СИНАКСАР
Стихови:

Десет девојки го придружуваат највеликиот вторник, Кои носат победа на неподмитливиот Господар.

Parabola.10devojki.jpg

Во светиот и Велики Вторник правиме спомен на параболата за десетте девојки. Зошто Господ, искачувајќи се во Ерусалим за да пострада во него, им кажува на своите ученици вакви параболи? Затоа што овие параболи, вели Он, се однесуваат и на Евреите. Всушнос, Он ја раскажува параболата за десетте девојки за да обрне внимание на милосрдието, а истовремено ги поучува сите да бидат подготвени пред крајот, бидејќи за девството Он им зборувал повеќепати, како и за евнусите.

Светото Евангелие ја предлага оваа парабола со цел некој, практикувајќи ја оваа добродетел, да не ги занемари другите, а особено милосрдието, со која се просветлува свеќата на девството. Пет од нив ги именува мудри, затоа што на девството тие му го придодале и изобилното масло на милосрдието, а пет - луди, кои исто така го имаат девството, но го немаат милосрдието - елејот. Затоа лудите (неразумни) девојки, иако го имаа поголемиот дел, го занемарија она помалото, па поради тоа во ништо не се разликуваа од блудниците. Ако овие последниве (блудниците) грешеа со телото, оние таму грешеа со нивното богатство. Бидејќи ноќта на овој живот изминува, сите девојки заспале, односно умреле, бидејќи овде сонот ја означува смртта. Додека тие спиеја, среде ноќта се слушна повик и, оние што имаа доволно масло, кога се отворија вратите, влегоа со Младоженецот, додека лудите (неразумните), кои немаа доволно масло, Го бараа во мракот. Мудрите, иако сакаа да им дадат од своето, не можеа и, пред влегувањето на Младоженецот, им рекоа: „Ова нема да биде доволна за вас и за нас; затоа одете кај продавачите, односно кај бедните, за да си купите". Но, по смртта, тоа не е можно. Тоа го покажува и расказот за Лазара и за богаташот, кога Авраам вели дека не е можно да се мине од едната страна на другата. Но лудите (девојки), кога дојдоа непросветлени (без запалени свеќи), тропајќи на вратата, викаа вака: „Господару, Господару, отвори ни". А самиот Господ им го дава овој страшен одговор: „Одете си, не ве познавам!" Како можете да го пресретнете Младоженецот без дарот, односно без милосрдието?"


Ете зошто оваа парабола за десетте девојки е поместена овде од страна на нашите богоносни отци: за да не поучат секогаш да бидеме будни, подготвени да Го пресретнеме вистинскиот Младоженец, со добри дела, а најмногу со милостината, бидејќи не го знаеме ни денот ни часот на крајот. Треба да го зачуваме целомудрието (чистотата) како Јосиф, но треба и нашата смоква секоја година да раѓа духовни плодови. Оној што ја практикува оваа единствена и голема добродетел, а ги занемарува другите, особено милосрдието, не влегува со Христа во вечниот покој, туку се враќа назад посрамен. Ништо не е потажно и посрамно од девство лишено од овие добра (Во грчкиот јазик зборовите масло и милостина се омоними (елеос-елеон) - заб.на прев.).
О Христе, Младоженецу (на нашите души), вброј не меѓу мудрите девојки и придружи не кон Твоето избрано стадо, и помилуј не. Амин.

 

Извор: ПОСЕН ТРИОД

 Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагоника епархија

Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи   д-р Јован Таковски

 

 

Друго:

takovski.jovan9.jpg
Интервју со протопрезвитер- ставрофор д-р Јован Таковски

 cvetnici1.jpg

 


УТРЕНА
Алилуја: и тропар глас 8:


Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа пази, душо моја, сонот да не те притисне, и на смрт да не бидеш предадена, и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, но разбуди се, викајќи: Свет, Свет, Свет си, Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нѐ (3-пати).
По прво стихословие седален, глас 4.
Подобен: Господи, Кој се вознесе:
Да Го возљубиме, браќа, Младоженецот, светилките свои да ги украсиме, светлејќи со добродетели и со вистинска вера; та како мудрите девојки Господови, подготвени да влеземе со Него во свадбената одаја, зашто Младоженецот, како Бог, на сите за дар им дава венец непропадлив.
Слава, и сега: исто.
По второ стихословие седален, глас 4.
Подобен: Јосиф се зачуди:
Свештениците и книжниците направија незаконско советување против Тебе, Спасителе, и од завист, го поттикнаа Јуда на предавство; затоа без срам тој отиде кај беззакониците и ги праша: Што ќе ми дадете, и јас ќе ви Го предадам во рацете ваши? Од неговата осуда избави ги, Господи, душите наши.
Слава, и сега: исто.
По трето стихословие седален, глас 8.
Подобен: Слово на премудроста:
Јуда во мислите покажува среброљубие, против Учителот непријателски се крева, советува, за предавство се поучува, од Светлината отпаѓа, мрак го обзема, договара цена, Бесценетиот Го продава. А како награда за предавството на Господа бедниот најде смрт со бесење. Од неговиот дел избави нѐ, Христе Боже, дарувајќи им прошка на гревовите, на оние што со вера го празнуваат Твоето пречисто страдање.
Слава, и сега: исто. Потоа Евангелие според Матеј, зачало 90 (22, 15-22) крајот е во зачало 96 (23, 29-39). Потоа псалм 50, и Спаси ги, Боже, Твоите луѓе: Господи, помилуј: (12-пати), и мала ектенија.
Кондак, глас 2.
Подобен: Барајќи ги горните:
Откако ќе помислиш на смртниот час, бедна душо, и од пресечената смоковница ќе се исплашиш, дадениот талант трудољубиво умножи го и биди будна, викајќи: Да не останеме надвор од Христовата свадбена одаја.
Икос: Зошто паѓаш во очајание, бедна душо моја? Зошто се измачуваш со непотребни грижи? Зошто се занимаваш со минливи работи? Последниот час настапува и од овдешното треба да се разделиме. Додека имаш време, разбуди се и повикај: Ти згрешив, Спасителе мој, и не сечи ме како неплодната смоковница, но како милостив, Господи, помилуј ме мене, која со страв викам: Да не останеме надвор од брачната одаја Христова.