Bogorodica.kolazh

Молитва кон пресветата Владичица наша Богородица


              О, Пресвета Богородице, Дево Владичице, повозвишена од ангелите и архангелите, и најчесна од сета твар, восхит велик на ангелите, возвишена проповед на пророците, преславна похвало на апостолите, прекрасен украсу на светителите, крепка тврдино на мачениците, спасително водство на иноците, неотклоно воздржание на испосниците, славо и чистото на девствениците, тивка радост на мајките, мудрост и поука на младенците, заштитничке на вдовиците и сираците, на голите риза, на болните оздравување, на пленетите избавување, тишино на оние што по море пловат, мирно пристаниште на оние што бура ги носи, сигурна водителке на заблудените, лесен премину на патниците, блажен спокоју на трудбениците, на измачените брза застапничке, на нападнатите покрову и прибежиште, надеж на безнадежните и помош на оние кои помош бараат.
        На ништите богатство непропадливо, на нажалените непрестана утехо, на намразените љубовно смирение, на грешниците спасение и кон Бога обраќање, на сите правоверни цврста заштито, непобедлива помош и застапништво. Низ Тебе, Владичице, Невидливиот нам видлив ни стана, затоа молитва Ти принесуваме, Госпоѓо, ние грешните слуги Твои.
           О, Премилостива и Пречудесна Царице на духовната светлина, Која Го роди нашиот Цар Христос, Животодавецот на сè, славена од небесните, и фалена од земните: ангелски уму, светлозарна ѕвездо, Пресвета меѓу светиите, Царице на цариците, Владичице на сета твар, боголепна Девице, нескверна невесто, на Светиот Дух палато, огнен престолу на невидливиот Цар, небесен кивоту, Носителке на Словото Божјо, огнообразна кочијо, одмориште на живиот Бог, неизглаголива Составителке на плотта Христова, гнездо на Орелот Небесен, грлице благогласна, гулабице кротка, тивка и незлобива, Мајко чедољубива, бездно на милоста Која го разгони градот на гневот Божји, безмерна длабочино, неизглаголива тајно, несфатливо чудо, благомирисно кадило, чесна багренице, боготкаена порфиро, душевен рају кој ја изнедри животоносната градина, цвету прекрасен кој ни Го расцвета небесното веселие, грозду на нашето спасение, путиру на Царот небесен во Кого од Светиот Дух се раствори виното на неисцрпна благодат, Застапничке на законот, почеток на вистинската вера Христова, непоколеблив столбу, пропаст на еретиците, мечу на гневот Божји против богоборците, страв за демоните, победо во војните, на сите христијани вистинско зачувување, и на целиот свет сигурно спасение.
              О, Семилостива Госпоѓо, Дево Владичице, Богородице, услиши нè нас кои Ти се молиме, и покажи ја милоста Твоја на луѓето Твои. Моли Го Синот Твој да нè избави од секое зло и да ја сочува нашата обител и секоја обител, градот и ѕидините на верните, и луѓето кои благочестиво прибегнуваат и го призиваат светото име Твое, од секоја напаст, помор, глад, земјотрес, потоп, оган, меч, налет на иноплеменици и меѓусебни војни, од секоја болест и секоја неволја, та од никаква рана, ни закана и ни помор, ни секаков праведен гнев Божји да не бидат поразени слугите Твои; туку сочувај нè и спаси нè по милоста Своја, Госпоѓо, нас кои Ти се молиме, и полезно благорастворение на воздухот кон време на плоден принос дарувај ни; олесни, прости и помилуј нè, премилостива Владичице, севоспеана Богородице, нас кои сме во секоја беда и мака. Спомни си за слугите Твои, и не презирај ги солзите и воздишките наши, и обнови нè по добрината на Твојата милост, за со благодарност да се утешуваме, наоѓајќи Те за помошничка. Смилувај се, Госпоѓо Пречиста, на немоќта на луѓето Твои, надеж наша; расеаните собери ги, заблудените – на прав пат води ги, отпаднатите од верата отечка – пак врати ги, староста поткрепи ја, младите научи ги, младенците воспитај ги, и прослави ги оние кои Те слават, а особено Црквата на Синот Твој сочувај ја и сохрани ја во долгоденствие.
             О, милостива и премилостива Царице на небесата и земјата, Богородице приснодево, со Твоето застапништво помилувај го чесното воинство, и сите православни христијани, запазувајќи ги под покровот на милоста Твоја; заштити ги со Твојата чесна риза и моли Го Христа нашиот Бог, Кој бессемено од Тебе се воплоти, да нè препојаса одозгора со силата против нашите видливи и невидливи непријатели, против иноплемениците и едноплемениците, кои војуваат против нас и против нашата Православна вера. Спаси и помилуј ги, Госпоѓо, членовите на Светиот Синод на нашата Православна Црква, свештениците и ѓаконите, и сиот православен народ, кои Ти се поклонуваат и се молат пред Твојата чесна икона; погледни кон сите нас со погледот на Твоето милостиво застапништво, подигни нè од гревовниот понор, и просвети ни ги очите на срцето, за да го видиме спасението; моли Го Синот Твој, милостив да биде кон нас, тука и на страшниот Суд; слугите Твои кои се преставија во благочестие од овој живот, во вечниот живот, со ангелите и архангелите, и со сите светии причисли ги, за да застанат оддесно на Синот Твој и Бог; и по молитвата Твоја направи да живеат со Христа, и да се насладуваат со ангелската радост во небесните живеалишта.
           Зашто Ти си, Госпоѓо, слава на небесните и надеж на земните. Ти си надеж наша, и застапница на сите кои при Тебе притекнуваат, и кои ја просат светата помош Твоја. Ти си наша топла молителка кон Синот Твој и Бог наш; Твојата мајчинска молитва има голема моќ во молењето на Владиката; со Твоето претстателство пред престолот на благодатта да се осмелиме да пристапиме кон пресветите и живототворни Негови Тајни, иако сме недостојни. Затоа гледајќи го на иконата сечесниот Твој образ и раката Твоја, која Го држи Седржителот, се радуваме ние грешните, и со умиление припаѓајќи, со љубов ја целиваме, очекувајќи, Госпоѓо, со светите Твои богопријатни молитви, да го достигнеме бесконечниот небесен живот, и непосрамено да застанеме на Денот на Судот оддесно на Синот Твој и нашиот Бог, славејќи Го Него заедно со безначалниот Отец, и Пресветиот, и благ и живототворен и единосушниот Дух, во сите векови. Амин!

 


Превод од руски јазик:
Ѓакон Јани Мулев