Тропар на светите
Христови маченици
Тимотеј и Мавра
3 мај / 16 мај

Главите наши денес пред вас ги приклонуваме,
о, свети маченици Тимотее и Мавро,
за да по вашите молитви измолиме
милост голема, од Оној Кој во маките
ви беше утеха, надеж во животот и
пат кон вечноста.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов новомаченик
Ахмед
3 мај / 16 мај

Блажен си ти Ахмеде, пред кого Господ
повторно капината ја запали,
излевајќи ја благодатта на слугите Свои,
но и тебе свети мачениче пламенот не те одмина
и искрата запалена во равност исповедничка се разгоре.
По неговите молитви Христе Боже спаси ги нашите души.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите
Христови маченици
Диодор и Родопион
3 мај / 16 мај

Немавте град за мирно славословие на Животот,
о мачeници свети Диодоре и Родопионе,
па чекајќи го oној кој ќе дојде маченички завршивте,
а камењата по вас фрлани послужија
храм Божји да се подигне над вашите тела
маченички прославени,
и затоа надевајќи се на вашите молитви
побрзавме надежта на вас да ја положиме.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на свети
Теодосиј Печерски
3 мај / 16 мај

8 глас
Возвисувајќи се добродетелно,
од млад го возљуби монашкото живеење,
 достигајќи до доблесни желби,
 се всели во пештерата,
и се украси твојот живот со пост и светлина:
  пребивајќи како бесплотен во молитвите,
 засветли како силно светило
во Руската земја.
 Оче Теодосие, моли го Христа Бога,
 да се спасат нашите души.



Извор МПЦ – ОА

 

Тропар на светиот
Христов епископ
Петар Аргоски и Навплиски
3 мај / 16 мај

Избегнувајќи ја суетата на овој свет,
ти епископе блажен Петре,
не го избегна Христовото послушание,
Кој погледна на срцето твое
и таму ограда подигна правејќи те пастир милостив
кој овците од волкот духовен ги чува.
Моли се за нас светителу,
чии мошти мироточиви за спасение послужуваат
и Бога Вечниот Го прославуваат.

 


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (16.05.2021)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светите маченици Тимотеј и Мавра

Судбината на овие прекрасни маченици, женик и невеста, е чудна. Дваесет дена по венчавката беа изведени на суд заради верата во Христос пред Тиавидскиот намесник Аријан, во времето на царот Диоклецијан. Тимотеј беше чтец во црквата во неговиот роден крај. „Кој си ти?“, го праша намесникот. Тимотеј одговори: „Јас сум христијанин и чтец на Црквата Божја.“ Оној пак му рече: „Не ги гледаш ли до тебе приготвените справи за мачење?“ Тимотеј одговори: „И ти не ги гледаш Божјите ангели што ме крепат“. Тогаш намесникот нареди и ушите му ги прободија со железна прачка, така што од болка му искокнаа очните зеници. Потоа го обесија главечки и му ставија во устата дрво. Мавра најпрво се исплаши од маките, но кога мажот ѝ ја охрабри и таа ја исповеда својата вера пред намесникот. Овој нареди и најнапред ѝ ја искубаа косата, а потоа ѝ ги отсекоа и прстите на рацете. По многубројни долги маки, на коишто брзо би подлегнале да не ги крепеше благодатта Божја, обајцата беа распнати на крст еден кон друг. Висејќи на крстовите останаа живи цели девет дена, советувајќи се и крепејќи се еден со друг во трпењето. Десеттиот ден Му го предадоа својот дух на Господ, за Кого претрпеа крсна смрт, со што се удостоија за Неговото Царство. Чесно пострадаа за Христа во 286 година.

sv.atanasij.jpg

Преподобен Теодосиј Киево-Печерски

Од најрана младост ги одбегнуваше смеата и веселбите и се предаваше на молитва и богомислие. За ова мајка му често го тепаше, а особено откако еден ден здогледа дека носи железен појас по голото тело, од што имаше крв на кошулата. Бидејќи еднаш ги прочита во Евангелието зборовите на Спасителот „кој го љуби татка си или мајка си повеќе од Мене не е достоен за Мене“, тој го напушти родителскиот дом и побегна во Киевската пештера кај Преподобниот Антониј. Свети Антониј го прими и наскоро го замонаши. Кога мајка му го најде и почна да го бара да се врати, тој ја посоветува, па и таа се замонаши во еден женски манастир. Со неговиот подвиг, со кротоста и добрината Теодосиј набрзо ги надмина сите монаси и му стана мошне мил на Антониј, којшто го постави за игумен на манастирот. Во негово време манастирот многу се намножи, се соѕидаа цркви и келии и во целост се воведе Студитскиот устав. Заради неговата девствена чистота, заради преголемиот молитвен труд и љубовта кон ближните, Бог му подари на Теодосиј голема благодат и тој Божји човек имаше голема моќ над нечистите духови, исцелуваше болести и гледаше во човечките судбини. Свети Антониј и Свети Теодосиј се сметаат за основачи и устроители на монаштвото во Русија. Свети Теодосиј се упокои мирно во 1074 година. Неговите целебни мошти почиваат покрај моштите на Свети Антониј.