НАШЕТО ЗАЕДНИЧКО ПАТУВАЊЕ
Навистина понекогаш не ја чувствувам твојата болка, грижа, стрес, срцебиење, напнатост, замор и веројатно те вознемирувам заради тоа. Но, не ми се лути, бидејќи не е дека не ми е гајле, не е дека сум рамнодушен, не е дека не те сакам. Веројатно во тој момент сум „на друго место“. Донекаде, не посветив доволно внимание на тоа низ што поминуваш, или не те забележав на начин на кој би сакал да те забележам и да те поддржам.
Не сакам да се оправдувам, затоа и сакам прошка, затоа и се трудам, затоа и останувам „тука“. Ти ги имаш своите проблеми, како и јас. Ти може се чувствуваш на еден начин, јас поинаку. Тешко е кога си уморен да го разбереш уморниот. Тешко е, кога си радосен и безгрижен, да ги разбереш тагите и угнетувањата. Тешко е кога не те боли да ја чувствуваш болката за накој друг. Тешко е кога си сит да ги разбереш гладните. Но, ова е нашата борба. Ова е патот на нашето заедничко патување.
Тоа е патот на љубовта, кој те повикува мене и тебе да не бидеме рамнодушни, но да се сораспнеме со другиот, да сочувствуваме со него, да го разбереме и почувствуваме.
Затоа те молам за прошка. Затоа, го молам Господ да ме просветли за да не паднам повторно во замката на рамнодушноста. Затоа што да се биде рамнодушен или невнимателен за она што го чувствуваш, за она низ што поминуваш, за мене е голем пад.
Зашто грев е не само ако ти направам зло. Грев е да не ти правам добро, кога можам. И секако е убаво да ти помогнам, макар и малку, да го носам твојот крст, рожбата на твоето безмилосно секојдневие. Извини што не бев како добриот Самарјанин, кој не го одмина (ближниот), не беше рамнодушен, не ја гледаше сопствената удобност, застана на врвот на пожртвуваната љубов, давајќи му топлина, утеха и топла прегратка на ближниот кој страда и во тој час имаше потреба од него.
Нека јас и сите ние заедно некогаш ја стекнеме оваа свест на Добриот Самарјанин, за да можеме со нашите животи да даваме кислород и живот, радост и олеснување во животите на другите.
***
Не можеш да му даваш пари, подароци или сигурност на другиот. Меѓудруго и тоа (се разбира). Но, мислам дека најважно е да се насмее другиот. Ова е најголемиот благослов, најголемиот подарок што можете да му го дадете. За да го насмеете, насмејте се. Како и најголемиот подарок што можете да го добиете од другиот. Неговата насмевка, смеа, радост.
Нема поубав звук од смеата на саканата личност и нема поубава глетка од неговата насмевка. Пробајте го тоа - да ја насмеете другата личност. Затоа што, дури и да сте лишени од многу работи, ако има насмевка и смеа во вашата врска, сè омекнува и конечно се надминува. Благослов е да се даваат и примаат насмевки.
***
Достоинството на нашето постоење е лажна смисла, бидејќи само по себе не вреди ништо, затоа што ја губиме својата личност и ги осакатуваме нашите животи кога живееме во самопофалба на индивидуалноста. Само вистинските односи додаваат вредност на нашите животи. Само преку нашиот однос со другите ја сфаќаме смислата на животот, која е во заедништвото, во постигнувањето на беспочетната љубов која ја ослободува вистината.
***
Престани да го гледаш другиот во рацете, устата, во косите, во нозете... Престани да гледаш на неговите страсти, неговото богатство, неговите копнежи, неговите мисли, неговата плот и погледни го во очите. Гледај го со милост и сочувство, со благост и нежност, со добрина и љубов. Така и ти погледни го другиот; како што Бог те гледа тебе.
Автор: архим. Павел Пападопулос/ bogonosci.bg
За Преминпортал Симеон Стефковски
16.01.2023лето Господово