Последиците од падот на Адам


Адам бил создаден чист за да Му служи на Бога, а сите созданија биле дадени за нему да му служат, зашто бил поставен за господар и за цар над сѐ што создал Господ. Но штом се доближил до него лукавиот демон и поразговарал со него (Адам во почетокот го примил само со својот надворешен слух), тој веднаш навлегол и во неговото срце и го опфатил целото негово битие. На тој начин, по неговото заробување, заедно со него биле заробени и сите негови созданија, кои му биле послушни и кои му служеле. Преку него смртта се зацарила над секоја душа. И поради тоа, поради неговата непослушност, се изменил Адамовиот лик, така што потоа се измениле и сите луѓе, па почнале да им се поклонуваат на демоните. Почнале и земните плодови, создадени толку прекрасни од Бога, да им ги принесуваат на демоните. На нивните жртвеници им принесувале леб, вино, елеј и животни. Па дури и своите синови и ќерки ним им ги жртвувале.

По Адамовиот грев, душевните помисли, одвоени од Божјата љубов, се расеале по овој свет и се измешале со земните помисли. Веднаш по прекршувањето на Божјата заповед, Адам го примил во себе квасецот на опасните страсти, така што и оние кои се родиле од него, и целото негово потомство, по наследство го добиле овој квасец на злото, а потоа постепеното во луѓето се умножувале гревовните страсти, така што прераснале во прељубодејствија, изопачености, идолатрии, убиства и други одвратни дела, сѐ додека целото човештво не скиснало во порокот. Злото во луѓето пораснало толку многу, што помислиле дека нема Бог и почнале да им се поклонуваат и на мртвите камења, а дури не биле способни ниту да имаат поим за Бога. До толкав степен квасецот на опасните страсти се умножил во родот на првородениот Адам.

Откако се оддалечил од заповедта и се потчинил на гневното осудување, човекот бил заробен од гревот, што како некоја бездна на горчина, прозрачна и длабока, навлегла во него и завладеала и со најскришните пори на неговата душа. Затоа, и душата и гревот што навлегол во неа, ги споредуваме со огромно дрво, кое има многу гранки и корења во длабочината на земјата. Така и гревот, кој навлегол во душата и завладеал со нејзините длабочини, се претворил во навика и предрасуда, па уште од самото детство во секого расте, се развива и го учи на она што е зло.

Св. Макариј Велики

 

https://www.tiveriopol.mk/posledicite-od-padot-na-adam/?fbclid=IwAR26LWBJoeMoBMVPZAwjCTKPEiJrIGX3md0aa_kyCUuDE5KwIrju43cLlNU