логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba
Ваше Блаженство,

Ваши Превосходства, почитувани претставници на државната власт,

Ваши Високопреосвештенства,

Ваши Преосвештенства,

Ваши Високопреподобија,

Сепреподобни браќа монаси и себлагоговејни и чесни отци,

Возљубени браќа, сестри и гости,



Ви благодарам, Ваше Блаженство, за топлината со која архипастирски ми се обративте, како и за возвишените зборови што далеку ги надминуваат моите скромни сили и познавања.

Честа да се обратам пред ова свештено собрание, пред невидливите припадници на небесната и пред присутните членови на земската Црква, е несомнено голема, но истовремено таа ми претставува и огромен товар. Треба да ви се обратам како новохиротонисан архиереј на Господа Исуса Христа, како образ на Неговата првосвештеничка благодат, а себеси се сметам за немоќен да се носам со тоа превозвишено достоинство и со таа безмерна одговорност. Затоа, смирено ги просам молитвите и поддршката од сите вас.

Да се биде епископ, преемник на апостолската благодат, значи да се биде прв не во превласта, не во некакви привилегии, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро, според зборовите Спасителови упатени кон учениците Негови: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите![1]. Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служител на тајната на љубовта, на тајната на Евхаристијата, не само во храмовите Божји, туку и во живите храмови – срцата на луѓето. А светата Евхаристија, делото на Божествената Литургија, е дело на едно непрестајно благодарење кон Бога.

Ете зошто ова пристапно слово ќе биде токму тоа – свештена благодарност од моето срце „за сите и за сè“.

Најнапред Му Благодарам на единствениот вистински Бог, пројавен во три Лица, за тоа што сум дел од Неговото спасително откровение, за сите Негови „знајни и незнајни, јавени и нејавени добродетелства што ми се направени“, вклучително и за оваа велика служба на која ме повикал.

Веднаш по Троичното Совршенство, безмерно Ѝ благодарам и на Царицата Мајка, Пресвета Богородица, чијашто мајчинска заштита и љубов ја чувствувам од дете, а исто така и на чесниот, славен Пророк и Претеча Господов, Свети Јован Крстител, чиј сум и кому 25 години со почит му служам.

Посебна благодарност му должам на мојот надлежен пименарх, многу почитуваниот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој е неразделно сврзан со мојот монашки живот: имено, тој е архијерејот којшто ме замонаши, тој ме ракоположи за јероѓакон и за јеромонах, а еве сега, на негово барање, Светиот Архијерејски Синод ме хиротониса и во третиот степен на свештената јерархија. Неговата севкупна поткрепа, за мене се покажала насушна. И понатаму го просам неговиот татковски благослов и останувам да живеам под негово послушание.

Неизоставен дел од ова свештено благодарење се и моите родители, татко ми Борис, мојата биолошка мајка Светлана, за која чувствувам како непрестајно ме благословува од небесната Црква – нека ѝ биде споменот вечен! – како и мојата втора мајка Живка, која буквално во сè, а најмногу во љубовта, се покажа како вистински незаменлив родител. Нивниот благослов и поддршка во стремежот  временото и земското да се заменат со вечното и нераспадливото, беше за мене темел врз кој почнав да го градам мојот монашки живот. Тие Му дадоа на Бога едно чедо, а денес имаат неколку десетици деца, бидејќи тие ги прифатија монасите и монахињите како свои родени чеда, во ништо не делејќи ги од мене.

3.angeli.so.truba

Кога сме веќе кај родителството, неизбежно е да ја изразам синовската благодарност и кон блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис, поранешниот игумен на светогорскиот Григоријатски манастир. Неговата беспрекорна духовничка љубов – а беше вистински духовен татко со родителско чувство на грижа – останува за мене поттик и вдахновение во исполнувањето на мојот призив на духовен раководител. Се сеќавам на зборовите со кои Старецот нè поучуваше на Света Гора: „Вашето дело треба да биде свештено-апостолско. Со мрежите на апостолската љубов да собирате што повеќе души за Христа. Но, да знаете дека тоа воопшто нема да ви биде лесно, затоа што ќе треба, преку подвиг, страдање и жртва, да освојувате педа по педа територија од духовниот непријател“. По неговите свети моливи, до денес се трудиме да го исполнуваме неговото послушание. Нека му биде споменот вечен и неговиот благослов нека биде со нас!

Набрзо по мојот избор за епископ од страна на светите архијереи на Синодот на нашата најсвета Македонска православна црква – Охридска архиепископија, изјавив дека „монашкиот живот за мене останува врховен животен призив“. Седобриот Бог ме удостоил со едно прекрасно христоподобно монашко семејство, со моите браќа и сестри монаси и монахињи, кои, всушност, се мојот живот и мојата сила, најкратко кажано – тие се моето сè! Сведочам пред Господа и пред сите Светии во овој небоподобен храм на Премудроста Божја: сè што правам, вклучително и тоа што денес стојам пред вас со ова архијерејско одејание, го правам првенствено за нив, за нивното благоуспевање на патот кон обожението и полагам свештен завет дека ќе останам со нив до крајот на мојот земски живот, а ако Бог се смилува на мене, последниот и најмалиот – и во вечноста. Смирено ги просам и нивната верност и нивните молитви, бидејќи молитвите на монасите го крепат светот. Секогаш досега сум ја чувствувал нивната љубов и нивната поддршка, па таа, мили мои чеда, ќе ми биде двојно попотребна отсега па натаму.

Им благодарам и ги просам молитвите и на сите мои духовни чеда, кои по послушание од Бога, навистина ги сакам како свои синови и ќерки. Нивната љубов е од животно значење за мене и затоа ги замолувам со својата љубов да бидат постојано блиску до мене, како што и јас им ветувам дека ќе бидам секогаш тука за нив, како и досега, бидејќи тие се мојата пофалба и мојот идентитет во Господа Исуса. Нивната радост е и моја радост, нивната жалост е и моја жалост, нивното спасение – моја животна цел.

Тука се, секако, и моите духовни деца, штитениците од нашите манастири, со кои заедно сме го делеле и го делиме манастирскиот леб, сме доживеале многу борби, падови, но и бројни воскресенија. Во пристапот кон нив, главен мотив ми се Христовите зборови, дека голема радост настанува на Небото за еден грешник што се кае.[2] Следствено, нивното растење, нивното благоуспевање во животот во Христа, за мене е вистинска духовна храна, одмор и успокојување. И навистина, нема поголема радост за еден татко, особено духовниот, од тоа кога гледа како неговите чеда напредуваат во преумувањето и во добродетелите, се трудат во подвигот на љубовта заради Христа, и нема поголема награда за него од нивното спасение, кое го посакува повеќе отколку своето. Сакам тие да знаат дека никогаш нема да бидат оставени од наша страна, им барам прошка доколку со нешто сум им погрешил, но и ги замолувам и тие да ми бидат поттик со својот добар живот и со молитвите.

Најпосле, ви благодарам и вам, на сите мои пријатели и познаници, присутни сега овде, но и коишто се наоѓате насекаде низ светов и длабоко ве замолувам за вашата поткрепа, за вашите молитви и вашата љубов. Сега, на мојата лична Педесетница, кога врз мене се излеа сеопростувачката благодат на Светиот Дух, смирено барам прошка од сите вас, како и од оние со кои не сум се согласил во некои работи, доколку некого сум разжалостил или некому сум му погрешил со збор, дело или помисла, та да можам со помирена совест да започнам нов почеток во работата на нивата Господова. Денес, кога го славиме споменот на Светите Првоврховни Апостоли, добро е да се потсетиме на покајанието на Апостолот Петар и на неговото трикратно исповедание на љубовта кон Христа: Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам![3] Истовремено, сакам да кажам дека и јас од срце им простувам на сите кои на каков било начин ме повредиле или со нешто ми погрешиле. Нека Бог на милоста и љубовта се смилува над сите нас!

3.angeli.so.truba

Чувствувајќи ја Пристапната епископска беседа и како своевидна исповед и како своевидна платформа, пред Вас ќе ја доверам и јавно ќе ја исповедам својата неприкосновена предаденост кон мојот македонски народ и кон мојата Татковина Македонија и најмногу кон мојата МПЦ-ОА, Мајката Црква на сите православни во рамките на нашата држава, на кои, како монах, веќе 25 години безрезервно и сеоддајно им служам. Едноставно, не е можно кој избрал и се труди да живее за Царството Небесно, да не ја сака и својата земска татковина, како и своите ближни, зашто тие се благословениот од Бога простор и опкружување, каде што Бог благововил да ги твориме делата на спасението.  Впрочем, важно е сведоштвото на зборовите, но поважни се делата и жртвата. Па така, ќе оставам сработеното досега,  што, секако, е плод не на нашата праведност, ами на Божјата благодат – самото да говори за нашата посветеност кон Татковината и кон нашиот верен народ.

Секако, во контекст на ова, неизоставно е да се спомне дека Црквата, живее и постои за да го изразува совршеното дело на љубовта, дефинирано во зборовите на апостолот: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса[4]. Сите ние кои ја претставуваме полнотата на Црквата треба постојано да ја сведочиме смислата на кажаното со животот и делата, бранејќи го христијанскиот идентитет од секаква идеолошка, национална и политичка заробеност, што е појава особено истакната низ православната екумена во денешни дни, а која предизвикува огромна штета, очигледна во неколкуте последни актуелни случувања. Токму поделбите, по принципите или желбите од овој свет, се опасност за соборниот карактер на православната Црвка, и ова современо и опасно искушение, кое нѐ оддалечува од Христа и ја подрива соборноста на телото Христово, можеме да го победиме токму со љубовта и молитвата на Синот Божји, Кој бараше од Својот Отец Небесен сите да бидат едно во Него[5].

За вистинскиот монах не е воопшто неприродно ниту туѓо да го последува подвигот на откажувањето, зашто тоа е основниот завет според кој монахот, бегајќи од светот, се откажува и од придобивките. Впрочем, како што велат древните отци подвижници, „светот, луѓето, предметите – сето тоа е добро. Стануваат лоши за нас кога ги гледаме острастено“. Ете, сведок сум, во изминативе две и пол децении, моето братство и сестринствата немаат добиено никаков личен финансиски надомест за својата севкупна дејност, ниту земаат некаква државна или црковна плата, а исто така, не се ни социјално ни пензиско осигурени. Секако, ова важи и за мене, како дел од таа монашка заедница. А и во иднина, да не звучи нескромно, воопшто намерата не ми е таква, туку е искрена и во согласност со досегашната реалност на мојот живот и однесувањето – доколку како на викарен епископ би ми следувал некаков надоместок, истиот во целост ќе го распределам за потребите на братството и на неговата мисија.

Накрај би сакал уште еднаш да ви се заблагодарам на сите и да ги побарам вашите молитви, за да можам со непосрамен образ да го износам архијерејскиот крст, во слава на Триединиот Бог наш и за доброто на поверената ми паства. Нека апостолскиот благослов се спушти врз сите нас, како и врз целото општество, разбранувано од бројни искушенија, та по молитвите на Светите Апостоли, Христовата Црква да извојува победа над злите сили и да остане неповредено нејзиното свето предание, традициите и начинот на живот во неа. Што и да се случува денес во светот, ние, Христијаните, не смееме да дозволиме стравот да ја надвладее нашата љубов кон ближниот и силната вера во промислата Божја. Всушност, од што би се плашеле, доколку ги имаме постојано пред нас зборовите на денешниот славеник, великиот Апостол Павле, кој вели: вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“[6]

Мили мои, ви благодарам на вниманието и ве молам да ми простите за сите мои грешки!

[1] Марко 9,35

[2] сп. Лука 15,7

[3] Јован 21,15

[4] Галат. 3, 28.

[5] сп. Јован 17,21.   

[6] Рим. 8,15

 

Извор: https://bigorski.org.mk/slova/arhimandrit-partenij/da-si-bide-episkop-znachi-da-se-bide-prv-vo-sluzhenjeto/

 12ти јули 2020 лето Господово

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1040
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1002
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Ретроспектива (2005-2020): „Митрополит Струмички Наум - Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (6)

Ретроспектива (2005-2020): „Митрополит Струмички Наум - Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (6)

 Сите имаме свој крст, но прашањето е: дали нашето страдање Бог го прима како учество во Крстот Христов или тоа е само обично, очајно и бесмислено човечко страдање? Односно, дали...

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв

Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти, и блудницитe да живeат цeлoмудрeнo, и чoвeкoубијцитe пoвeќe да...

Игумен на манатирот "Успение на Пресвета Богородица",о. Фотиј, Берово: БЕСЕДА

Игумен на манатирот "Успение на Пресвета Богородица",о. Фотиј, Берово: БЕСЕДА

...По тоа ќе не познаат,по тоа ќе ни мерат...Ако нашите дела и нашите постапки бидат во согласност со Божјите зборови. Лесно е да се каже,тешко е да се спроведе.Еден најобичен...

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Девата се раѓа од неплодна утроба, но дури и да била плодна, рождеството пак би било чудесно. О, големо чудо! Штом времето на сеење поминало, тогаш жетвата дошла; штом огнот...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Епископот Антаниски г.Партениј: Повик на покајание за злоупотребата на интернетот

Епископот Антаниски г.Партениј: Повик на покајание за злоупотребата на интернетот

Како духовник сум сведок колку многу бракови се распаѓаат, и тоа христијански бракови, на воцрковени сопружници. Христијанскиот брак, а со него и сето општество, се наоѓаат во застрашувачка ерозија и...

БEСEДА за силата и мисијата Христoва, какo штo прoрeкoл Исаија

БEСEДА за силата и мисијата Христoва, какo штo прoрeкoл Исаија

Духoт на Гoспoда e врз Мeнe. Зoштo Oн тoа гo гoвoри кoга e рамeн на Духoт какo и на Oтeцoт? Заради свeдoштвo на луѓeтo, какo штo тoлкува св. Златoуст. Нe...

Митрополит Струмички Наум: На рјеках Вавилонских... (12.09.2020)

Митрополит Струмички Наум: На рјеках Вавилонских... (12.09.2020)

Ни покажа и нѐ поучи и како духовно да пораснеме и да ја достигнеме оваа Божествена љубов. Нѐ поучи дека, покрај лоши дела и зборови, срцето треба да го очистиме...

« »