ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Пренос на моштите на свети Климент Охридски
Тропар на светите Христови
апостоли и ѓакони Прохор, Никанор,
Тимон и Пармен
10 август/28 јули /
Вие ученици на Божјото Слово,
вие носители на Духот Свети,
вие јагниња на колење поведени,
Прохоре, Никаноре, Тимоне и Пармене,
апостоли и ѓакони, маченички телото ваше на земјава избледе,
но затоа на Небесата кон хорот на светиите припоени,
се молите за родот човечки, да ги пополни празнините ангелски.
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (10.08.2025)
Житие: Пренос на моштите на свети Климент Охридски
Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици - го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.
Тропар
Со зборови си ги упатил народите во верата Божја, со делата си се издигнал, преблажени, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветлил оние што пристапуваат верно кон тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте.
Кондак
Твојот храм, светителу, се покажува како преславно духовно лечилиште за тие што му пристапуваат со вера, бидејќи избавува од сите различни болести, а умртвува секакви страсти на душите. Поради тоа, себлажени, како топол застапник те одбележуваме.
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2025 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светите апостоли Прохор, Никанор, Тимон и Пармен
Четворицата беа од бројот на Седумте ѓакони и од Седумдесеттемина апостоли. Останатите тројца ѓакони беа: Стефан, Филип и Николај. Првомаченикот Стефан се празнува одделно на 27 декември, а Филип на 11 октомври. Николај не влезе меѓу светителите заради ерес. А првите четворица немаат посебен ден за празнување, туку сите се спомнуваат на денешен ден, 28 јули. Прохор беше ракоположен од Светиот апостол Петар за епископ Никомидиски. Извесно време беше на служба кај Св. Јован Богослов и на островот Патмос ги забележа откровенијата што ги чу од устата на Св. Јован. Потоа се врати во Никомидија, каде што вложи голем труд за обраќање на народот во верата. Маченички се упокои во Антиохија, каде беше убиен од неверници. Свети Никанор пострада во Ерусалим истиот ден кога и Светиот архиѓакон Стефан, а набрзо по него пострадаа и две илјади други христијани, кои беа убиени од зли Евреи. Тимон беше епископ во Арабија и пострада за Христа на крст. Пармен умре пред очите на апостолите и тие го оплакаа и го погребаа.