ВОЗНЕСЕНИЕ НА ГОСПОД БОГ
И СПАСИТЕЛОТ НАШ ИСУС ХРИСТОС


Кога се вознесуваше од Маслинската Гора, Христе, силите (небесни), гледајќи Те, еден на друг си велеа: Кој е Овој? А еден силен глас од небото им велеше: Овој е Силниот во војните, Овој е навистина Царот на славата. А зошто Му е црвена облеката? – Затоа што доаѓа од Восор, односно од телото; Самиот,пак, Ти, откако седна од десната страна на величието како Бог, ни Го испрати Светиот Дух, да ги води и спаси душите наши.


Тропар, глас 4.
Си се вознел во слава, Христе Боже наш, Кој со радост ги исполни учениците со ветувањето на Светиот Дух. Твојот благослов ги увери дека си Ти Синот Божји, Избавителот на вселената.


Седален, глас 1.
Додека ангелите се восхитуваа на Твоето чудно издигнување, а учениците се плашеа од страшното искачување, Ти се вознесе во слава, како Бог, и вратите се отворија пред Тебе, Спасителе! Затоа небесните сили се восхитуваа, викајќи: Слава му на Твоето снисходење, Спасителе, слава на Твоето Царство, слава на Твоето Вознесение, единствен Човекољупче!


Седален, глас 3.
Предвечниот и беспочетен Бог, откако ја прими човечката природа и тајно ја обожи, денес ја вознесе. Ангелите претходат и на учениците им Го покажуваат Господа, Кој оди на небесата со голема слава. Откако Му се поклонија, тие говореа: Слава Му на Бога, Кој се вознесе.


Величание:
Те величаме Животодавче Христе, и го чествуваме Твоето Вознесение на небесата, со Твоето тело пречисто.


Седален, глас 8.
Откако седна на облаците небесни, и мирот им го остави на оние на земјата, си се вознел и си седнал оддесно на Отецот, како едносуштен Нему и на Духот. Иако си се јавил во тело, си останал неизменлив. Затоа го чекаш крајот на секое извршување, за да дојдеш на земјата и да му судиш на целиот свет. Праведен Судијо, Господи, поштеди ги душите наши, како милостив Бог, дарувајќи им прошка на гревовите на Твоите слуги.


Кондак, глас 6:
Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, и викајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.

Икос: Вие, кои на земјата ѝ ги оставате земните грижи, на правта ѝ ги отстапувате калта и отпадот, ајде да се отрезниме, ние смртните, очите и мислите да ги издигнеме во висините, погледот и чувствата да ги впериме кон небесните врати, да си замислиме дека сме на Маслиновата Гора, и да Го созерцаваме Избавителот, носен на облаците, зашто оттаму Господ се вознесе на небесата, и таму ги раздели изобилните дарови на Своите апостоли, откако ги утеши како татко, и ги утврди, и ги поучи како синови, и им рече: Не се разделувам од вас; Јас сум со вас, и никој ништо не ви може.


Светилен.
Додека учениците Те гледаа, се вознесе, Христе, седејќи заедно со Отецот. Ангелите, врвејќи пред Тебе, викаа: Подигнете се врати, подигнете се, зашто Царот се искачи кон првоначалната Светлина на славата.

 

 Подготви: Т.С.