СВЕТИ МАЧЕНИК ТРИФУН


УТРЕНА


Тропар, глас 4.
Маченикот твој Трифун, Господи, во своето страдање прими нераспадлив венец од Тебе – нашиот Господ; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната смелост на демоните. По неговите молитви, спаси ги  душите наши.Канон на маченикот, чиј акростих е: Трифуне, удостој ме да се причестам со сладоста. Глас 8.
Песна 1.
Ирмосː Откако ја мина водата како по суво и египетското зло го избегна, народот израилски викашеː На Избавителот и наш Бог да Му пееме.
Насладувајќи се навистина со божествените сладости на небесата, како непобедлив страдалник, со твоите молитви избави ја душата моја од страсните вознемирувања.
Откако се поучи во божествените зборови, нив ги изврши на дело; откако ја возљуби светињата, го прегрна и целомудрието.
Ти си бил пастир навистина, хранејќи ги со мудрост мислите на твојата душа, обраќајќи ги душите на заблудените, и приведувајќи ги кон Бога славен (маченику).
Богородиченː Просветлувајќи ме со духовна светлина, ти која ја роди Славата на Отецот, сенепорочна Отроковице, и гревовниот мрак го разори.

 

Кондак на маченикот, глас 8.
Поткрепен од Света Троица, ти го разруши култот на мноштвото богови, чесен Трифуне, славен во Господа; а кога ги победи мачителите, благодарение на Спасителот Христа, ти го прими венецот на твоето мачеништво како непобедлив, и даровите на божествените исцеленија.

Седален, глас 4.
Насладувајќи се со телесните болки, себлажен (Трифуне), достојно прими да се насладуваш од божествената храна без маки, откако го прими од Бога венецот на бесмртноста. Затоа и точиш реки од исцеленија, за оние што со љубов бараат твоја заштита, маченику!


Светилен.
Насладувајќи се со преславната и божествена храна, блажени Трифуне, ти си станал сожител на ангелите, пасејќи ги гуските по ливадите, и од Бога си примил благодат за исцеленија, за да ги лекуваш човечките слабости и болести.

 

Sv.Trifun.jpg

Светиот маченик Трифун

Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј,

Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.

 

За Преминпортал подготви: Т.С.