Скопје, 18 април 2011 (МИА) - „Науката за македонскиот јазик - состојби и перспеткиви“ е прва од серијата планирани научни конференции за македонскиот јазик што ќе ги организира Истражувачкиот центар за ареална лингвистика од Македонската академија на науките и уметностите. На првата дводневна конференција за македонскиот јазик што се одржува денеска дискутираат лингвисти, а конференциите во иднина ќе бидат, исто така, тематски и јазикот ќе се разгледува од други релевантни аспекти.
Зборувајќи за идејата да се организира конференција, академик Зузана Тополињска од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика во воведната реч истакна дека во услови на процеси кои ја менуваат сликата на словенските јазици, неопходно е науката да се приспособи и да ги следи нив. Посочи и дека афирмацијата на јазикот зависи од обученоста.
- Кога следна генерација лингвисти пристапува кон истражувачка работа веќе е, барем делумно, дезавуирано она што го учеле за време на студиите. Потребно е постојано менување и ажурирање на научните помагала и, што е често најтешко, ажурирање на состојбите во мозоците на самите истражувачи... Во земјата треба да се подигне и да се осовремени обуката по македонски јазик, и како мајчин и како немајчин, и тоа по цела вертикала - од градинка до високото образование. Тоа мора да почне од врвот на вертикалата, прво да се подготви обемна, конкретна, кохерентна академска граматика на македонскиот јазик и дури тогаш може да се пристапи кон разни форми на популаризација..., рече Тополињска.
Претседателот на МАНУ Георги Старделов посочи дека науката за јазикот останала на нивото на епохалниот труд на повоената генерација лингвисти предводена од Блаже Конески. Тоа, како што рече, е добро зашто го потврдува успехот на нивното дело, но, од друга страна, јазикот е бескракјно творештво и не смее да има празни одови и периоди во неговиот развој. Токму тоа, обврската кон јазикот, е и целта на конференцијата, додаде Старделов.
Констатирајќи дека е често присутен јазичен пуризам, претседателот на МАНУ смета дека е тоа антиисториски и антиприроден процес. - Тој страв од новите зборови што влегуваат во него, јас лично, не го признавам, зашто сметам дека јазикот не може да се затвори во некој ковчег и да се изолира од духот на времето...Јазикот не е само нешто еднаш создадено, туку нешто што постојано се создава. Тој е постојано нов како што се нови темпоралните околности што непосредно влијаат врз него, рече Старделов.
Во својот говор насловен „Јазикот наш насушен“ тој, барајќи како што рече, сеопфатна метафора, го спореди јазикот со лебот зашто и од него, исто така, зависи опстанокот. - Кога кон нашиот јазик ќе се однесуваме токму како кон лебот насушен, дури тогаш ќе почувствуваме внатрешна сила, длабок порив и голема моќ да го чуваме и одгледуваме својот јазик, зашто без него ни нема опстој, како што ни нема опстој без лебот и за со тоа никогаш да не изумиме дека не само во древноста, туку и во сегашноста некои народи исчезнувале дури откако исчезнале нивните јазици, рече академик Старедлов.
Конференцијата продолжи со стручни дискусии за различни јазични теми, меѓу кои „Современата дескриптивна граматика на македонскиот јазик“, „Речник на македонскиот стандарден јазик“, „Речник на лингвистички термини“, „Етимолошки речник на македонскиот јазик“, „Дијалектен речник на македонскиот јазик“, „Регионални речници“...Ќе заврши утре кога учесниците ќе дискутираат уште на четири теми. хс/дма/11:42