Скопје, 2 мај 2011 (МИА) - Симон Трпчески три вечери по ред беше солист на матичната сцена на Бостонскиот симфониски оркестар, под диригентство на Рафаел Фрубек де Бургос. Третиот настап беше и директно пренесуван на радио и интернет. Со тоа, уште еден водечки светски оркестар е на листата соработници на нашиот пијано виртуоз, информира „КултурОп“.

Во пресрет на концертите, Трпчески даде интервју за интернет-журналот „Бостон мјузикл интелиџенсер“, во кое, под насловот „Македонското чудо“, зборува за своите успеси, за честа да се изведе концертот на Лист во годината на јубилејот токму со Бостонскиот симфониски оркестар, за непопуларното правило да не се изведува бис на сцената на овој престижен ансамбл, а особено се задржува на објаснувањето за традиционалната македонска музика и задоволството да ја изведува на светските сцени.

„Бостон мјузикл интелиџенсер“ со суперлативи и во детали го опишува отсвирувањето на концертот на Лист, а задоволството од слушнатото го тера авторот на текстот Мајкл Роха на неколку пати на читателите да им помогне во изговорот на името и презимето на Симон Трпчески.     


Критичарот на угледниот „Бостоун глоуб“ Џереми Ајхлер во текстот насловен „Во своето деби со Бостонскиот симфониски оркестар Трпчески откри свежи премини низ Лист“се осврнува на настапот на Трпчески: „... меѓу другите дела беше изведен Концертот за пијано и оркестар број 2 од Лист, што за мене беше врвниот дострел на изведбата во Симфониската сала во четвртокот, во голема мерка поради свежото и блескаво исполнение на македонскиот пијанист Симон Трпчески. Вториот пијано концерт на Лист ги става на тест не само техничкиот арсенал на пијанистот, туку и неговата поетска вештина, а Трпчески, веќе докажаниот млад пијанист кој го имаше своето можеби малку задоцнето деби со Бостонскиот симфониски оркестар, се покажа достоен на секоја поставена задача од Лист“.

Дејвид Ален од „Анпредиктабли иневитабилити“, пак, пишувајќи за настапот на, како што вели, „националниот херој на  Македонија“ искжува одушевеност од „сериозно компетентниот пијанист, многу поинтересен и со многу повеќе интерпретативни моќи од многумина млади пијанисти на денешнинава“.

По трите концерти во Бостон, Трпчески овој месец почнува серија оркестарски, камерни и рецитални настапи во Велика Британија, а до крајот на сезоната го очекуваат и повторните средби со публиката во Австралија и Нов Зеланд. тц/хс/ 9:54