Православната Црква во текот на годината определила одредени денови во спомен на душите на поедини избрани личности, кои што во одредено време живееле на земјата, а подоцна се упокоиле. Така, некои денови им се посветени на мачениците за Христовата вера, други на праведниците, трети на подвижниците и т. н. За останатите луѓе кои не се канонизирани за светители, Црквата одредила денови кои се наменети за принесување на молебени и помени за покој на нивните души. Во тој контекст е определен денот сабота, како постојан ден за спомен на починатите, во чија рамка секогаш влегува задушница (која како великденска задушница надвор од саботата се совпаѓа единствено со понеделникот по Томина недела). Затоа пак, за живите е одреден денот недела, ден кој сите ние христијаните терба да го посветиме на Бога, посетувајќи ги колку што можеме почесто неделните богослужби, за да Му заблагодариме што не удостоил со можност да се родиме и да ги почуствуваме убавините на овој свет, па уподобувајќи се во Него, да се удостоиме да Му бидеме соучесници во Неговата слава и во оној свет. Значи во саботите можеме да ги посетуваме вечните почивалишта на нашите упокоени сакани, а во неделите треба да ги посетуваме нашите храмови и да учествуваме во литургиското заедничарење со Бога. Да го запамтиме овој редослед на посети и така да ги практикуваме!
Неспорно е дека ние постојано треба да се застапуваме за напште покојни пред Бога и постојано во текот на целиот живот да принесуваме молитви, прозби и помени за блажен покој за нивните души, бидејќи тие самите не можат постсмртно да си помогнат духовно, а пак нам не ни е дадено да ја знаеме понатамошната нивна состојба. За тоа Св. Јован Златоуст вели:
Секој еден од оние што не ќе Го избегнат Гревот овде, не ќе може да Ги избегне неговите последици, туку исто како што затвореникот е воден во синџири од затворот до судот, така и душите што починуваат обвинети во различни видови на Гревови, се водени во страшниот суд. Понатаму тој продолжува: Не плачи за невините. Плачи за тие што умреа богати, а не примија добро од своето богатство за своите души; плачи за тие што можеа да бидат испрани од своите Гревови, но не сакаа.
Значи воопшто не треба да се има сомнеж во принесувањето на помените за покојните. Молитвите кои што Му ги испраќаме на Бога за нашите ближни починати, имаат сила исто како и молитвите кон Бога кои ги принесуваме за нашите живи сакани. Помените за покојните не се залудни, се разбира доколку нивните души не се крајно огревовени или оптоварени со неопростиви гревови. Исто така тие молебени се можност за развивање на верата и побожноста на живите и зајакнување на нивната надеж во Божествената милост, во однос на нивното покајничко исповедување на гревовите, зашто на крајот по свршетокот на овој свет, при второто Христово доаѓање, сите блаженоупокоени души ќе застанат оддесно на Синот Човечки и ќе ја слушнат Неговата благословена покана: “Елате, благословени од Мојот Отец; наследете Го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Мт. 25,34).
М-р И. О.