Се обидувам да создавам креативци, индивидуалци...


Прилично честите излагања се всушност и причина за директно поврзување и комуникација со студентите, бидејќи тоа за нив е прилика да видат што работи нивниот професор, кои се неговите интенции, принципи... Во таа смисла доц. Јана Манева-Чупоска во својата изложба, закажана за вечерва, го користи класичниот израз на цртежот како базично сознание за нивната идна уметничка надградба


Академскиот сликар и доцент на Европскиот универзитет на Факултетот за арт и дизајн, Јана Манева-Чупоска по презентирањето на своите "Поврзувања" во Македонскиот центар во Њујорк, своја изложба ќе има и овде, во КЦ "Мала станица" (20 ч.), на која ќе се претстави со 28 дела цртежи. Изложбата е замислена како мултимедијална, бидејќи дел од нив ќе бидат прикажани како движење, на екран. Цртежите се работени во комбинирана техника, молив, туш и перо, дрвени боици, минимална примена на акрил...

Овој настан е и директен повод за разговор со доц. Манева-Чупоска, се разбира не одминувајќи го и нејзиното искуство како едукатор...

Колку во Вашата уметност е поврзан и едукативниот принцип во изразот, но и во комуникацијата со студентите?
- Фигуративниот израз, класичниот цртеж со перо и туш, како модел и интенција се всушност нераскинливо поврзани и директно имплицирани од предметите што ги предавам на Европскиот универзитет(Техники на цртање, Модна илустрација, Колекција и група предмети од постдипломските студии). Прилично честите излагања се и причина за директно поврзување и комуникација со студентите, бидејќи тоа за нив е прилика да видат што работи нивниот професор, кои се неговите интенции, принципи... Со тоа се создава и директна комуникација со идните дизајнери, кои црпејќи ги базичните сознанија ќе имаат и практично искуство, поврзано со нивната идна професија.

Дали тоа би значело дека интеракцијата е неодминлив дел од едукативниот процес?
- Апсолутно! Соработката со студентите и речиси секојдневната комуникација со нив, го премостува јазот на релација професор - студент и директно ги вклучува во уметничкиот процес...

Што мислите, колку студентите се поистоветуваат со Вашиот израз на творење?
- Многу внимавам на индивидуалниот израз и креативниот идентитет на студентите. Мојот израз е само мој и ако инсистирам да ме следат, тогаш би создавала "копии", а не уметници со свој креативен пат. Во оваа смисла се трудам да го пронајдам нивниот израз, ги посочувам на осознавање на нивните патишта, сакам и се трудам тие да навлезат во сопствената душа и преку неа да го најдат креативниот пат.

Постои ли рез помеѓу надворешниот и професорскиот свет, при чинот на творење?
- Нормално, приватно како и секој човек ги "впивам" влијанијата на надворешниот свет и случувања. Било тоа да се однесува на социолошкиот, економскиот или духовниот аспект на живеењето.

Колку сте задоволни од Вашето претставување во Њујорк?
- Интересно беше тоа што како израз, класичното творештво во Њујорк е одамна одминато. Во технолошкиот процес тие речиси целосно го користат компјутерскиот арт. Од тој аспект за многумина њујорчани - Американци беше чудно што некој се уште создава убава уметност, користејќи ги мануелните класични техники.

Извор.Вечер - Борче ГРОЗДАНОВ

Посети:{moshits}