ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

 

Тропар во чест на полагањето
на Ризата на нашиот Господ Исус Христос
10 јули /23 јули

4 глац
Да притекнеме  сите верни кон Божествената и
целебна риза на Спасителот, нашиот Господ,
Кој благоизволи да ја носи  неа  на Телото Свое,
и на Крст својата света Крв да ја излие,
со која не избави нас од ѓаволските дејствија.
Затоа, благодарејќи да Му повикаме Нему:
Спаси ја нашата земја, архиереите
 градот и сите луѓе, со чесната Твоја Риза заштити ги
 и спаси ги нашите души како Човекољубец.



Извор МПЦ-ОА

 

Тропар на Коневската икона
на Мајката Божја
10 јули / 23 јули

Ја подаде раката твоја од градината Атонска,
Дево Богородице и сила устори благодатта
во иконата Коневска,
која миленикот твој Арсениј,
како знаменосец непоколеблив,
ја вознесе за спасение на многумина,
кои пред неа припаѓаат молејќи те тебе
Мајко Пресвета, да се застапиш пред
Синот Твој и наш Господ, да нѐ спаси и помилува.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

Тропар на светите
четириесет и пет Христови
маченици Никополски
10 јули / 23 јули

Маченици свети кои на бојно поле побрзавте,
Христа го исповедавте и венец на спасение добивте.
Повикајте и денес за нас о младенци на Царството нетлено –
раце подавајќи на жртва, поради Оној Кој нив ги создаде,
ноѕе принесувајќи за да одиме по стапките на Неговите заповеди,
о Никополски маченици, молете се Христос сила да подари,
за спасение на нашите души.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче    
    
    
Тропар на преподобниот
Антониј Киевопечерски
10 јули / 23 јули

4 глас
Излегувајќи од световниот метеж и откажувајќи се од светот,
евангелски Христос си го следел: и живеејќи рамноангелен живот
во тивкото пристаниште  на Света Гора Атонска си пристигнал,
откаде со благослов на отците во гората Киев си заминал,
и таму трудољубиво животот твој завршувајќи  го,
татковината своја си ја просветил, и на мноштво монаси
 патеката која води кон Небесното Царство си им ја покажал,
кон Христос нив приведувајќи ги.
Него моли Го, Антоние преподобен,
да ги спаси нашите души!


 
Извор МПЦ -ОА



Тропар на светиот
Христов маченик
Аполониј
10 јули / 23 јули

Радосно за небесните сили,
таговно но славно за земната Црква,
го чествуваме денес твоето восходење кон вечноста,
о, Аполоние свети мачениче,
кој Христа пред светот Го исповеда,
Синот со Отецот и Светиот Дух,
Троица единосуштна и неразделна.
Затоа за нас моли се, за сите оние кои се едно во Господа.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
Христови маченици
Вианор и Силуан
10 јули / 23 јули

Колку ли семе посеа крвта твоја маченичка
заради Христа, Вианоре свети,
колкаво ли трпение во маките покажа
кое радоста во Бога ја зголеми?
Тој оган благодатен и Силуана свети го зафати,
па поита венец свој маченички да прими.
Затоа свети горостаси молете се за нас
трпението Господово за нашите гревови, да не се намали.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
десет илјади Христови
преподобни пустиници
маченици Египетски
10 јули / 23 јули

Чест и поклонение: свети исповедници и подвижници,
Црквата Христова денес ви воздава,
славејќи го вашето свето исповедништво и мачеништво,
кое во слава Господова го приложивте,
укажувајќи на волците во овчја кожа,
и подражавајќи ја вистината на Пастироначалникот,
Кој денес ги прима вашите свети молитви и со славен венец ве закити.

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (23.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 

 Од Верскиот календар:

polaganjeriza.Gospodova.jpg


  Пренос на чесната риза на Господ Исус Христос
Во времето на страдањето на Господ Исус за човечкиот род, во одредот на римската војска во Ерусалим се наоѓаше и еден Грузиец Елиоз од градот Мцхет. Мајка му имаше слушнато за Христа и во срцето веруваше во Него. Кога го испрати сина си во војска во Палестина, го посоветува да не прави ништо против Христос. Кога беше Господ закован со клинци на крстот, звукот на чеканот на Голгота дојде до ушите на Елиозовата мајка во Мцхет. Штом го чу овој звук, таа возвикна: „Тешко мене што не умрев пред ова време, смртта ќе ме избавеше од овој страшен звук!“ Го рече тоа и падна мртва. Елиоз тогаш се наоѓаше под Крстот заедно со другите војници и фрлаше коцка за ризата Христова. На коцка ризата му падна нему, па тој ја донесе во Мцхет и ѝ ја подари на сестра си Сидонија. Оваа пак кога слушна за смртта на Господ и за тоа дека брат ѝ учествувал во крвопролевањето на невиниот, падна мртва, држејќи го цврсто во своите раце хитонот на Господ. Никој не можеше да ѝ го истргне од рацете и беа принудени да ја погребаат заедно со хитонот. Од нејзиниот гроб изникна кедар од којшто течеше исцелително миро. По време кедарот падна и местото го заборавија. Го пронајде Света Нина, на која ѝ помогна огнениот столб што се јави на нејзината молитва над тоа место. Кога се крсти царот Миријан таму им подигна црква на Светите апостоли. Во 1625 година шахот Аббас ја зеде ризата и ја испрати на дар во Москва на кнезот Михаил Фјодорович и на патријархот Филарет. Ризата ја поставија во Успенскиот Собор во Москва. 

 

polaganjeriza.Gospodova1.jpg    
Светите четириесет и петмина маченици: Леонтиј, Маврикиј, Александар, Сисиниј и другите

Во времето на свирепиот цар Ликиниј, којшто владееше со источниот дел на Византиското царство, имаше големо прогонство на христијаните. Во Никопол Ерменски на царскиот намесник Лисиј му се јави Свети Леонтиј со уште неколкумина пријатели и за себе му рекоа дека се христијани. „А каде е вашиот Христос?“, ги праша Лисиј. „Нели Го распнаа и умре?“ На ова му одговори Свети Леонтиој: „Кога знаеш дека нашиот Христос умре, знај дека и воскресна од мртвите и се вознесе на небото“. По долга препирка за верата Лисиј ги изнатепа и ги фрли во затвор, па не им даваа ни да јадат ни да пијат. Некоја благородна христијанка Василијана им носеше храна и им ја подаваше низ затворскиот прозорец. И во затворот им се јави ангел Божји, ги утеши и ги охрабри. Кога беше судењето, на Лисиј му се јавија и двајца од затворските чувари како новообратени христијани, и уште многумина други, вкупно на број четириесет и пет. Судијата сите ги осуди на смрт, но така што прво да им ги отсечат со секира рацете и нозете, па потоа да ги фрлат во оган. Оваа грозна казна беше целосно спроведена, а душите на овие Свети маченици одлетаа при својот Господ во животот вечен. Чесно пострадаа и наследија царство во 319 година.

Преподобен Антониј, Киево-печерски

Основоположник и татко на монаштвото во Русија. Роден е во малото место Љубеч близу Чернигов. Рано ја остави својата татковина и отиде на Света Гора, каде што се замонаши и се подвизуваше во манастирот Есфигмен. Според едно небесно јавување игуменот го упати во Русија за да создава таму монаштво. Тој си избра една пештера кај Киев. Кога околу него се собраа желните за монашки живот, тогаш тој им го постави за игумен Теодосиј, а самиот остана во пештерата во безмолвие. Со Божјиот благослов манастирот нарасна и стана матица на руското монаштво. Антониј претрпе многу злоба од луѓето и од демоните, но со својата кротост ги победи сите. Имаше голем дар на проѕорливост и на исцелување на болни. Се престави кај Господ во 1073 година, во деведесеттата година од својот живот и остави духовен расадник, којшто му носи добри плодови на рускиот православен народ со векови.