Goran.T.Maks9.jpg

 Презвитер Горан Тасески


ЗА МАШКИОТ И ЖЕНСКИОТ ПОЛ

Самата човекова природа, која од Бога е создадена и се пренесува на сите луѓе преку благословот Божји: „Плодете  се, и  множете се, и наполнете ја земјата...“(1 Мој.1,28),  во себе го содржи потенцијалот за размножување.  Бог го создаде човекот како машки пол и женски пол (сп. 1 Мој. 1, 27). Гледаме различност во телесниот изглед, а тоа е видливата страна, но исто така, се јавуваат многу посебности  во внатрешните  способности  кај  човекот-маж и, од друга страна, кај човекот-жена. Така, самата природа нé учи за некои посебности и тие  треба да се следат при развојот на децата од машкиот пол и на децата од  женскиот пол.  Природно е машкото дете да го следи однесувањето на својот родител - татко повеќе отколку на мајката, бидејќи тој е негов образец преку кој се оформува посебното знаење за мажот. Од друга страна, женското дете природно е повеќе да ја следи својата мајка, бидејќи во неа го препознава образецот за да се стане жена.  Па така, во свое време, кога ќе се изразат јасно надворешните полови црти на телото, тогаш се изразуваат и способностите за размножување во кои се содржани и информациите за привлечноста на машкиот пол кон женскиот пол, а тоа е  така  со благословот Божји даден  од почетокот  кога Бог го создаде човекот. Едноставно, дошло времето кога: ... „ човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и двајцата ќе бидат едно тело“ (1 Мој. 2, 24).  А Бог што соединил, човек да не разделува“ (Мк. 10, 9). Во овој благослов се содржани некои основни начела за човекот, меѓу кои и тоа дека кога природата во човекот се поларизира видливо преку појавата на видливи машки и женски карактеристики, веќе  е дојдено времето кога момчето или девојката треба да се воспитуваат за осамостојување од родителите  и треба да формираат едно тело од два различни пола:  машки пол и женски пол.  Сето тоа треба да е плод на љубовен избор и благослов Божји и родителски,  се разбира ако родителите се свесени за таа потреба, и при тоа   треба да го почитуваат слободниот избор  и секогаш треба да припомагаат за нивното дете да стане самостојно,  а не да бидат пречка за тоа. Од друга страна, во Божјиот благослов искажан со зборовите:  „А Бог што соединил,  човекот да не разделува“,  покрај личниот избор на мажот и жената, кој треба да е плод на  љубов, а не на принуда, треба да се подразбира и нешто друго, а тоа е дека она што Бог благословил мажот и жената да се соединети преку љубовна заедница, да не се осудува човекот побуден од своите страсти и похоти, да го изменува, односно да не тежнее кон некакво друго соединување, за коешто ни говори светиот апостол Павле: „Зашто за она што го прават скришум, срамно е и да се зборува“ (Ефес. 5, 12).  И понатаму уште  подробно ни објаснува :

Оти гневот Божји се открива од небото на секоја нечесност и неправда на луѓето, кои вистината ја држат во неправда;. така што она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри.. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор. Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту, пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи;
наречувајќи се себе мудри, тие обезумија,
и славата на вечниот Бог ја изменија во облик на смртен човек, на птици, на четвороножни животни и на лазачи, - затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистотата, за да се бесчестат телата нивни во самите себе. Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на созданието повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во сите векови. Амин!

Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда.

И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во разумот свој,  затоа Бог ги предаде на изопачен ум – да го прават она, што не прилега;  

бидејќи исполнети со секаква неправда, блудство, лукавство, користољубивост, злоба; полни со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави; 

озборувачи,клеветници,богомрасци,силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни,неверни,недружељубиви, непомирливи, немилостиви.


Тие, иако ја знаеја правдата Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклони и кон оние што ги вршат.    (Рим. 1, 18 – 32).
Од овој текст на светиот апостол Павле јасно се гледа дека во незнабожеката  култура и цивилизација ваквите појави ги имало. Таквите појави се случувале и многу порано  најверојатно и најизразени биле во времето на уништувањето на градовите Содом и Гомор. Оттаму и терминот „содомија“ кој е синоним за крајна противприродна развратност.  Секогаш тие пројави биле плод на  тоа дека  ...не се обидоа да Го имаат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на изопачен ум – да го прават она, што не прилега; (Рим. 1, 28). И секогаш, ваквите изопачени противприродни пројави биле причина за навлекување на гневот Божји врз човекот. Така, во времето на Авраам градовите Содом и Гомор, поради развратот на нивните жители,  биле уништени  до темел преку запалување со огнени топки од сулфур кои паѓале од небото (сп. 1 Мој. 19, 1-25). Но, и покрај ваквите страшни опомени, кои Бог ги испраќал низ претхристијанската историја поради изопачениот непросветлен ум, тие повторно се пројавувале меѓу луѓето.  


Со доаѓањето на Христос, Словото Божјо, Синот Божји – Единосуштен со Отецот, Кој е Светлина за просветлување на незнабошците и слава за израилскиот народ, со Неговото спасително слово, со Неговиот образец за живеење, смирение, чистота, правда, со Неговата очистителна и спасителна Жртва на Крстот,  на човештвото му се даде можност да се измие од нечистотијата на својот изопачен ум, да се просветли со спасителното слово и да се запечати со Силата на Светиот Дух за да не врши грешни дела. Благодарение на Светиот Дух и на силната проповед на апостолите,  Христовото спасително слово се рашири  дури до краиштата на вселената и набрзо „народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на смртна сенка, им изгреа светлина“ (Мт. 4, 16). И така, набргу по доаѓањето на Спасителот, нашиот Господ Исус Христос, овие изопачени и противприродни пројави исчезнуваа, и тоа не само кај оние кои поверуваа и се крстија, туку и кај оние кои не го сторија тоа, бидејќи Сонцето на правдата изгреа за целата земја, за сите луѓе, и со Својата светлина ги разобличи делата на нечестивите, вршени во темнина,  повикувајќи ги сите на покајание.    

А како е  денес, после дваесет века ширење и практикување на евангелското слово? Несомнено Исус Христос е ист вчера денес и во веки.  Каков е денешниот човек, кој после толку векови учење од евангелското слово требаше да биде барем малку помудар ?  Денешниот човек себеси се смета за мудар и смета дека направил огромни успеси и достигнувања во областа на  науката и техниката. Но, од друга страна, сосема се отсликува во зборовите на апостолот: Сметајќи се себеси за мудри тие обезмудреа,- затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистотата, за да се бесчестат телата нивни во самите себе. Овие стихови од „Посланието до Римјаните“ се однесуваат на оние кои живееле до примањето на евангелското слово.  Голема срамота е што денес тоа се однесува и на христијани, кои барем така се нарекуваат себеси, а уште поголема срамота е и тоа што таквото бесчесно однесување не се прави скришум, туку пред очите на целиот свет.  Она за кое апостолот вели дека е срамно и да се зборува,  овие  сакаат тоа да биде зборувано и објавувано, со цел да им покажат на другите дека сè повеќе ги има нив со својата бесрамност, и во името на демократијата бараат да им се даде можност да стапуваат во истополови  бракови,  и уште повеќе од тоа,  да имаат можност да посвојуваат деца. Во личните податоци за новородените деца да има можност да се впише неодреден пол, иако Бог, Кој го дава животот, јасно при самото раѓање видливо го покажува полот на детето. Бараат  да има училишта  за „геј“ деца, бидејќи тие со својата бесрамност така ги нарекле.  Самите деца не пројавуваат полови разлики во својот детски период,  туку оние, кои поради својата бесчесност и помрачениот свој ум, „препознаваат такви карактеристики“ кај децата.  Во училишниот дневник и во другите документи на децата, бараат да не стои: родители татко и мајка, туку прв и втор родител, зашто според нив, во иднина, можеби родителите ќе сакаат да си ги заменат половите  или се од ист пол.

Навистина, за овие работи срамно е и тешко е да се пишува, бидејќи се плод на крајна развратност и безумие.  Но, знаејќи дека гневот Божји,  поради таквите изопачености, со сета своја јарост се излива над човекот,  повикани сме постојано, како членови на Едната Света Соборна и Апостолска Црква,  да ја обзнануваме вистината, правдата и судот Божји пред секој човек.  Зашто она што е откриено од Бога се однесува  за секој човек на  земјата, без разлика дали живеел од дамнина , денеска живее, или во иднина ќе живее.
 
Што треба да направиме за да се заштитиме од овие влијанија,  кои се неприродни за човековото битие? Должни сме што поскоро да се изјасниме против ваквите противприродни пројави, со јасно и недвосмислено спротивставување на секој демократски начин: референдум, средства за масовно информирање (СМИ). Да се трудиме во христијанските семејства да се дочува традиционалниот начин на воспитување, преку личен пример на родителите. Со пројавување на кротост, љубов и трпение, кај децата да се изгради доверба и пријателство  кон родителите. Само во таквите релации може да се изгради самодоверба кај децата, која во многу ќе им помогне низ животните предизвици да истапуваат со јасен личен став, препознавајќи пред сè, од своето домашно воспитување, што е добро, а што зло. Тука би спомнал и некои аномалии кои во современиве текови на живеење се провлекуваат и во христијанските семејства. Децата да не се оставаат да гледаат сè и сешто на телевизија, да имаат одредено време за гледање телевизија и тоа по избор, односно да не им се даде слобода која емисија би сакале да ја гледаат. Родителот треба да ја изгледа таа емисија со децата  и потоа заеднички да се даде критички осврт, на јазик разбирлив за детето , доброто и убавото да се пофали , лошото - насилното и срамното секогаш да се детектира и да се разобличи. Исто така, компјутерот треба да стане средство за помагање во образованието, а не стапица преку која се ловат детските души за развивање насилие и бесрамност. Во семејството треба да има ред, права и задолженија,  почит кон родителите, а пак родителите да не ги дразнат своите деца (сп. Ефес. 6, 4); туку секогаш да се знае дека редот и воспитувањето на децата се постигнува само со љубов, кротост и трпение.  

Би споменал и една појава од типот „мајкин син“ или  „таткова ќерка“. На пример, синот сето време се врти околу мајката, бидејќи таа повеќе го „мази“, синот  ја гледа како се чешла, како се шминка или облекува, па честопати и синот сака да биде нашминкан, и мајката така од шега го шминка, или пак синот  сака да е со пријателките на мајка му, да ги слуша како разговараат за разни женски работи додека пијат кафе. И обратно, кога ќерката се врти сето време околу нејзиниот татко, ги следи сите негови машки постапки,  затоа што таткото нели, повеќе ја „мази“. Секако, овие работи не се толку многу пресудни за развивање противприродна појава на привлечност кон истиот пол, но треба да се обрне внимание и она што си е природно воспитување да се воспостави, па така кога ќе се забележат такви појави кај децата, тие да се искоренат, со родителската свесност за тоа дека, на машкото дете образец треба да му биде таткото, а на женското - мајката. Кај децата кои растат со еден родител треба од родителот  да се поттикне инцијатива, како на пример:  мајката треба да сфати дека на нејзиниот син му е потребно и машко однесување како образец, па така, вршејќи понекогаш работи кои се машки во куќата, да го поттикне да се интересира повеќе за нив. Родителите треба да ги знаат  другарчињата на своите деца, а исто така и нивните родители , не за да ги тргнат настрана децата, туку пред сѐ преку тоа запознавање да се има взаемно искуство во доброто, а лошото неминовно треба да биде детектирано и да се бараат начини, ако е можно заеднички, да се делува, сѐ со цел да ги запазиме децата од лошата импликација на насилие и бесрамност. Родителите, исто така, треба да бидат будни за тоа кој и со што ги воспитува нивните деца во училиште. Предмети од типот на „сексуално воспитување “ не треба да се дозволат, имајќи во предвид   какви сé кампањи се водат во современиов тек на живеење за таканаречените „сексуални права и слободи“,  па на време треба да  се реагира на таквите предизвици. Пред сѐ треба да сé знае дека основите на правилното воспитување на децата, а исто така и на родителите, се воспоставуваат и се применуваат само со Најголемиот Воспитувач – Нашиот Отец Небесен, Неговиот Возљубен Син и Спасител наш-Исус Христос, и Светиот Дух, Единиот Бог-Троица Едносуштна и Неразделна, во Кого пребива вечната премудрост и сила, неискажливата вечна љубов, мир, радост, кои Он сака неизмерно да ги сподели со нас. А ние, ако се подготвиме преку покајание, смирение и љубов, да ги примиме нив во нас, тогаш сложеното станува едноставно, тешкото -лесно, настапува љубовта - стравот исчезнува, се буди радоста –тагата ја снемува. Само со таква преданост  ќе можеме да воскликнеме:  „Со Господ сѐ можам!“ .         

И сосема на крај да речеме дека овој тежок грев не е единствен помеѓу луѓето денес, и тоа дека не се праведници оние кои, фала Му и слава на Бога, го немаат овој грев, но секогаш да знаеме дека само   вистинското покајание   Бог го прима и разрешува од гревови и најтешки грешници ако така пристапат кон Него, и уште да речеме:  „Христос се воплоти, повикувајќи ги на покајание и разбојниците и блудниците; покај сѐ, душо моја, вратите на Царството веќе се отворени, и пред нив се редат фарисеи и цариници и прељубодејци,  кои се покајуваат.“  /стихира од Великиот покаен канон на св. Андреј Критски/  

 

Извор: ПРАВОСЛАВЕН ПАТ

21-ноемви, лето Господово 2014