Тропар на светите
aпостоли Христови
Архип, Филимон и Апфија
19 февруари / 3 март

Апостоли свети Христови Архипе и Филимоне,
преку вас Словото Божјо во вселената се проповедаше,
Цркви устројувавте, служители поставувавте
и спасение на родот човечки проповедувавте,
со Апфија света мноштво души кон Христа приведовте,
молете се свети маченици благодатта
на вашите венци светило да биде
за нашите души.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот
Доситеј
19 февруари / 4 март

Твоите молитви преподобен Доситее
се мелем за душата наша,
која Господ ја милува по твоето застапништво.
Примерот на твојот свет живот е праслика на радоста,
помеѓу Бога и човекот, кој во послушание
се насладува гледајќи го лицето на Творецот свој.
Радувај се свети послушниче кој малку време беше верен,
а Он направи вечноста да не те одмине.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобните
отци и исповедници
Евгениј и Макариј
19 февруари / 3 март

Угодници Божји, свети Евгение и Макарие,
праведноста ваша Господ ја зали со благодат,
и исповедници ве направи пред мерзоста на овој свет,
со устата исповедувајќи за спасение,
вода за душите на многумина станавте,
и видливо Господ од напаст ги ослободи оние кои по љубов жеднееа,
по вашите свети молитви,
кои и денес се за нас принесени.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светата
Христова преподобномаченичка
Филотеа Атинска
19 февруари / 3 март

Те чествуваме и Бога Кој тебе те обогати го прославуваме,
света Филотео, дарум добиваше – на дар раздаваше,
во Име Христово на ближниот – секому според потребите,
но најмногу на оние кои по патот тесен
кон Небесното Царство тргнале.
Радувај се блажена мајко маченичке,
и за нас моли се пред твојот Женик, Кој силно го возљуби.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот
отец Конон
19 февруари / 3 март

Собеседник на Вишните,
 слобода пред Бога доби по верата твоја,
молитвите и службата принесена.
Претечата пастир твој постана
под чија закрила на Христа му угоди,
со бестрастие награден, светот пред твоите
молитви е поставен Кононе, а ти и денес
на нас сети се, и кон милоста Господова приведи нѐ.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче




Тропар на преподобниот
отец Равул
19 февруари / 3 март

Подвижнику светол Христов, Равул оче наш,
носејќи го Крстот свој на пат кон Голгота,
благодатта преку тебе мноштво глави осени,
манастири подигна и Бога го прослави
чиј глас по твоите молитви и денес
ечи во срцата наши:
„ Дојдете при Мене сите оскрбени
и обременети и Јас ќе ве успокојам “.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (03.03.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 sv.Teodor.Tiron1.jpg

Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија

Архип беше еден од Седумдесеттемина. Апостол Павле го спомнува во Посланието до Колосјаните и во Посланието до Филимон, нарекувајќи го другар во војувањето. Во градот Колоси центар на христијанството беше куќата на Филимон. Овде христијаните се собираа на молитва. Ова го нарекуваше Св. Павле пишувајќи му на Филимон: „твојата домашна црква“. Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојани места, а некои како патувачки мисионери по разни места. Филимон беше од овие последниве. Неговата жена Апфија постеше и ѝ служеше на домашната Црква. Во времето на еден празник на незнабожната божица Артемида сите верни во Колоси беа собрани во домот на Филимон на молитва. Незнабожците дознаа за ова собрание, навалија и ги испофаќаа христијаните. Филимон, Архип и Апфија како водачи прво ги избија, потоа ги закопаа до појас во земја и почнаа да ги каменуваат. Вака ги убија Филимон и Апфија, а Архип го извадоа од дупката одвај жив, за разонода на децата. Децата сиот го избодија со ножеви. Така овој Павлов другар во војувањето добро го заврши својот подвиг и патот на земниот живот и се престави кај Господ.

Преподобен Доситеј

Ученик на славниот авва Доротеј, којшто живееше во киновијата на Преподобните Серид, Јован и Варсонуфиј Велики. Доситеј беше роднина на еден војвода и во Ерусалим дојде да ги види Светите места. Еднаш додека гледаше во сликата на Страшниот Суд во една црква, му се приближи една жена во порфирен фустан и му објаснуваше. А најпосле, при разделбата му рече дека ако сака да се спаси треба да пости и често да Му се моли на Бога. Ова беше Пресвета Богородица. Срцето на младиот Доситеј се разгоре и посака монашки живот. Доротеј го прими за негов ученик и му нареди наполно да ја отсече сопствената волја и да го слуша својот духовен отец. Неколку дена му даваше да јаде колку што сака, по извесно време му скратуваше по една четвртина, по некое време уште по една, сѐ дури не го навикна на најмало количество храна, постојано велејќи му: „Јадењето е навика и кој колку ќе навикне толку и јаде“. Свети Доситеј се спаси и се прослави преку послушанието. Остана засекогаш за пример на монашкото послушание и предаденост на својот духовен отец. Овој млад светител живееше во 6 век.