ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 Тропар на светите
Христови маченици
Сергеј и Вах
7 октомври / 20 октомври



Величание на Христовите страдалници,
 и очи на Црквата Христова, Сергее многустрадален
и Вакхе преславен, просветете ги очите на нашите души.
Молете се на Господа да ја одбегнеме
темнината гревовна, и да станеме причесници
    на Невечерната Светлина по вашите свети молитви.

 

Извор МПЦ – ОА

 

Тропар на светите
Христови маченици
Јулијан и Кесариј
7 октомври / 20 октомври

Сила се даде на молитвите ваши свети,
О, Јулијане и Кесарие,
и Господ се прослави во делата на вашата вера:
идолите паднаа, мерзоста одгонета од место свето,
но наградата заблеска во вашите за Господа мачеништва,
закитени со венци на славата и слобода пред Христа,
за која ние денес се молиме пред вас да ја имаме,
молејќи се да се застапите за нашето спасение.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Полихрониј
7 октомври / 20 октомври

Целовита вечност ти подари Господ,
тебе Полихроние свети мачениче,
од младоста раката Господова пребиваше на тебе,
и благодатта чудотворства покажуваше
во твоето земно живеење, кое запечатено
стана со исповедништвото за Христа,
предадено на Црквата Небесна,
за која ти како жртвено јагне телото го предаде.
Од Неа сега ги просиме твоите свети молитви,
за нашето спасение.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Сергиј Нуролски и Обнорски
¬7 октомври / 20 октомври

Целата своја надеж на Бога со вера ја положи,
О, преподобен свети оче Сергие,
и по молитвите на Сергиј великиот,
облагодатен пустината на Христа ја предаде,
пред Кого солзи и молитви непрестано, неуморно лееше.
Светлината Господова ја осветли пустината
и мноштво браќа како пастир нивни те познаа.
По твоите молитви и ние денес надеж имаме
од Бога спасение да добиеме.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 


Православен календар за 19/10/2021

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Светите маченици Сергиј и Вакх

Овие Свети и прекрасни маченици за верата Христова беа најпрво достоинственици на дворецот на царот Максимијан. И самиот цар многу ги уважуваше заради храброста, мудроста и верноста. Но кога слушна царот дека овие негови двајца достоинственици се христијани, ја измени својата љубов кон нив во гнев. И еднаш кога имаше големо жртвопринесување на идолите, царот ги повика Сергиј и Вакх заедно со него да им принесат жртви, но тие отворено му откажаа послушност во тоа. Надвор од себеси од јарост, царот нареди и им ја соблекоа војничката облека, ги облекоа во женски фустани; уште им ставија и железни обрачи на вратот и така ги водеа по улиците на градот Рим за потсмев на сите и на секого. Потоа царот ги испрати во Азија, кај својот намесник Антиох, заради мачење. А овој Антиох се имаше издигнато на својата положба со помош на Сергиј и Вакх, коишто во свое време го препорачаа кај царот. Кога тој почна да ги советува да се одречат од Христа за да се спасат себеси од бесчестење, маки и смрт, овие свети луѓе му одговорија: „И чест и бесчестење и живот и смрт - сѐ му е исто на оној што го бара Царството Небесно.“ Антиох ги фрли Сергиј и Вакх во затвор и нареди првин да го мачат Вакх. Слугите се менуваа еден по друг тепајќи го светиот, сѐ додека не му го здробија телото. Од здробеното раскрвавено тело на Св. Вакх излезе неговата душа носена од ангелските раце пред Господа. Тој пострада во градот Варвалис. Тогаш беше изведен Св. Сергиј, когошто го обуја во железни опинци начичкани со клинци и така го туркаа до градот Росаф во Сирија, каде што го убија со меч. Пострадаа и примија венци на бесмртна слава околу 309 година.

 

Светиот маченик Полихрониј

Родум од Агатанидската епархија, од родители селани. Како млад аргатуваше на лозјето на некој цариграѓанин. Но како аргатин Полихрониј се предаваше на деноноќен подвиг на пост и молитва. Кога го виде неговиот живот, според чистотата и воздржливоста ангелски, газдата му даде многу повеќе пари одошто имаше заработено. А Св. Полихрониј ги зеде парите и изгради црква. Во времето на Никејскиот Собор Полихрониј беше чтец и во таа прилика покажа толкава ревност во застапувањето на Православието пред аријанците, што го посветија за свештеник. Подоцна овие злобни еретици за одмазда го нападнаа Св. Полихрониј во самата црква и го исекоа на парчиња. Така пострада овој голем бранител на Вистината и чистотата на Православието и прими венец на слава од својот Господ.