ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светите Маченици Христови Мануил, Савел и Исмаил
17 јуни / 30 јуни


По број еднаков со оној на Пресвета Троица,
Мануиле, Савле и Исмаиле,
по духот на слогата – дијамант неронлив,
желбата, волјата и разумот, подигнати кон Небесата,
примија вест дека од небитие кон битие Бог нé привел,
а Себе во тело, човеково се сместил,
вашите тела да поминат низ оган ги предадовте,
душите кон Љубовта ги приведовте,
молете се за нас о свети маченици, чиј глас одекнува низ вселената:
и телото да ми изгори ако љубов немам ништо не сум.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот отец
Ипатиј Руфински
17 јуни / 30 јуни

Заради славните твои подвизи пред будноста Христова,
мноштво богољупци при тебе глави подведнаа,
 пастиру Ипатие, и името Господово во пустината се прослави,
кога Неговата светлина манастирот го озари.
Нека твоето молитвено застапништво не изгасне,
старче праведен, пред Оној на Кого ти служеше.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар
на преподобниот отец
Јосиф подвижник
17 јуни / 30 јуни

Господ Kој срцата ги испитува
те најде достоен Јосифе, врлината
да ти ја покрие и човекоугодништвото
да го искорени од подвигот твој свет,
со кого и тишината ја посрами
а ангелите во славословие ги засени,
и сега славен тихувателу,
нека молитвата твоја пред Него
дарува мир на душите наши.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар
на преподобниот отец
ава Пиор Египетски
17 јуни / 30 јуни

Блажен си ти Пиоре кој со смирение
благодатта Христова ја удоми,
и велик си Аво пустински кој такви
примери на подвижништво ни остави,
затоа не престанувај да се молиш оче свет
пред Подвигоначалникот Христос
нашиот Спасител.



 

 
Извор МПЦ – ОА

Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (30.06.2024)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 Светите маченици Мануил, Савел и Исмаил

Hristos.Prvosveshtenik.jpgБраќа по тело, Персијанци, од татко незнабожец и мајка христијанка. Крстени и воспитани во христијански дух. И како христијани беа високи чиновници кај царот Аламундар. Беа испратени кај царот Јулијан Отстапник да ги водат преговорите за утврдување на мирот меѓу персиското и грчко-римското царство. Царот Отстапник приреди некаква скверна свеченост за идолите во Халкидон. На таа свеченост царот и големците им принесуваа жртви на идолите. Персиските пратеници отсуствуваа од таа прослава. Царот ги повика и им нареди и тие да земат учество во свеченоста, да им принесат жртви на боговите. Тие тогаш изјавија дека се странски поданици, дека се дојдени како пратеници на царот персиски заради воспоставувањето мир меѓу двете царства, а не за нешто друго; дека се христијани и дека сметаат за недостојно да им се поклонуваат на мртвите идоли и да им принесуваат жртви. Царот се разјари и ги фрли во затвор. Утредента повторно ги изведе и почна да се препира со нив за верата, но светите браќа беа непопустливи и непоколебливи. Тогаш ги врзаа голи на дрвја и ги стружеа со железни четки. Непрестајно за време на мачењето Му се молеа на Бога, благодарејќи Му за маките: „Најсладок Исусе, овие маки ни се слатки заради љубовта Твоја!“ Ангел Божји им се јави, ги утеши и им ја одзеде секоја болка. Наспроти сите меѓународни односи свирепиот цар Јулијан најпосле изрече пресуда овие тројца браќа да бидат убиени со меч. Кога ги расекоа, настана голем земјотрес, земјата се расцепи и ги прими телата на Светите маченици во себе, за да не бидат запалени од незнабожците по наредба на царот. Отпосле земјата ги исфрли телата на мачениците, па беа најдени и чесно погребани од христијаните. Над нивните мошти се случија многубројни чуда, коишто мнозина од незнабожците што ги видоа ги приведоа кон христијанската вера. Кога царот персиски дозна дека Јулијан Отстапник нечовечно ги предаде на смрт неговите делегати, спреми војска против него. А Јулијан Отстапник се крена на Персиското царство, уверен во својата победа. Но беше срамнет и поразен, и самиот загина срамно, на радост и за смеа на целиот свет.

Преподобен Пиор

Отшелник нитриски. Загреан со љубов кон Бога, Пиор рано се одрече од светот и се оддалечи во пустината Мисирска, во којашто херојски се подвизуваше. За него велат дека никогаш за јадење не седнал на трпеза, туку секогаш јадел стоејќи и работејќи. Кога го прашале зошто прави така, Пиор одговорил: „Не сакам да го сметам јадењето како накоја работа, туку како нешто споредно и попатно“. Кога го повикаа во собранието за да го судат еден брат којшто нешто згрешил, тој дојде носејќи на грбот една голема вреќа песок, а на градите едно мало кесиче со песок. Запрашан што му значи тоа, Светиот одговори: „Песокот во вреќата на грбот се моите гревови и нив не ги гледам, а песокот во кесичето се гревовите на брат ми кого што треба да го судам“. Сите браќа се посрамија и возвикнаа: „Тоа е патот на спасението!“ Живееше сто години и се упокои во Господа во 6 век.