Богочовекот Христос дошол за да се погрижи за нашето спасение, да нѐ спаси од гревот и смртта и да нѐ воведе во Царството Божјо; но тука се погрижува и за една секојдневна потреба. Исто како што подоцна ќе се погрижи да не останат гладни насобраните околу Него, кои го .
† Георгиј, Митрополит Дебарско-кичевски
СВЕТОСТА КОН КОЈА СМЕ ПОВИКАНИ1
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес празнуваме празник кој, иако не е вброен меѓу големите празници, е длабоко значаен – Положување на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква. Овој настан не е обичен историски спомен, туку молитвено сеќавање за уште едно чудесно Божјо прославување преку Божјата Мајка, празник во чест на најголемата Светителка во историјата на светот и човештвото – Пресветата Дева Марија, Богородица.
Со одлука на вселенски собор е потврдена верата на првата Црква дека таа е Мајка на вечноживиот Бог, па затоа се нарекува и Богородица. Црквата ја слави и ја прославува Богородица, бидејќи таа е централна личност во човековата историја. Токму преку неа се објавува најголемата тајна: дека Бог толку го возљуби светот, што одлучи да стане човек – за да го спаси човекот и да му дарува вечен живот. А Пресвета Дева Марија ја прифати Божјата волја и промисла: преку неа Бог да стане човек, за да може човекот да се обожи и да стане бог по благодат.
Во оваа прилика, би се задржал на два значајни момента поврзани со Пресвета Богородица. Првиот момент е Божјиот повик, кој доаѓа до неа на сличен начин како што во Стариот завет Бог и претходно ги беше повикувал во служба праведниците, пророците и други Свои избраници. Иако често тие не знаеле точно што значи тој повик, сепак, со вера и целосна доверба во Бога, го прифаќале и тргнувале по патот за којшто биле повикани. Замислете ја младата Дева Марија, кога ѝ се јавува светиот архангел Гаврил и ѝ вели: Не плаши се, зашто си нашла благодат во Бога; и ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Му дадеш име Исус... Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; затоа и роденото од тебе ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји2 . Без двоумење, таа вели „Еве ја слугинката Господова“, и со тоа го менува текот на историјата – не само на Израил, туку на сиот свет и на сето
--------------------------------
1Прва беседа по интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски – епархиски архијереј на Дебарско-кичевската епархија, произнесена во манастирот „Пресвета Богородица“ – Заум, Охрид, по повод празникот Положување на ризата на Пресвета Богородица во Влахерна, на 15.7.2025 година.
2Лк 1, 30–31 и 35.
човештво. Со тоа „да“ Пресвета Дева Марија станува Мајка Божја и мост меѓу небото и земјата. На тој начин, таа е пример и насока и за нашата лична одговорност пред Бога и пред Неговиот повик: кога Бог ќе нè повика за некоја служба, ние треба потврдно и верно да одговориме, секој во свое време и на свој начин.
Вториот момент што би сакал да го нагласам е дека служењето на Бога се осмислува преку служењето на ближните. Оваа размислување се надополнува и потврдува преку текстот од денешното евангелие, што говори за гостопримството на Господ Исус од страна на двете сестри, Марта и Марија. Марија седела и Го слушала Господа, додека Марта прислужувала. Христос рекол дека Марија го избрала подобриот дел – да го слуша словото Божјо. Но тоа не значи дека она што Марта го правела не вреди, бидејќи и таа го правела она што е потребно. Поуката е дека во животот е потребно, според околностите и според потребите, да бидеме и Марта и Марија. Треба да го слушаме словото Божјо и да живееме според него, а тоа значи да се грижиме за нас и за нашите ближни кога е потребно – бидејќи и тоа е дел од нашиот пат кон спасението. Во тоа се состои целото Евангелие: да Го слушаме Христа и да го исполнуваме Неговото слово.
За оваа грижа се говори и во едно друго, исклучително значајно евангелско четиво поврзано со Пресвета Богородица и со свадбата во Кана Галилејска3 . Таму, на нејзино барање, Господ Христос го прави Своето прво чудо – претвора вода во вино. Можеби некој ќе рече – неважно чудо, покрај сите останати кои Тој подоцна ќе ги изврши. Христос, Кој моќно ќе ги смирува бурите и ветровите, Кој ќе лекува неизлечливи, та слепи ќе прогледуваат и неподвижни ќе проодуваат, Кој ќе изгонува бесови и мртви ќе воскреснува, тука се погрижил за една дребна човекова потреба. Богочовекот Христос дошол за да се погрижи за нашето спасение, да нѐ спаси од гревот и смртта и да нѐ воведе во Царството Божјо; но тука се погрижува и за една секојдневна потреба. Исто како што подоцна ќе се погрижи да не останат гладни насобраните околу Него, кои го слушале Неговото слово, та ќе умножи пет леба и со нив ќе насити пет илјади души4 .
Пораката е дека, пред сè, треба да се грижиме за она што е најважно – за спасението на нашите души, служејќи Му на Бога во смиреност и молитва. Но истовремено, не смееме да ги занемариме и оние малкуважни секојдневни нешта, кои, иако на прв поглед изгледаат
-----------------------------
3Сп. Јн 2, 1–12.
4Сп. Јн 6, 9–10.
споредни, се неопходни и нераскинливо поврзани со нашиот духовен пат. Не смееме да изумиме дека човекот се спасува преку живото присуство на Бога во сè што прави – во мислите, во срцето, во работата, во тихувањето и во одговорното однесување кон другите. Спасението не е само цел, туку и пат, и секој чекор на тој пат, секој израз на љубов, грижа и одговорност, ја гради светоста кон која сме повикани.
Нека ни е честит и благословен денот и за многу години!
21.09.2025 лето Господово.
Роденденска честитка за Премин Портал
„Премин Портал“ со право може да се нарече вистинско духовно прибежиште во дигиталниот простор. Со својата внимателно одбрана содржина – духовни текстови, поуки од светите отци, актуелни вести за црковни настани и богата ризница на православна литература – тој, низ годиниве, стана неизоставен извор за сите што трагаат по патот кон Христос и ја бараат утехата во верата.
Воедно, особено е значајна доследноста: содржините се секогаш јасни и достапни, напишани со голема обѕирност и во духот на православното предание.
***
По повод 20-годишнината од основањето на оваа именита веб-страница упатувам искрени честитки и срдечно ободрување до целиот уредувачки тим, кој е неуморно посветен во исполнувањето на оваа свештена и благородна мисија. Господ нека ви даде сила, мудрост и благослов да продолжите да ги просветлувате срцата на вашите читатели, кои се, впрочем, вашите најголеми, но и најповикани критичари.
Дарио Божиновски
21.09.2025 лето Господово