05.jpg

 06.jpg

 04.jpg

 09.jpg


Ustolich.T.Josif.jpg

 Слово на Архиепископ Охридски и македонски, г.г. Стефан
изговорено во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, по повод востоличувањето на Митрополитот Јосиф, на 03.11.2013 г.


 Ustolich.T.Josif.jpg


 ✤✣✤


„Синот Човечки не дојде за да Му служат,
 туку да служи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“
 (Мт. 20, 28)

Високопреосвештен Владико,
возљубен брате во Господа,

Целта и смислата на Христовото доаѓање на земјата, беше да ја објави спасоносната наука, да го даде Својот живот за откуп на сите и да го помири човекот со Бога. Затоа и оние коишто  поверуваа во Него ги научи да  се молат и да помагаат за волјата Божја да биде како на небото така и на земјата. За да го направи служењето универзално, и да ги опфати сите луѓе и во сите времиња, ја основа Својата Црква, на која ѝ стана основа (1 Кор. 3, 1), аголен камен (Еф. 2, 20) и глава (Еф. 4, 15). Едни избра за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, а некои за пастири и учители, за сите да помогнат за усовршување на светите во делото на служењето... (Еф. 4, 11-12)

Негови пратеници беа, пред сè, апостолите – Неговите најблиски ученици, но такви беа и нивните наследници – епископите. И тие, епископите, како продолжители и исполнители на спасоносното служење, ја извршуваа волјата на Оној, Кој ги избрал и испратил – Великиот Пастироначалник. Такво чувство ги исполнуваше Христовите ученици, а св. ап. Павле потврдува: ние ја исполнуваме службата на пратеници место Христа...(2 Кор. 5, 20) Ете, таква обврска имаа апостолите, таква должност имаат и епископите – да ја извршуваат волјата Христова на земјата. И нема поголемо достоинство од тоа да се биде благодатно издигнат во избраник на Божјата благодат и соработник Христов во градењето на царството Божјо. Нема повозвишено служење од служењето поткрепено од Светиот Дух и од даруваната можност да се биде подражавател на Господа Христа. Отаму произлегува и обврската на епископот, како продолжувач на апостолкото дело – да го проповеда Евангелието пред луѓето и постојано да пребива во молитва и служба на словото (Дела 6, 4).

Господ Исус Христос беше и добриот Пастир, Кој со љубов го водеше стадото и се грижеше тоа да биде едно. Тој душата Си ја положи и ни даде пример и ние да го правиме истото, како што Тој направи (сп. Јован 13, 15) . Таква грижа покажаа и апостолите, таква грижа треба да имаат и епископите и сите свештенослужители. А грижата за стадото е грижа за Црквата! По примерот на добриот Пастир должни се и избраните пастири да бдеат над довереното им стадо, исполнети со страв Божји и поткрепени со благодатната сила на Светиот Дух.

Црквата Христова е тврдина на вистината, надежта и љубовта. Таа вистина на верата треба да се разгласува со збор и дело, а да се поткрепува со љубов, со љубов кон Бога и луѓето, да се потпира врз надежта, врз надежта во најголемата Надеж – во Бога. И да не заборавиме: христијанството не стигна на сите страни на светот, дури до карјот на земјата (Дела 1, 8), поради силниот глас на апостолите, туку благодарение на целосната оддаденост, на смиреното сведоштво и секојдневните жртвени подвизи, поднесени во името на Христа.

Епископот е повикан да биде најблизок соработник на Христа, зашто преку изборот се издига на високо место. А град што стои на врв планина не може да се сокрие – (Мт. 5, 14), туку треба да им свети на оние коишто тргнале по патот на спасението.

Епископот треба да свети преку својот живот и преку словото на благовестието. И нема друг пат освен оној зацртаниот од Господа Христа. Одејќи само по тој пат ќе може да се биде проповедник на верата и учител за доброто. И не само со збор, туку она што се говори треба и да се живее и да се потврдува со дела. Словото на епископот секогаш треба да биде слово на вистината за вечниот и времениот живот, слово за Божјата правда и утеха.

Ете, возљубен Владико, како од архиереј и востоличен митрополит, што очекува овој народ и свештенослужителите, што очекуваме членовите на САС, кои едногласно и еднодушно те избравме и што очекува нашата света Црква!? – Очекуваме да бидеш постојано исполнет со страв Божји, со љубов кон Бога и народот, со усрдна вера да пребиваш во молитвата, да го распалуваш дарот на Светиот Дух...(2 Тим. 1, 6), да го чуваш и зачуваш добриот залог... (2 Тим 1, 12), да ја прославиш службата (Рим 11, 13) како пратеник Христов и учесник во небесното призвание...(Евр. 3, 1).

Како млад не се обесхрабрувај, туку надевеј се на Бога од Кого доаѓа нашата способност (сп. 2 Кор. 3, 4), настојувајќи да го зајакнеш својот позив и избор (2 Петар 1, 10). Не заборавај дека и нашата света МПЦ, како неделив дел од едната, света, соборна и апостолска Црква, го има божествено сокровиште од кое произлегуваат обврските на секој свештенослужител, има долговековна историска традиција неделива од својот православен народ.

Доаѓаш во предели каде се длабоки и древни христијанските темели, ќе бидеш меѓу народ којшто љубоморно ја чува и живее верата православна, меѓу народ кој поради секојдневните притисоци сè повеќе се оретчува, но овој кој останува е верен народ и си ја сака Црквата Македонска и земјата прадедовска; ќе бидеш архиереј меѓу народ каде по крстот и полумесечината се идентификува и препознава секој човек и секоја населба. - Помагај да се залечат раните, моли се да се утешат онеправданите! Почитувај ги постојните разлики кај секого и учи ги луѓето да им го прават тоа на другите што сакаат другите ним да им го прават! Потсетувај ги дека кој прави неправда ќе добие според неправдата (Колос. 3, 25), советувај на злото да не се враќа со зло, туку злото да се надваладува со добро (Рим 12, 21). Поучувај да се бара она што служи за мир и меѓусебно подобрување еден на друг (Рим 14, 19). Биди толерантен и мирољубив, никогаш и никаде не заборавај дека во сè треба да се биде човек, иако тоа е најтешкото! – Сè друго е полесно! - Но најтешкото е најдостојно за секој човек!

Чувај го Лешочкиот манастир со неговите стари и нови лузни и светињите во доверената ти епархија! Не заборавај го Бигорскиот манастир и домовите во кои телесно и духовно израсна, како и институциите каде го стекна своето образование! Чувај ја чистотата на православното учење, внимавај на достоинството и брани ја возобновената автокефалност на нашата древна Светиклиментова Охридска и Македонска Архиепископија! И, како советува св. ап. Павле – Погрижи се пред Бого да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината ( 2 Тим. 2, 15), потруди се со верата и љубовта во Христа Исуса во тебе да се преумножи благодатта на нашиот Господ (1 Тим. 1, 14), ...за да го добиеш венецот на славата што никогаш не венее  (1 Петар 5, 4).

Прими го овој жезол како видливо сведоштво на архиерејската власт и благослови го овој народ кој молитвено учествува во денешнава радост!

24.jpg

Долгоденствуј, Високопреосвештен Владико! –
На многаја лета!

  26.jpg

  Извор: Бигорски манастир