3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

ДУХОВНА ПРЕТПАЗЛИВОСТ

Одам помеѓу замките…
Свети Теофан Затвореник


Да бидеме искрени - современиот свет го поставува човекот на пиедестал. Го опсипува со внимание,грижливо му се наметнува, говори за него со пофални слова. Уште повеќе,го поставува во центарот на сè. Постојано ги промовира неговите интереси, ги благословува неговите сомнителни достигнувања и што е најважно - споредува сè со неговата „исклучителна“ вредност. Неговото Височество Човекот! Тој управува, води, благословува и проколнува. Критериум за нештата, основа за сите корисни и ризични експерименти. И сето тоа како земен судија и застапник во овој видлив и „единствен“ свет. Хомо сапиенсот е во центарот на создавањето, во фокусот на сите светла кои се насочени кон него. Но, дали со ова се изразува  вистинската љубов кон човекот? Дали е тоа израз на неговата вистинска вредност? Дали е ова Божјото откровение за него?


Светата Црква ни дава една поинаква претстава за човечката личност. Тоа најдобро го изразува Блез Паскал, кој во своите Мисли наведува: „Христијанството е единствената религија која го воздига човекот без да го превознесува и која го смирува без да го понижува“. И тоа така затоа што таа го споредува со Неговиот Отец и Творец. Само Семоќниот може да застане во центарот на целото создание и да тврди дека е мерка на се што постои. Вечен критериум за вредности може да биде само Оној Кој го создал Декалогот за доброто и злото, Кој ги исковал вечните и неизбежни приоритети во однесувањето и општествената култура.ж


Навистина, човекот е возљубеното Божјо создание, но со својата непослушност тој е протеран од Рајот и преку страдање и труд повторно треба да го заслужи своето место во царството Божјо. Да го прави преку добри дела и искрено служење пред престолот на својот Семоќен Отец. Секаде Тој бара послушност и смирение пред Неговата промисла. Притоа, како признание,човекот  треба да  практикува жива вера и да има цврста доверба во Него,во моменти на болка и радост, тага и радост, издигнување и паѓање. Затоа, верата и довербата во човечката сила е илузија и заблуда, недоразбирање и отстапување од неговата вистинска цел. Минливото не може да го замени неминливото, привременото не може да го заземе местото на вечното. Зборовите на светиот пророк Еремија звучат како мисла: „Проклет е оној човек што се надева на човек“ (Ерем. 17, 5). Таков да биде отфрлен затоа што не ја сфатил исконската вистина и вистинската вредност на нештата во животот, ја занемарил вистинската хиерархија на невидливото и видливото. Стариот завет е исполнет со такви сознанија, кои имаат за цел не да го понижат достоинството на човекот, туку да го смират и да му ја покажат неговата вистинска духовна мисија. Зборовите не се израз на омраза, туку на мудра грижа за неговото спасение.

Новиот завет, како израз и продолжение на старозаветната мудрост, но и вдахновен од духот на Богочовекот Христос, често предупредува преку Неговата пречиста уста: „ Пазете се од луѓето “ (Мат. 10, 17). Исус, Синот на Дева, како Цар на мирот и љубовта, е должен да ги предупреди Своите следбеници на расипаноста и подмолноста на човечката природа. Луѓето ќе го отфрлат Неговото учење како несоодветно и “неудобно” за нивните себични и користољубиви интереси. Ќе се обидат да го оттурнат од центарот на нивните приоритети, од нивната основна потрага по световна слава и овоземен просперитет. Ќе го осудат како непрагматично и некарактеристично за нивната вистинска природа. Тие многу брзо ќе се свртат против оние кои веруваат во Христа и ќе станат нивни непријатели. Созданието ќе се спротивстави на својот Создател, царството на Цезар ќе се спротивстави на царството Божјо. Директниот наследник на делото на Спасителот, великиот Павле, исто така предупредува: „ Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници “ (Фил. 3:2), но исто така се обидува да ги постави нештата на една помудра и помирна основа: „ Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето! “ (Кол. 4:5). Со оние кои не се допрени од Божјата благодат, кои не се засегнати од небесниот оган, мора да се избегнуваат конфликти и конфронтации, провокации и однесување без мерка. Апостолот препорачува усогласување со нивната неверна слабост, расудлив и разумен став во дух на кроткост и разбирање кон малиот, но неповторлив свет на секој од нив.


Во овој дух е изјавата на свети Николај Велимирович: „Држете ги сите на растојание, а душата блиску до Бога“.Секој од нас, кој во својот дух го носи небесниот оган и сака спасението на својата душа да го најде во царството Божјо, не само што е должен да внимава, туку и да го поседува овој особен дар - духовна разумност. Ова не е манифестација на страв или кукавичлук во текот на духовниот живот, туку вистинска грижа за душата. Да научите да внимавате на себе и да внимавате каде газите е повеќе од потребно во школата на животот. За да се движите добро во правец на спасението, не ви се потребни само силни нозе, туку и чисти сетила, збогатени со здрав разум и трезвен ум. Затоа е уметност да се спасиш меѓу илјадниците искушенија од секаков вид. Да го ставиме Бога во центарот на нашиот светоглед и да ја бараме Неговата милостива помош насекаде и во сè како благ и човекољубив Отец. Амин.

19042009


Автор: отец Јасен Шинев
За Преминпортал – Симеон Стефковски

Ноември лето Господово 2021