Синаксис во манастирот на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса (29.11.2011)


ТРИ ОРИЕНТИРИ

Пак ме инспирираа вашите исповеди, за да го напишам ова што следува – што е лошо. Како не сфаќате, на толку зборување и повторување, дека (најчесто) кога ќе се видите во духовна темница и без благодат, треба веднаш да знаете дека сте промашиле негде и дека сте надвор од Христовиот пат? А многу лесно можеме да се провериме и да си ја лоцираме грешката. Просто, ги забораваме потребните и многу едноставни ориентири. Зошто? Затоа што немаме доволно опит. Особено ме погодува кога безблагодатната и збркана состојба во која се наоѓате ја земате како нормална основа за понатамошно размислување и делување.

 Постојат три ориентири со кои секогаш можеме да се послужиме кога ќе се најдеме во конкретно искушение и духовно затемнување.

Прв ориентир: христијански е постојано да даваме, а не да бараме. Значи, ако во конкретното искушение и духовно затемнување што ни се случува, се провериме себеси и се најдеме дека нешто бараме, место само да даваме, треба веднаш да знаеме дека сме надвор од Христовиот пат, и од Божјата благодат; и дека затоа му оставаме место на демонот постепено да зазема простор во нашиот ум и нашето срце. Ова посебно важи кога мислиме дека некому нешто сме дале и сега тој дури и е должен да ни возврати. И нормално, да не се чудиме на затемнувањето и да не бараме човечка правда, туку да се покаеме и да ја побараме Божјата правда – да продолжиме со давање. Давање, себепринесување или благодарење, во Богочовекот Христос, е исто.

Втор ориентир: секогаш, јас сум крив за сѐ. Ако, во кој било момент или ситуација се фатиме себеси со помислата дека некој друг е крив за што било – надвор сме од Христовиот пат, останати сме без Христовата благодат, отстапувајќи му огромен простор на демонот да делува во нашиот ум и во нашето срце. А имаме опит, што е најчудно, кои се последиците на демонското делување при осудувањето на ближниот и колку е тоа разорно.

Трет ориентир: подвиг на непрестајна аскетска молитва. Чувствуваме ли некакво духовно затемнување, а не можеме да се вратиме на патот преку првите два ориентири, тогаш да знаеме дека не сме се заборавиле себеси преку молитвата. И пак си знаеме – надвор сме од Христовиот пат, напуштени сме од благодатта на Светиот Дух, а во друштво на демонот. Ова делче ви е една од темите за дискусија: како да разликуваме кога благодатта Божја нè напуштила заради егзистенцијално промашување, а кога заради егзистенцијално восовршување?

За да останеме на Христовиот пат, мораме постојано да се бориме за тоа со помош на спомнатите три ориентири. Ако пак не сакаме да најдеме сили за овој подвиг внатре во нас, добро е, барем, да се смириме пред фактот дека сме раслабени и дека немаме подвиг, а не да пребиваме во прелест, негувајќи голема идеја за себе заради одредени дарови што ги имаме или заради одредени позиции што ги заземаме. Ова е споредна цел на секоја моја духовна поука – барем да се сетиме дека покрај духовната сиромаштија во која се наоѓаме немаме и плач на душата, немаме покајание. Со еден збор, сите сме за никаде, само што едни тоа го знаат, а други тоа не го знаат. Плачот е редок подвиг и кај тие што знаат, за другите да не зборуваме.

Деца, ајде уште еднаш да се преслушаме, како вие всушност го сфаќате процесот на исцеление на умот? Знаете ли точно како се одвива процесот на исцеление на умот? Ве молам, да ми напишете домашна за тоа – како го разбирате исцелението на умот. Најдобриот одговор ќе го приложиме кон текстов, како поука за другите.

На крај, само да ве потсетам, а тоа е непосредно поврзано и со третиот ориентир, дека еден од нашите најголеми духовни проблеми е самосозрцанието (читај – самољубието). Многу се самонабљудуваме, значи од световен аспект, дали ни е добро или дали се чувствуваме убаво и, врз основа на позитивниот или негативниот заклучокот за нашата моментална телесна или душевна состојба, соодветно острастено делуваме. На пример, ако не чувствуваме потреба за молитва – не се молиме. Дајте ми вие, ве молам, примери за претходно спомнатото во вашите коментари. Како сега си замислуваме да го поврземе компромисот со светот и аскетско-исихастичкиот подвиг; или, личниот (и семеен) комфор и исполнувањето на Божјите заповеди; или, произволниот религиозен живот и конкретното восогласување на начинот на нашиот подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме? Нормално, тоа е невозможно. Главната грижа на воинот е како да Му угоди на својот Господар, а не на себеси: оти ниеден војник не се вплеткува во светски работи, за да му угоди на својот началник (Тим. 2, 4).

 

Митрополит Струмички Наум

Лето Господово 2011

 

Друго:

Сеноќно бдение во Струмица - Главен ориентир (31.12.2011)