии и искрени пријателства кон еден сликар од Македонија.
 
Која техника користите?
Најчесто користам маслена техника, иако исто така многу имам изработено и во сув пастел.


Кој правец во уметноста ви се допаѓа?
Импресионизмот ме плени со својата посебност на изразување на емоциите, а омилени ми се неговите пионери Монет, Реноир и Писсарро...


Можете ли да ни кажете како создавате едно дело?
Секое мое дело започнува најпрво во мене, кога Божјата рака ќе ја почувствувам во вид на милост. Има автори кои започнуваат со работа секогаш кога имаат некаква „дразба“ за изразување. Јас сакам да кажам и нацртам тогаш кога чувствувам радост и исполнетост. Сликата е печат на една емоција која понатаму ќе зрачи во просторот! Тоа сознание ме прави одговорна во моето сведоцење на благодарност на Бога.

 
 
Дали ви се случило да добиете и негативни критики и како реагирате на нив?
Не се сеќавам дека сум добила негатвна критика. За мене сите добронамерни критики се корисни,а другите не ги ни паметам.
Дали некој автор влијаел врз вашиот стил?
Се обидувам над мене влијание да има само Творецот.
Бог нели рече: По делата ќе ве познаам!
Вашите слики се многу евтини за разлика од делата на другите автори. Зошто се одлучи да ги продавате делата по симболична цена?
Не би рекла дека моите дела се евтини.Тие се само доволно прилагодени на условите во кои живееме. Се’ зависи од техниката на изработка.Но, најискрено, јас толку уживам во својата работа, што на крај ми е и дури „незгодно“ да наплатам за своето уживање. Се шегувам, секако. Но, секогаш гледам да ја прилагодам цената на сликата за таа да си го пронајде својот вистински сопственик затоа што уметноста за мене е ширење на радост со креација на убавина. Убавината не се чува во залихи. Таа се шири сите да уживаат во неа!


Може ли кај нас да се живее од уметноста?
На почетокот на моето творештво се плашев да ги продавам своите дела мислејќи дека никогаш повеќе нема да нацртам толку успешно и за секоја следна слика го доживував истото . Но, еден мој професор ми кажа за „изворот“ и за неговата непресушност. А јас самата кога станав мајка доејќи ги своите деца ја сфатив вистинската вредност на дарувањето. Колку повеќе даваш од себе- толку повеќе доаѓа повторно во тебе! Слава на Бога!
 
Што ви претставувало голем предизвик да насликате?
Одамна завршив со тој вид на предизвици. Но, можеби во иднина ќе смислам некој нов предизвик.Тоа е својствено за мене. Постојано пред мене да си поставувам предизвици. Не знам дали овој пат ке бидат поврзани со уметноста


Која е вашата најголема цел која сакате да ја остварите во животот?
Моето семејство и моите деца се моето животно дело.Сакам за нив секогаш да бидам позитивен пример.И секогаш со сигурност да се сетат дека имаат на кого да се потпрат секогаш кога суровоста на животот ќе им натежне. Да се сеќаваат и во идните генерации да ја сведочат радоста на живеењето.

Извор: МИА

Ирена Радовановиќ