Hristos.Spasuva9

ПЛОДОВИТЕ НА ПОДВИГОТ

TVIT949

               Ако лесно се раздразнуваш од другиот, тоа е затоа што немаш покајание; не се занимаваш со своите гревови и страсти, туку претпочиташ да се занимаваш со престапите на другите. Не е виновен другиот што се раздразнуваш и возмутуваш. Виновен си ти, што си спремен да осудуваш. Лесно ја префрламе вината на другите. Ова е уште една карактеристика на нашата себичност, на нашата самопофалба, на нашата тврдост на срцето, на нашето непокајание.
             Другиот може да греши. Не е твоја работа да бидеш љубопитен за неговиот живот. Твоја работа е да ги видиш сопствените лични грешки и гревови и да се обидеш да ги поправиш. И првиот чекор во овој напор е да разбереш дека твојот духовен успех и спасение се преку твојот ближен, определен преку твојот однос кон другиот, кој и да е тој. Твојот став и однесување,твоите мисли кон другите ја покажуваат возвишеноста на твоето срце и душа.
          Не се залажувај, твоето спасение не се оценува според твојата индивидуална морална чистота или со пазење на некои индивидуални правила; затоа што не е доволно да се живее морално преку пост и покајание, со молитви и коленопреклоненија, кога остануваме сурови кон другите, кога мразиме и осудуваме, кога другите ги понижуваме и не им проштеваме.
         Подвигот е неопходен за да се најде едноставноста и љубовта, очистени од нашите страсти и пред се од нашата себичност. Затоа подвигот мора да биде плод на послушанието; бидејќи автентичното послушание се извршува преку смирението.
            За да видиме дали нашиот подвиг е богоугоден, треба да ги видиме неговите плодови. Плодот на подвигот е нашиот љубовен однос со Бога и со ближниот. Ако некоја од овие две врски страда, тоа значи дека практикуваме подвиг на себичен и самољубив начин.

TVIT950


         Како што велеше еден старец, не ми кажувај колку постиш и на колку бденија одиш. Кажи ми колку сочувствуваш, дали простуваш, дали трпиш неправди, дали љубиш, дали остануваш рамнодушен на навредите и пофалбите, дали живееш со едноставност, без да станеш пречка и мачење за животот на другиот.


Автор: архим. Павел Пападопулос
За Преминпортал подготви С.Стефковски
Извор bogonosci.bg

 

2023