19042009

Не ли е испит земниот живот за човекот? Неговите дни, зарем не се како дни на наемник? Како слуга што копнее за сенка и како наемникот што го чека крајот на својата работа,
така и јас добив наследство од суетни месеци; тажните ноќи ми се избројани.
Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А кога станувам, се прашувам: како ќе ја дочекам вечерта? Се измачувам од вечерта до утрото.
Моето тело е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми распукува и гнои;
дните ми летаат побрзо од совалка и исчезнуваат пред мене без надеж.
Спомни си, дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да гледа.
Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се врз мене – а мене ме нема,
како облак што се проретчува и исчезнува, така и спуштениот во гроб нема да излезе;
нема повеќе да се врати во куќата своја; ниту местото свое веќе ќе го познае.
Затоа нема да ја воздржам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во својот дух, во горчината на мојата душа ќе си поплачам.
Зарем јас сум море или морско чудовиште, та си поставил стража над мене?
Кога ќе си помислам: „Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја“,
тогаш ти со соништа ме плашиш и со привиденија ме ужаснуваш;
Затоа душата моја посакува да прекине дишењето; подобра е смртта, смртта ми е помила од моите маки.
Ми омрзна животот: Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета.
Што е човекот, та толку си го воздигнал и такво внимание му обраќаш?
Зошто го посетуваш во секое утро? Зошто го искушуваш во секој миг?
Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја да си ја голтнам?
О, Чувару над луѓето! Ако сум згрешил, како да постапам? Зошто го врежа Својот знак врз мене, па да сум Ти на товар?
Зарем мојот престап не можеш да го поднесеш? Зарем не можеш да го презреш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку и во правот ќе легнам; утре ќе ме побараш, а веќе нема да ме има.

Книгата на Јов (7, 1-21)

 Извор:

https://www.tiveriopol.mk/molitvata-na-pravedniot-jov/?fbclid=IwAR3Klkg5MIBJ3h-Yjj17PofD9t_gdb1JcZs99UD6kt_lm5ZY3MyVQGkpIpA

 

Светиот праведен и многустрадален Јов

 
Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, како што с ? е потенко опишано во Книгата Јов. И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до табаните и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче керамида си го вадеше гнојот од раните. Но не заропта на Господа, а стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште сто и четириесет години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.

Тропар
„Благословено да е името Господово“ – восклик на победа во маките твои, о Јове свет, кои во радости се претворија, бидејќи душата твоја знаеше Кој е Творецот нејзин, а разумот со благодат исполнет Го виде Дарителот на сe, така да срцето само трпеливо Го чекаше Оној Кој се оддалечи, за да повторно се всели. Нему Му пееме по молитвите твои свети: Господи, слава Ти.

Кондак
Како вистинољубив и праведен, благочестив, непорочен и осветен се покажа ти, сеславен Божји угоднику, и во твоето трпение ја просветли вселената, најтрпеливе и најдоблесен. Затоа сите ние, богомудри, твојот спомен го воспеваме.

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel