ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

 Тропар на светиот Христов
преподобен Инокентиј Иркутски
9 февруари / 22 февруари

глас 3
Пресветол светилнику на Црквата,
озарувајќи ја со зраците на твоите добрини оваа земја,
и со многу исцеленија на оние
кои притекнуваат со вера кон тебе, Бога го прослави.
Те молиме светителу Инокентие,
заштити не од секаква беда и жалост,
со твоите пред Бога молитви.


 
Извор МПЦ - ОА


    
Тропар на светиот
Христов маченик
Никифор
9 февруари / 22 февруари

3.angeli.so.truba

Господе Боже наш, Ти Кој простувањето
како сад за покајание го подари,
слугата твој Никифор свети нам ни го испрати,
да посведочи како се купуваат бесплатно
небесните одаи. И сега кон спасение, Христе Боже,
приведи ги оние кои ги просат неговите молитви.



 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (22.02.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

bogorodica.k.dol.jpgСветиот маченик Никифор

Житието на овој маченик јасно покажува дека Бог ја отфрла надменоста и со слава го овенчува смирението и братољубието. Во Антиохија живееја двајца блиски пријатели, учениот свештеник Саприкиј и простиот граѓанин Никифор. Нивното пријателство некако се изметна во страшна меѓусебна омраза. Богобојазливиот Никифор повеќепати се обидуваше да се помири со свештеникот, но овој никако не го сакаше тоа. Кога настана гонење на христијаните, свештеникот Саприкиј беше осуден на смрт и изведен на губилиште. Нажален Никифор појде со Саприкиј молејќи го патем барем пред смртта да му прости и да се разделат во мир: „Те молам, Христов маченику“, му велеше Никифор, „прости ми ако ти згрешив нешто!“ Саприкиј не сакаше да се обѕрне на својот соперник, туку мирно и гордо чекореше кон смртта. Но кога ја виде тврдокорноста на неговото срце, Бог не сакаше да му ја прими маченичката жртва и да го овенча со венец, туку тајно му ја одзеде благодатта. И во последниот миг пред џелатите Саприкиј се одрече од Христа и изјави дека ќе им се поклони на идолите. Така беше заслепен од омразата. Никифор го преколнуваше Саприкиј да не се одрекува од Христа. „О брате, не прави го тоа, не одрекувај се од нашиот Господ Исус Христос, не губи го небесниот венец!“ Но сѐ беше залудно, Саприкиј остана на своето. Тогаш Никифор им возвикна на џелатите: „И јас сум христијанин! Убијте ме мене наместо Саприкиј!“ Џелатите му го јавија ова на судијата и тој им нареди да го пуштат Саприкиј, а да го убијат Никифор. Тој радосно ја положи својата глава на трупецот и му ја отсекоа. Така се удостои со Царството Небесно во кое влезе овенчан со маченички венец на бесмртната слава. Ова се случи во 260 година, во времето на царот Галиен.