Festival.Simeon

8 ГОДИНИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ ПОЛИХИМНИА

 Festival.Simeon1

Веќе осма година по ред во месец април, Скопје и Македонија ги отвараат ширум портите на своите концертни и уметнички подиуми за големиот број на ученици, студенти, професори и уметници од повеќе од 10 земји од целиот свет кои стануваат дел од големото фестивалско семејство на Полихимниа - концепт на музички настани и активности, уникатни за нашата земја.

Музиката како дел од културата и уметноста ги надминува политичките, етничките и граничните бариери и ги прифаќа различните дострели на националните и етнички колективи и ги интегрира во еден континуиран и безвременски уметнички процес.

Во еден таков универзален уметнички контекст и временски континуум се обидува да живее и опстои меѓународниот фестивал „Полихимниа“, кој традиционално веќе осма година се случува низ концертните подиуми во Македонија и главниот град Скопје. Идејни творци на овој проект се Верица Шотаровска и Николина Е. Тодоровска, наставници по пијано, флејта и камерна музика во Државниот музичко балетски училишен центар - Илија Николовски-Луј" од Скопје. Меѓународниот фестивал „Полихимниа” е фестивал кој успешно се организира по осми пат и претставува единствен фестивал кој по својата содржина, програма и обем вклучува натпреварувачки дел на ученици и студенти по музика, едукативни семинари за ученици и студенти со еминентни професори,концертни активности, и воедно ја става Македонија на светската музичка мапа на фестивали за класична музика и уметност.

Низ годиниве, на фестивалот земаа учество повеќе од 3000 учесници во натреварувачкиот дел и повеќе од 50 професори од европските земји и пошироко.

Festival.Simeon2

Оваа година фестивалските активности започнаа со мастер класот по флејта кој го одржа проф. Аленка Зупан од Уметничката гимназија ( музичка насока ) од Копер – Р.Словенија. Во периодот од 04.04 – 09.04, во концертната сала на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј" и Пианоцентре, проф. Аленка Зупан го пренесе своето знаење и искуство кои се од непроценлива важност за идните македонски флејтисти.

Festival.Simeon3

На прашањето на редакцијата на Преминпортал за соработката со македонските ученици, таа го истакна следново: “ Соработката со АМЕ Полихимнија - Скопје беше исклучително организирана. Богат и интересен беше мастеркласот со учениците од нижото и средното училиште ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ – Скопје. Многу ми е драго што студентите се радуваат на новото искуство, без разлика на тоа што некои исти нешта ги слушаат и од нивниот професор. Но, секогаш е различно кога некој друг ќе им го објасни истото. Брзо се сеќаваат и веднаш реагираат. Со учениците од средниот оддел се запознаваме во октомври 2022 година кога беа во Копер. Забележав голем напредок и во техниката и во изразувањето преку звукот. Сега работата со нив беше уште подлабока бидејќи довербата беше посилна. Свирењето во ансамблот за флејти е исто така богато искуство за нашите студенти бидејќи тие учат да се прилагодуваат како и да соработуваат со различни луѓе, мислења, навики и знаења. Уживав во целата организација и работа со студентите. Беше многу убаво и се надевам дека ова искуство им даде нови знаења, решенија и мотив за понатамошна работа и дека ќе продолжат со правилно вежбање, фразирање и изразување преку флејтата. Целта ми беше да им понудам можност да ги решат сите тешкотии, за на крајот да можат да свират од срце. Затоа што љубовта кон музиката не издигнува до височини и светови, каде што другите активности не можат да нè подигнат. Благодарам од се срце до АМЕ Полихимни Скопје и посебно до Николина Ефтимова Тодоровска за СЕ! Ви благодариме што ни овозможивте да имаме толку убав престој во прекрасното Скопје и ново искуство. Засекогаш ќе остане во нашите најубави сеќавања!”

Festival.Simeon4

И оваа година ќе бидат застапени повеќе категории на инструменти за соло и камерна изведба (пијано, хармоника, дувачки инструменти, гудачки инструменти, гитара, соло пеење и камерна музика).

Festival.Simeon5

Фестивалот Полихимниа се грижи и оддава почит за уметниците од Македонија кои оставиле траен белег во македонското педагошко и изведувачко творештво и македонските композитори и нивното творештво . Поради тоа, втора година по ред ќе биде доделена парична награда и Плакета „Јасминка Чакар“ за најдобро изведено дело од Шопен,која ја доделува семејството, награда за најдобро изведено Македонско дело и Признание за интерпретација на композиција од Александар Џамбазов.

Festival.Simeon6

На Фестивалот ќе се доделат и награди за најмлад најуспешен натпреварувач, награда за најдобро изведено дело од С.Рахмањинов ( јубилеј 150 години од раѓање на најголемиот компзитор-пијанист ) , Лауреат на Натпреварот и доделување на награда - Солистички Концерт на отварањето на IX Меѓународниот натпревар Полихимниа 2024г., парична награда за најдобрите тројца натпреварувачи на “Музички надежи” и награда за учество во Ерасмус + Мобилност. Во рамките на фестивалските активности, во периодот од 22. – 27. 04, ќе се оддржи и мастерклас по пијано под раководство на проф. Туту Ајдиноглу – проф. на Истанбулскиот Државен конзерваториум за музика. Концертните активности ќе бидат збогатени со концерт на минатогодишниот Лауреат на Фестивалот – Реља Митровиќ, виолончело, Р.Србија и концерт на црногорското дуо Марко Симовиќ – виолина и Драгана Перовиќ – пијано. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 24 – 28.04. 2023 год. во Музејот на македонската борба и во други концертни подиуми.

 Festival.Simeon7

Редакција Преминпортал