Српските власти искритикувани поради Косово од рускиот и српскиот патријарх


Патријархот на Српската православна црква, Иринеј на средбата со патријархот на Москва и на цела Русија, Кирил Втори побара помош од Руската православна црква и од руските власти за „зачувување на Косово“, при тоа упатувајќи критика кон српските власти.

- Не смееме да се откажеме од Косово и Метохија затоа што тоа ќе значи да се откажеме од историјата, културата, духовноста и светоста. Нашето сегашно раководство е под прилично влијание на Западот. Црквата прави се нивната свест да се врзе за моќната руска историја и за руската црква, посочи Иринеј.

Тој наведе дека „рускиот збор има моќ по прашањето за Косово и Метохија“. - Затоа Ве молам преку Вас и руското државно раководство да ни помогне за тоа прашање да го решиме така што ќе го зачувавме Косово и Метохоја, изјави Иринеј.

Патријархот Кирил Втори повтори дека РПЦ се согласува со ставовите на СПЦ за прашањето за Косово и упати критика кон српските власти.

- Со жалење констатирам дека на политичкото раководство на Србија му недостига сила да има исти ставови. Сметам дека политичкото раководство треба да ги слушне ставовите на СПЦ, а не да ги игнорира, а уште помалку тоа да го прави јавно, посочи рускиот патријарх.

Тој позитивно одговори на молбата на патријархот Иринеј.

- Ние безрезервно го поддржуваме праведниот став на СПЦ за Косово и Метохија и ќе останеме во дијалог и со раководството на Русија и на другите држави за одбрана на ставот што го делиме со СПЦ, истакна Кирил Втори.

Тој додаде дека во процесот на решавање на прашањето со Косово треба да биде вклучена и СПЦ.

Патријархот Кирил Втори најави дека РПЦ ќе продолжи да собира средства за обнова на српските цркви и манастири во Косово.

Иринеј е во прва официјална посета на Русија откако е избран за патријарх. За време на двонеделната турнеја, тој ќе посети повеќе цркви и манастири во Русија, Украина и во Белорусија .

Тој заедно со други поглавари на автокефални православни цркви ќе учествува на одбележувањето на 1025-годишнината од прифаќањето на христијанството во Русија. Поглаварите на православните цркви ќе бидат примени и од претседателите на Русија, Украина и на Белорусија.