Тропар на светиот
Христов епископ
Каландион  Аламански
26 април / 9 април

Пред Аламаните како столб светлоносен Господ те постави,
за да стадото се сочува и силата Господова се исповеда,
о Каландионе оче свети.
Очи и разум Христос ти отвори, и ти пример за сите стана,
кој подвижнички Патот го следи,
и за сите нас се моли пред Вечнопостоечкиот.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов епископ
Стефан Пермски
26 април / 9 мај

Поддржувајќи го Христа, како Негов ученик
облечен во порфирна благодат,
ја просветли евангелски Пермската земја,
во која јазикот на народот го одврза за Бога
да Го прославува и смирена благодарност да принесува,
о Стефане круно истоименита на Небесниот Цар.
Постојано те молиме оче свети:
не престанувај да се молиш за нашето спасение.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светата преподобна
Глафира
26 април / 9 мај

Царството Небесно и неговата правда
ги наследи о света девственичке Глафира
која чистотата на целомудреноста ја возљуби
и закрепната од благодатта до крај својот подвиг го приведе
стигнувајќи пред Небесниот Женик,
пред Кого сега за нас моли се
да нѐ сочува од прелеста на овој свет.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
епископ Василиј Амасијски
26 април / 9 мај

Тагата, маките, огнот, мечот и смртта
не те разделија од љубовта Христова,
тебе Василие слуго на Бога Вишниот,
пастиру на стадото словесно и не само за време
на твојот живот земен, туку и сега
Он твоите молитви ги услишува,
затоа непрестано наш застапник пред Него
остани до крајот на времињата.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
преподобен и Богоносен отец
Јоаникиј Девички чудотворец
26 април / 9 мај

Поита по Христа во осаменоста
на земните пештери о Јоаникие оче наш преподобен,
и обручувајќи ја душата своја за Бога се исполни
со Духот Свети Кој преку тебе чудеса твореше,
исцелувајќи ја во луѓато секоја тага,
болест и напаст демонска.
Пленувајќи плен во висините за нас оче свети
моли се да се спасат нашите души.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (09.05.2024)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

 Светиот свештеномаченик Василиј, епископ Амасиски

sv.Vasilij.Amasiski.jpg

Зетот на царот Константин, Ликиниј, кој беше оженет со царевата сестра, се преправаше пред великиот цар дека е христијанин, но кога царот му даде да управува со целиот Исток, тој најпрво тајно, а потоа и јавно почна да ги гони христијаните и да го утврдува идолопоклонството. За тоа време неговата жена многу тагуваше, но не можеше да го одврати мажот од нечестието. Кога се предаде на идолопоклонството Ликиниј се предаде себеси на сите страсти, а најмногу на прељубништво. Заради нападот на оваа нечиста страст тој посака да ја оскверни девицата Глафира, којашто беше на служба кај царицата. Таа ѝ се пожали на царицата и царицата тајно ја испрати во Никомидија во Понтиската област. Девицата Глафира стигна до градот Амасија, а таму ја примија срдечно епископот Василиј и сите христијани. Беше радосна што најде прилика да си ја спаси девственоста и за ова ѝ пишуваше на царицата. Царицата се радуваше и ѝ испраќаше пари за црковниот храм во Амасија. Но едно од овие писма од Глафира до царицата му падна во рацете на царскиот евнух и тој му го покажа на својот господар Ликиниј. Кога царот дозна каде престојува Глафира, испрати да ја доведат во Никомидија, нејзе и епископот.

 Во меѓувреме Глафира умре, а војниците го доведоа врзан само епископот Василиј. Откако претрпе маки и затвор, овој блажен маж заврши под меч, а телото му го фрлија во морето, во 322 година. По укажување на Божји ангел неговите клирици го извлекоа од водата со помош на рибарски мрежи и го пренесоа во Амасија, каде што чесно го погребаа во црквата што ја беше подигнал самиот. Царот Константин крена војска против Ликиниј, го победи и го фати и го испрати во ропство во Галија, каде што заврши неговиот богоотпаднат живот.

Свети Јоаникиј Девички

Србин од Зета. Како млад обземен од љубовта Христова го остави домот и родителите и се оддалечи во пределите на Ибар, во една пештера во којашто според Преданието се подвизувал Св. Петар Коришки. Но кога неговата слава почна да се разгласува меѓу луѓето, побегна во Дреница и се скри во густата шума Девичка. Свети Јоаникиј помина во таа самотија години и години во молчење и безмолвие. Според преданието, Светителот таму ја исцелил лудата ќерка на српскиот кнез Ѓураѓ Бранковиќ. Од благодарност кнезот му подигнал манастир на тоа место, познат и денес под името Девич. Таму почиваат светите чудотворни мошти на Св. Јоаникиј. Во тој манастир не толку одамна се подизуваше прославената и богоугодна испосничка монахиња Ефимија. Народот ја нарекува блажената Стојна. Таа се упокои во Господ во 1895 година.

Свети Стефан
епископ Пермски

sv.Stefan.permski.jpg

По потекло Русин. Од малечок предаден на молитва и богомислие. Како момче отиде во Ростов и се замонаши во манастирот на Св. Григориј Богослов. Кога дозна за Пермската земја, целата обрасната во плевелот на незнабоштвото, посака да оди како мисионер во оваа земја; веднаш се вдаде во изучување на пермскиот јазик и кога го совлада, состави азбука и ги преведе на тој јазик црковните книги. Со благослов на московскиот митрополит тој како презвитер се упати на својот апостолски подвиг и во густиот мрак на пермското незнабоштво со огромна ревност почна да го проповеда Господовото Евангелие. Откако крсти неколкумина, се потруди да изгради во Перма храм на Св. Благовештение. Кога во Перма се умножи Црквата Божја, Свети Стефан го посветија за нејзин епископ. Претрпе секаков труд, мака, злоба и пониженост, но ја разгони темнината на пермските незнабожци и ги просветли со Христовата светлина. На старост уште еднаш отиде во Москва и таму се упокои во Господ во 1396 година.

sv.Stefan.permski.jpg