Iskra.Doneva3

Од основањето во 1947 година, Друштвото е удомено на една од најатрактивните локации во Скопје, но во стар објект кој не ги отвора широко портите за лицата со попреченост

              Иако има 42 години, поетесата Искра Донева повеќе од две децении не влегла во просториите на Друштвото на писателите на Македонија кое се наоѓа во центарот на Скопје, на улицата „Макесим Горки“ која денес многумина ја препознаваат по јапонските цреши. Од основањето во 1947 година, Друштвото е удомено на една од најатрактивните локации во Скопје, но во стар објект кој не ги отвора широко портите за лицата со попреченост. Минатата недела во ДПМ беа одбележани два значајни настана – одбележување на јубилејот „80 години од кодификацијата на стандардниот македонски јазик“ со претставување на шестемина од новите осум членови на Друштвото и за првпат беше искористен транспортерот за пренос на инвалидски колички од тротоарот пред зградата до просториите на писателската асоцијација.

Iskra.Doneva2

        – Во ДПМ влегувам по речиси 22 – 24 години, не сум точно сигурна, но се сеќавам дека за прв пат бев кога почнував да студирам Општа и компаративна книжевност. Да можам, не би пропуштила ниту еден настан тука. Толку многу ја сакам книжевноста, ги сакам луѓето коишто пишуваат. Но, стрмноста на скалите и приодот до влезот на објектот беше навистина голем проблем. Иако, Друштвото на писатели на Македонија како позиција важи за уникатен дел од Скопје заради улицата „Максим Горки“, заради јапонските цреши. Се радувам што храмот на писателите конечно се отвори и за мене и за таквите како мене – вели Донева.

Iskra.Doneva

Покрај Донева, на промоцијата присуствуваа новите членови Атанас Бојаровски, Митко Гогов, Драгана Лукан Николоски, Хана Корнети и Лулзим Хазири (Милчо Мисоски и Симона Јованоска беа оправдано отсутни). Во своето обраќање Донева истакна што значи за неа да биде опкружена со портретите на бројните и значајни книжевни имиња, членови на ДПМ.

– И сега додека зборувам се ежам, бидејќи навистина таква ми беше и ѕвездата и судбината и водилката, да имам среќа да запознам многу од нашите стари великани, писатели, поети. Таквите моменти, спомените за времето поминато со нив во нивните работни соби ми се особено врежани во меморијата и ми останаа како аманет да го продолжам тоа што го правам. Најголемата моја радост, желба и свеченост беше кога ќе направам промоција на книга за да си ги соберам сите луѓе што ги сакам – вели таа.

Транспортерот „Антано“ е произведен во Италија. Обезбеден со помош на отец Пимен и „пријателите со големо срце“. Количката е донација од раководството на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Живко Грозданоски, претседател на ДМП објаснува дека уште пред две-три години размислувал како да им се овозможи на лицата со попреченост да влегуваат во Друштвото. Размислувал како да се дизајнира и да се мести монтажна рамка, дури и направил скица.

– Но, набрзо се покажа дека тоа би било тешко изводливо, а освен тоа и импровизација, ризик. Потоа истражував и други можности, но тие беа скапи, а ќе требаше и да се бара градежна дозвола, што многу ги усложнува нештата. На крај се покажа дека транспортерот е не само најевтина, туку и идеална опција – вели Грозданоски.

Со неколкумина разговарал за донација, но без големи очекувања. Еден ден, пред велигденските бил контактиран од отецот Пимен кој го посетил Грозданоски во ДПМ.

– Помеѓу другите теми, разговаравме и за оваа потреба. Тој беше полн со разбирање: не ми вети ништо, но рече дека ќе разговара со свои драги пријатели. Една недела пред настанот, отецот ме контактираше и ми кажа дека сумата (околу 180.000 денари) е уплатена на сметката на „Славеј“, фирмата за протетика и ортопедски помагала. Кога по некој ден му пишав дека сакам да ја објавам веста и го прашав како да бидат потпишани тој и донаторите, отецот ми одговори и рече „отец Пимен и пријателите со големо срце“. Не знам кои се пријателите, но тоа е соодветно. Иако оваа донација е по лична заложба на отецот, јас се надевам дека тие ќе станат систематска пракса на МПЦ, а зошто да не и на другите верски заедници – вели Грозданоски.

Iskra.Doneva1

Помагалото беше првпат употребено пред неколку дена на промоцијата на новите членови на ДПМ. Сите возбудени, помалку несигурни во првиот обид, им помогнал случаен минувач и се поминало во најдобар ред. Грозданоски вели дека творањето на вратите на Друштвото за лицата со попреченост, како и секоја форма на инклузивност, значи збогатување на животите.

– И на лицата со попреченост, и на животите на писателите, и на сите лица со типичен разбој кои не се соочуваат со предизвици. Инклузивноста е важна зашто од една страна е порака дека никој не смее да биде игнориран и оставен надвор од заедништвото, а од друга страна е лекција по понизност и хуманост, ценење на она што се има и што може да се загуби – вели тој.

Според Донева, донацијата на транспортерот ќе биде поттик и за другите луѓе да доаѓаат во ДПМ и да присуствуваат на настани со своите колички без разлика дали се поети, писатели или само посетители. Ѝ било необично и чудно влегувањето во ДПМ со помош на транспортерот.

Iskra.Doneva4

Живко Грозданоски и Искра Донева

– Сега треба да се навикнеме како сето тоа функционира. Јас никогаш досега не дозволував архитектонските пречки да ме спречат да отидам некаде. И додека бев на факултет, ако требаше, некој ќе ме кренеше на раце. Но овде, ниту на таков начин не можев да влезам бидејќи влезот е многу тесен. Навистина ја сакам дружбата со писателите и се радувам што ќе можам повторно да ги среќавам тука и да бидам дел од нив. Ова задоцнето примање во ДПМ за мене беше чиста формалност, бидејќи јас ја практикувам и ја живеам книжевноста секој ден од својата шеста година. Сепак, зачленувањето го доживувам како особена чест. Со тоа се признава она што сум го направила и напишала до сега, добивам повисок ранг на видливост, на вреднување – вели Донева.

(К.Б. – В.И.И.)

Фото: ДПМ и Наташа Гелева

 

https://umno.mk/po-dve-decenii-poetesata-iskra-doneva/?fbclid=IwY2xjawKPpn5leHRuA2FlbQIxMQBicmlkETFsWTQxMXhxQ3hoeXRwZ0I5AR5cESylExptVVtZEZTgye-r489bGl6whFe_ajCGdKRzBHda4jAjiMFEAAIlIA_aem_PpXpkc8u0b-KL7LjsVhYgg