Скопје, 6 февруари (МИА) - Во Македонската академија на науките и уметностите денеска беше промовиран „Театарскиот гласник“ бр.68-69 по повод јубилејот 30 години од излегувањето на специјализираното издание за театар.

Промотори на изданието беа актерката и доцент на Факултетот за драмски уметност Мими Таневска и професорот на Филозофскиот факултет Витомир Митевски.

- „Театарскиот гласник“ почна скромно без никакви знаци и посебни ветувања, без помпезни најави. Беше назначено дека тоа е гласник на Драмскиот театар. Споредбата меѓу најновиот и првиот број е индикативна и наспроти богато илустрираното издание од 2007 година со 230 страници, првиот број е правен на шапирограф, без илустрации со десет пати помалку страници и со безначајно мал тираж, рече Митевски.

Тој посочи дека „Театарскиот гласник“, кој содржи бројни биографии, текстови и сведоштва, имал улога во поглед на осознавањето на тоа кои сме и што сме преку разни текстови за театарот.

Мими Таневска, артист и доцент на Факултетот за драмски уметности истакна дека ова е јубилеј на сите создавачи и поддржувачи на театарот.

- „Театарскиот гласник“ е единственото списание на овие простори кое во со континуитет егзистира 30 години и во него се опфатени разновидни содржини како што се оргинални текстови, есеи, интервјуа, критички осврти, преглед на репертоари, лични ставови итн. „Театарскиот гласник“ е отворен за сите, не правејќи бариери и е живо огледало на сите случувања во театарскиот живот и сведоштво за претходните генерации, а воедно и патоказ за идните, рече Таневска.

Главен и одговорен уредник на списанието е Ристо Стефановски, кој посочи дека „Театарскиот гласник“ во изминатите 30 години исполнил над 6.000 страници кои претставуваат своевидна историја.

- „Театарскиот гласник“ е единствено списание за театар во Македонија и си го зазема вистинското неопходно и важно летописно место во историјата на македонскиот народ. Тој стана култно театарско списание кое прерасна во голем трезор на театарскиот дух на македонскиот театар и е трајно сведоштво за нас и нашите човечки и уметнички вредности, истакна Стефановски.

„Театарскиот гласник“ го издава Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Првиот број на списанието излезе во октомври 1977 година. рп/са/15:19