Магистерски труд на Софија Грандаковска

 

4. Карактеристики на молитвата во хеленската книжевност

 

 4.1. Во Илијадата е истакната силата на телото и јуначките подвизи. Но, молитвениот говор предаден преку епската стварност во Одисејата укажува на тоа дека боговите станувале заштитници на моралните вредности кај хеленскиот човек. Во Одисејата доаѓа до сигурна преобразба на јуначкиот идеал во божји, преобразба на телесното во духовно. На оваа преобразба укажуваат токму боговите изморени од тоа да бидат постојано на ахајската или тројанската страна. На овој момент исто така упатува и семантичката промена во јазикот на Хомер во Одисејата, каде за прв и последен пат ќе се појави сложениот епитет богобојазлив (qeoudh/s). Ова укажува на развиено морално чувство и облагородена религиозност. (Ѓуриќ, 1990, 88)Упатувањето инвокации кои имаат молитвен карактер во хеленскиот свет, укажува на една поинаква комуникација со вишата инстанца која постои на Олимп. Во овие инвокации прозвучува молитва за иделност. За првпат, вели науката, можеме да зборуваме за отстапки од магиската практика во делата на Хомер, т.е за зачеток на примитивен еудајмонизам.[1] (Heiler, 1932, 14-15) 

4.2. Книжевните примери на Хомер потврдуваат дека првобитната молитва во Хелада нема субјективни карактеристики. Таа не е молитва на поединецот ниту пак се однесува на поединечни нешта. Таа е насочена кон целокупната стварност, на вселената, космосот. Иако станува збор за митско-космичка насоченост во барањето добро, сепак отсуствува индивидуализацијата кај хеленскиот човек. Тој сè уште ја допира само „површината на нештата, со своите oсети го забележува само надворешниот тек на појавите, а не и процесите.“ (Ðurić, 1976, 6) Развојот на човечкото јас, сè уште опстојува зависно од надворешните сили и надворешниот свет и сè уште е неиндивидуализирано.Оттука, првичната молитва во облик на инвокација во хеленската книжевност и култура, како и нејзината музичка препознатливост, наликува на песна која станува епифанија на божественото потекло на човекот и на вселената. Ритамот има музичка мера: „Говорот на Хелените е најстрого поврзан со мелодија и ритам.“ (Tatarkjevič, 1988, 79) Затоа, според Платон песната е најдревниот и најсвештениот облик. Поетите претставуваат еден вид пророци. Во антиката се опстојува верувањето дека нивната задача не е човечка, туку пророчка, бидејќи е инспирирана од божјата сфера, како духовен чинител на некој виш поредок. Молитвениот аспект во свештенството на песната повторно упатува на тежнението за космизација на човекот како висок естетско-етички и егзистенцијален чин. 

4.3. Во контекст на пророчката, треба да се посочи и психагошката димензија на поезијата, преку која е изразено верувањето дека поезијата може да управува со душите. Затоа, поезијата е поврзана со поседување надчовечка, божествена моќ, како и знаење од највисок вид. Како трета карактеристика на поезијата во Хелада се наведува нејзината метафизичка димензија, бидејќи тежнее кон суштината на бивствувањето. Оттука, поетиката на хеленската книжевност ја извлекува и четвртата карактеристика на молитвата: морално-воспитната. (Tatarkjevič, 1988, 83-87)Хелените немале молитвеник и не познавале централен религиозен авторитет. Кога зборуваме за молитвата во хеленската политеистичка религиозност, науката истакнува дека треба да се имаат предвид религиозните практики во разни независни градови.[2] Молитвата се изведувала во било кое време и на било кое место.

 



[1] Еудајмонизмот (грч. eu)-dai/mwn) во својата етичка определба подразбира дека среќата и блаженството се основен мотив на секое човечко тежнение. Кај старите Грци има именско значење и се однесува на богињата на среќата.
[2] Види кај S. Pulleyn, 1997.