ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

3.angeli.so.truba

 

Тропар на светиот
Архангел Гаврил
13 јули / 26 јули

Водачу на небесните војски,
ние недостојните секогаш те молиме,
со твоите молитви да нѐ оградиш
под кровот на крилјата
на твојата слава бестелесна,
пазејќи нѐ нас,
кои грижливо ти се приклонуваме и повикуваме:
Од неволји избави нѐ,
како началник на вишните сили.

 

 Извор МПЦ – ОА

 Тропар на преподобната мајка
Сара Египетска
13 јули / 26 јули

Мајко блажена, која го спозна Патот
не вртејќи се ни лево ни десно,
по Бога мудрувајќи смртта секогаш беше пред очите твои,
о Саро света подвижничке,
а Он оставајќи нѐ на твоите свети молитви,
Небесно Царство ти подари.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Стефан Савит
13 јули / 26 јули

Добрата лоза подвижничка,
изнедри уште еден созерцател на Божјата слава,
кој молитвеник непрестаен,
на усните го накалеми името Господово.
Затоа Стефане свети подвижниче,
црквата земна твоите молитви пред Бога ги проси,
за спасение на родот човечки.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов маченик
Маркијан
13 јули / 26 јули

Молитвата твоја кон Господа Го откри името Негово,
со молитва благодатна се срушија идолите,
и со молитва на усните ја предаде главата своја
во Христови раце, о, Маркијане свет мачениче,
моли Го Родениот од Дева да ги спаси нашите души.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар
на светиот маченик Христов
Серапион
13 јули / 26 јули

Благодатта Господова свети мачениче Серапионе,
патека исповедничка ти припреми,
каде огнот твојата душа ја искали,
испробувајќи ја силата Христова која во слабоста се покажува,
а ти на средба со Женикот во огнена кочија поита,
и затоа повикуваме: за нас моли се пред Господа,
достојнославен мачениче.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот отец
Јулијан епископ Галски
13 јули / 26 јули

Велик си ти меѓу епископите
о Јулијане слуго на Бога Живиот.
Од Петар првоврховниот на проповед испратен,
од Христа Спасителот со благодат исполнет,
на апостолски подвиг закрепнат,
светлината Господова која сите ги просветлува,
ја донесе во пределите Галски.
За нас моли се сега ти свет чудотворче од рајските предели,
да се спасат нашите души.



 

 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (26.07.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

arh.Gavril.S.jpg

  Кондак, глас 2.

На небесата гледајќи ја Божјата слава, а на земјата давајќи благодат од висините, началнику на ангелите, мудри Гаврииле, на Боќјата слава служителу, и на светото божествен бранителу, спасувај и чувај ги оние што ти викаат: Самиот три биди ни помошник, и никој ништо не ни може.


Светиот Архангел Гавриил   

arhangel.Gavril.S.N.jpgОвој голем Божји архангел се празнува на 26 март. На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој архангел во една келија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“. Заради овој настан таа келија и денес се нарекува келијата „Достојно ест“. Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на архангелот Гавриил: кога му се јави на Мојсеј кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата на Постанокот; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот; јавувањето на Света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе Ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захариј и го извести за раѓањето на Св. Јован Предвесник и за казната на немост што ќе го постигне Свети Захариј затоа што не им поверува на зборовите на архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и Ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на праведниот Јосиф; јавувањето на пастирите кај Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој архангел пред страдањето; кога им се јави на жените Мироносици итн.

 

 

 

 

Свети Јулијан, епископ Кеномански во Галија

Некои мислат дека овој светител не е некој друг туку Симон лепрозниот, кого што го исцели Господ. Светиот апостол Петар го постави за епископ и го испрати во незнабожечката Галија, каде што Свети Јулијан претрпе големи неволји, но успеа да обрати во Христовата вера многуброен народ. Кога го крсти кнезот Дефенсон, тогаш мнозина поданици на овој кнез се приклонија кон вистинската вера. Со благодатта Божја правеше големи чуда: исцелуваше болни, изгонуваше демони и воскреснуваше мртви. Животот го заврши мирно и во времето на својата смрт му се јави насред бел ден на кнезот Дефенсон додека овој седеше на ручек.

Преподобен Стефан Саваит

Братучед на Свети Јован Дамаскин. Се подвизуваше во манастирот на Св. Сава Осветен, по што и е наречен Саваит. Голем подражател на животот на Свети Сава и блескава ѕвезда меѓу палестинските монаси. Се упокои во Господа во 794 година, во шеесет и деветтата година од животот.

Преподобна Сара Мисирска

На подвиг тргна како девица и шеесет години се подвизуваше на брегот на реката Нил, недалеку од Александрија. Со својот пример привлече кон монаштвото многубројни жени. Се упокои во Господ во 370 година.