TViTer773

(Обновено)

Социјалните медиуми ја заменија здравата комуникација лице в лице

Во ерата во која живееме, имаме толку многу начини за комуникација од кога било досега. Но, иако ги имаме сите алатки и средства да комуницираме со другите, за жал како никогаш досега нашата комуникација со ближниот е сведена на минимум.
Нашата модерна изолација ни покажа, дека во крајна линија комуникацијата не е прашање на „средства“ туку пристапот на човечкото срце и животното поведение.
           Секој кажува што сака без да слуша, без да дискутира, без да го интересира мислењата на другите.
Се занимаваме со животите на другите од љубопитност, не од загриженост,за  да осудиме, а не за да помогнеме,за да потцениме а никогаш  - за да пофалиме.
Сите против сите, во една неверојатна битка од коментари и лајкови.
              За жал, наместо сите овие современи средства да не обединат, тие не делат на табори. Нормално, средствата не се виновни. Виновен е начинот на кој ги користиме – егоцентрично и извртено како што е и нашето срце.
Социјалните медиуми ја заменија здравата комуникација лице в лице. И тоа не е напредок.
Треба да ја преиспитаме употребата на сите овие средства, за како поединци и како општество да напредуваме духовно, цивилизациски, социјално.
                 Вистинскиот живот е таму надвор, не тука внатре. Ова не смееме да го заборавиме. Колку и да  пројавуваме чувствителност за различни теми на социјалните мрежи, тоа нема никаква вредност ако покажуваме рамнодушност во нашите животи.
Лицемерието и крајноста владеат на Интернетот. И човекот го разбира тоа само кога се соочува со истото очи во очи: реалноста на општеството, каде што, иако со постови и коментари се осудуваат разни однесувања, на крај не се менува ништо.
Станува збор за менување на начинот на кој размислуваме во нашиот живот, а не за начинот на кој се појавуваме на социјалните мрежи со стратегија да добиеме повеќе лајкови и следбеници.
Денес луѓето се повеќе осамени од кога било досега. Осаменоста, за која самите се одговорни, но и егоцентричниот и утилитарен пристап кон секојдневниот живот.
Кое е решението? Да се помириме прво со самите себе, во покајание и смирение. Тогаш ќе се помириме и  со другите. Тогаш ќе можеме автентично да комуницираме со сите без комплекси и несигурности.


 TViTer729

           Бидете благи кон другите и во животот воопшто. Обидете се да не бидете товар, да не ги пренесувате сопствените превирања и збунетост, дури и кога ги преживувате овие нешта во вашиот живот.
Голема добродетел е да останете нежни и спокојни во односите со другите, дури и кога во вашето секојдневие постои извесен немир и напнатост.
Запомнете дека не се виновни другите ако не можете да решите некои од вашите лични прашања.
Секако, блажен е тој што има барем една личност со која може да ги сподели своите грижи и воопшто сè низ што поминува за да си го олесни бремето што го носи.
Сепак, добро е да се обидеме со расудување и воздржаност да не влијаеме на другите со нашето лошо расположение, бидејќи - за жал - ова однесување е себично; на олтарот на нашата утеха да го жртвуваме мирот и спокојството на другите.
Да се обидеме да го направиме нашето присуство благослов.
Нежно како пената, како милување кое не предизвикува болка на другите.
Ако наместо пена нашето присуство стане тврдо како камен, тогаш порано или подоцна ќе  повредиме некого, но и ќе се повредиме себеси.
Потребно е внимание со тоа што споделуваме, како го споделуваме и кога го споделуваме со другите.
Не е добро да страдаме, но со сигурност не е поубаво да сакаме и другите да страдаaт.
 

           Лично го разбрав и затоа го кажувам и повторувам дека, колку и да си добар, колку и да имаш благо расположение, колку и да имаш вера, колку и да одиш во Црква и да внимаваш на Божјиот закон, колку и да живееш едноставно и разумно, нема да ја имаш таа полза за душата која би ја имал ако другиот дојде – по Божјо допуштение - и на најлош можен начин те онеправда, те понизи, пренебрегне, изневери, обвини и ти причини болка.
Во тие моменти на крајот ќе видите колку сте ја отфрлиле големата идеја за себеси, колку сте го умртвиле егото, колку сте го отвориле срцето за Христа.
Ова само по себе можеби не е добро за вашата душа, но ви помага да го согледате вашиот егоизам, да се покаете и да се смирите.
Во тој час на болка и огорченост (во која и да е форма), ќе мора да го видите движењето на вашето срце. Дали сте засрамени? Дали сте нервозни? Дали го ’убивте’ другиот во себе? Тогаш, можеби ќе сфатите дека сè уште сте на почеток.
Христијанскиот живот не е само внимавање на некои морални правила и црковни „закони“, туку значи, преку подвигот што ни го дава Црквата, да ја соголиме нашата себичност, да престанеме да се оправдуваме, да престанеме да го гледаме другиот како непријател. Другиот можеби ни згрешил. Ова е можност да се смириме. Другиот можеби зборувал грубо и срамно. Тој не е наш непријател. Тој е болен, да не му мислиме лошо. Да го гледаме како брат на кој му треба љубов и прифаќање.
Понекогаш  луѓето доаѓаат на исповед, спремни да полудат од помисли против некои кои се однесувале сурово кон нив, со злоба и [недостиг на] емпатија. И тоа не се случува затоа што неправдата што ја претрпеле е толку голема (а можеби е голема), туку најмногу затоа што кон неправдата се однесуваат себично.
Големиот Онеправдан во историјата е Исус, но сепак Тој не престана да биде Христос за сите, дури и за Неговите распнувачи. Тој е нашиот пример.
И токму тоа е нашата борба.
Дозволете ми да го кажам и ова: многупати ги сфаќаме работите многу сериозно и не дозволуваме ниту еден збор да ни се каже, дури и од нашите најблиски. Веднаш се лутиме. Ова зборува за тврдоста на срцето, вкочанетоста на љубовта. Понекогаш е потребно опуштање, едно  „благо бесчувствие“, како што велеше преподобниот  Пајсиј Светогорец.



автор - архим. Павел Пападопулос

 

превод  -  Симеон Стефковски                               извор – Христијанство.бг


Текстот е поместен во 163/164 број на списанието “Премин”

30.12.2022