19042009

Збирката „Гладоморје“ го впредува митот за современиот човек кој е потиснат од општествените неприлики. Овие раскази се раскази за душата која страда, но наоѓа начин да го прегрне убавото во животот. Претставена е борбата на човекот како бесконечен ентитет наспроти животните феномени: животот/смртта, сиромаштија/капитализам, човечката отуѓеност/осаменоста... Протагонистите се ликови од соседството, со кои се разминуваме и поздравуваме, кои имаме чувство дека добро ги познаваме, но кријат длабоки лузни невидливи за љубопитното око: домаќинка угнетена од сопругот, деца кои се борат со гладот и половото насилство, експлоатирана текстилна работничка, писател растргнат помеѓу благосостојбата на своите ликови, дете со фантомски идентитет, мајка која е заборавена од своите чеда, татко кој својата амбиција болно ја наметнува на ќерка си.

 3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Магда

Ноќта кога ја грабаа Магда и месечината бараше засолниште во сонцето. Сводот раскопот го засенуваше, Пелагонискиот басен со златнораки жита го преплавуваше хоризонтот. Сѐ беше обратно, испревртено, ко собата невестинска и чеизот во курдела од срам завиткан.
Помрачината ги поцинкуваше ’рѓосаните ментешиња на портичето, што никогаш не ќе зачкрипи за сватовите, ниту пак куќниот пес во цвилеж ќе го пречека одамна изгубениот род по татко.
Магда имаше богат релјеф, педи под грлото, низини и висорамнини, брда и котлини. Нејзините усни беа неми карти на подрачја недопрени. Бемките ко јагули ѝ се мрестеа по образите, лете загоруваа и ќумурни координати на лицевото подрачје постануваа. Веѓи ко камбанарии имаше, а ги скорнеш, папокот во окото посивува, ко длабоко езеро без горски повој. Беше диват, кобила пуштена да галопира од детство до младештво, пркосна и спротивставена на самата себе. Не се потковуваше лесно олкав инает со врзопче лири или љубов на пареа, денес устата кажува, за утре носот да мириса лаги. Си ги беше варосала аберите, што ќе чуе за срце да не залепи, оти почудиштата не се корнеа ко тревите подросни. И така Магда заживуваше во селото, ко икона зад кандило, ко восок во пчелин сандак, во пех пренесен од вдовица на вдовица.


Зијанот за првпат в куќи влета кога мајка ѝ се премажи. И таа се расчешна меѓу желба и самотија, домаќинка со тапија и две деца, сама в гроба не стапнува. Си кандисуваа секакви вербини, откинати ко китки од најрасплодено стебло.
Ко што селаните милуваа да кажат, кај судбата прерано пресекла, к’сметот да не секне. Тој Ивче да ти бил беќар, бекрија, за женачка оглувен од гајдите и кавалчињата по меани. Ама желба на мајка му на умирачка, Ивче да се здипли крај пазуви врели, да накалеми брчки од рујна става место од чоканчиња и пагури, да се радува на семејната берба место таа во лозјата. И по кратко време, Трендафилка, вдовицата на пекарот Симе, стана Ивчовица. Со сеидба од две чеда се подготвуваше за следни плодила.


Камбанаријата чкрипеше без да ѕвечи, и верниците, посветени христијани, си битисуваа под Селечките Планини, кој со алтани под перници, кој со зборој алтани. Мештаните ручаа што чорбаџиите и печалбарите раздаваа за Задушница, а за Велигден се китеа кој со ново руво, кој со невеста. Берберите истрижаа и бради и волни, калапчиите најмуваа чираци, а кокичињата ’ртеа од подземи некојпат во март, некојпат во мај.
Магда стросана во волнена здолница со две грутки стуткани под ризата измолена, ја поткаструваше лозницата. Денот нужди набодуваше, сал’ сонцето храм позлатен ѝ заѕвездуваше. Ивчо ја беше кандисал, абер му сторил на печалбар од Рапеш. Магда под тулумбата си ги миеше стапалата, свесна дека не ќе ја стокми Рапешанецот лесно, чунки љубовта има тело, ама не и узди за водење.
Водата се пенеше, водопадуваше по мазните стапала, во коритото потемнуваше, а Магда песнопој рецитираше. Два алтанa во очите, еден пред тебе, друг по тебе.
Ивчо ја засени со рамениците на двата краја оптегнати ко катапулт. Низ брадата недобричена едвај наѕиркуваа усните, што по контактот воспоставен со Магда почнаа низ гората од влакна да шушкаат.
„Стројниците, чорбаџи, абер немаат да дојдат, да ме видат, по едно око да си фрлиме.“ Mагда коконата со самоглавиот табиет, пред чија личотија и коштревата се корнеше, ваквото непојавување ја стрпна.
„Спокој темјанушке, спокој. Што ќе ти е душа погласна од главата?“
Ивчо секогаш спушташе завеса на прашањата нејзини, и таа особина ѝ тревожеше клепки. Табиетот го разрануваше кога некој се обидеше да ја предизвика, а тие рани беа рани ајдучки, штом ги отвориш довека ќе крвават, ни билка ни корен не ги илисува. Низ отпарани усни зборот ко огин го фрлаше и кожата аждајска му се лупеше, од еден човек правеше два. Непредвидливиот Ивчо беше наострен самострел, а мајка ѝ Трендафилка, тешка жена, не по снага, по кандисување. Инаку во снагата беше слаба колку ланската слана.
А Магда си имаше некоја чудна ука. Читаше прикаски за вампири и разнолики почудија, за нивните лицеобразенија во обични луѓе и крволочните ѓаволштини што по селата мариовски ги правеле. Еднаш вампирот цело трло искасапил, па комшиите секирите ги закопале... во тиквите. Или другпат со човечки лик и копита на вол се крадел во собата на младата невеста и ја обљубувал.
Жедта од грло до грло се разгргори низ селото. Интересот нејзин за улериштата од Цепенковите расказанија навтаса низ устите на селските жени, малку заквасено од една до друга, во трета веќе претекло од мастрафите додавани низ секоја вилица, низ која се дробело и џвакало.
„Што зборувате бре сестри Рисјанки?“ Попот ја омрсува брадичката, абе момче штотуку запопено, до преѓе и тој очите место со вода на Mагда ги плакнел. Беља, беља. Селска ѓурултија...“, само поткажува дури собраните на неделното пеење дрдорат, без да се сослушаат.
Лозницата во дворот натежнува, лисјата се тресат и гроздовите паѓаат смачкувајќи се на цементото. Прозорецот во собата на Магда чкрипи и таа вчудовидена, снагата си ја затскрива.
„Чорбаџи, што правиш тука?“
„Ах, Магдо моја, зарем треба да прашаш? Во таа твоја мудра глава криеш верба за приказни детски, а не можеш да ми ја прочиташ душевината? Како можев на друг да те таксам? Таксана си за мене, ете, дојдов да те земам.“
Исплашено отстапува, се мисли што проговорува очувот нејзин, од беснило за какво Цепенков во клетварниците раскажувал, и пред да крикне, омалаксува. Шамивчето под усните натопено во некоја течност ја совладува. Таа е сега млитав труп нараменета во рацете негови. Ја изнесува од задниот влез на куќата и како стока ја товари зад шијата на коњот оседлан и готов за бегство. На Магда ѝ паѓа една страничка од под пазувите, ја криела како алтан, како семејна тапија. Ивче е јавачот на ноќта, сличен на оние јунаци што селата ги избавуваа од натприродните фурии.
Утредента и Магда и Ивче ги немаше. Само таа страничка, за невестата што умрела на денот на свадбата и ко привидение ги маѓепсувала и занесувала ноќните патници, се вее со едниот ќош зафатена под еден камен. Трендафилка насетува, сврдли бушат до срцето и на раат не ја оставаат. Мајка е, а таа врска не се губи ни кога едната страна поврзана, подземи заминува. Ко слепа утка патот во мракот го наоѓа.
Ноќта кога Магда ја грабаа сите вампиролики суштества заживеаја зад селскиот атар. Од рибата со орелски крилја и волчји заби што по полноќ излегува од потокот и ги одвлекува во длабочините ноќните капачи до кобилата оплодена од човек што со еден галоп преминува од Галичица до Ниџе. Се раскажуваше за нив и откако газиената ламба ќе догореше.
„Ете, попе. Меѓу нас живеела вештица. Кој знаел.“
„Јас да ти кажам знаев. Знаев дека има нешто маѓепсно во нејзината убавина. Мажите ни ги заведуваше со поглед. Бесчестива бестија.“
Од старо до младо прогнозираа. Сѐ по исчезнувањето на Магда беше ѓаволско дело, нејзините бемки намрестени и веѓите што потта ја насобираа и од жештини биеја. Дури и лозницата исуши, не поради осамнувањето на зимата, туку поради семето што Магда го сеела.
„Го заведе Ивче. Сирот тој. Го има отепано со оние нејзини нокти сабјарки.“
Трендафилка горко молчеше, сакајќи да верува во тестото смесено од селанките повеќе одошто сакаше да верува во сопствениот суд.
Ноќта кога Магда ја грабаа месечината се капеше во сопствениот отсјај, расплодена по езерата и соголените брда. Маглата натежнуваше, со куршуми од слана ги напаѓаше посевите, им задаваше тешкотија во дишењето на зовичаните. Мостот се прелеваше како прстен пред темното платно и сета природа беше како изведена од некоја приказна од Магдината книга. Децата кришум ги читаа и ноќе со дифтиците над глава заспиваа, во страв и бунило, поттикнато од некое сеопштo бессознание. Не беше ѓаволска работа нејзиното исчезнување, ѓаволот живее во човек, а човек е пострашен од секој вампир и приказната за него, пострашен од секој суд Севишен, зашто и ѓаволот од човек заљубен, од страст обземен, бега како попарен.

 

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Јована Матевска Атанасова.

 

 Друго:

  •      
    Гладоморје, четврта книга на Јована Матевска Атанасова

Kнигата Гладоморје на авторката Јована Матевска Атанасова е збирка на раскази психопатологијата на едно општество.Оваа е нејзина четврта книга по ред, а прва целосно посветена на нејзината омилена прозна форма-расказот. „Решив да вклопам дел од расказите под капата на една идеологија-големината на човекот, како бесконечен ентитет наспроти животните феномени- животот/смртта, сиромаштијата/капитализмот, човечката отуѓеност/опаѓањето на виталните импулси, осаменоста”, вели Јована за книгата.

https://tera.mk/%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D0%BC%D0%BE%D1%80%D1%98%D0%B5-%D1%87%D0%B5%D1%82%D0%B2%D1%80%D1%82%D0%B0-%D0%BA%D0%BD%D0%B8%D0%B3%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%98%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B0/?fbclid=IwAR2i9tO1OgQUHpZPZ2nukYpl2juSOYTYoDkNR4aODhgOzd5_WPNuSFfAdM0

 

 

  • Атанасова е избран за најдобар на најпрестижниот Конкурс за раскази „Живко Чинго“

https://babambitola.mk/raskazot-na-bitolchankata-jovana-gladomirje-najdobar-raskaz-na-konkursot-zivko-chingo/