Во молитвата се неопходни истрајност и трпение

„Кога човек се моли на Бога за нешто, а тоа не го добива, па се прашува: „Дали Бог ја слуша мојата молитва?“, самото тоа „дали“ значи дека тој се сомнева во Божјата љубов и, на тој начин, ја поништува својата молитва во мигот кога ја упатува, со што ја губи надежта дека неговото молење ќе биде услишено.
Кога на човекот не му се исполнува веднаш она за што се моли, тој треба и понатаму да продолжи да се моли. Тоа е како кога ќе отидеме во некоја установа и ќе му се обратиме со молба на одговорното лице. Понекогаш е потребно да бидеме упорни за да го добиеме она што го бараме:
„Ве молам, помогнете ми, зашто во спротивно нема да си заминам одовде!“
Така е и во молитвата — потребна е истрајност.
Што и да бараме од Бога во молитвата, должни сме со трпение да го очекуваме исполнувањето на нашата молитва.
Еднаш ми отечеа очите и имав силни болки. Трипати усрдно се помолив пред иконата на Мајката Божја за исцелување, за да можам ноќе да го читам Псалтирот. Зедов масло од кандилото пред иконата и ги помазав очите, но — ништо.
По неколку дена состојбата ми се влоши. Отокот стануваше сè поголем, а очите ме болеа уште повеќе. Поминаа петнаесет дена.
Тогаш повторно, со смирение, отидов пред иконата на Мајката Божја и реков:
„Мајко Божја, прости ми што повторно Те вознемирувам!“
Повторно зедов масло од кандилото и штом ги помазав очите со него — оздравев!
Што, дали тоа значи дека Богородица не можела уште првиот пат да ме исцели? Секако дека можела. Но, заради мојата духовна корист, било потребно уште малку да пострадам.
Затоа, она што го бараме од Бога во молитвата треба да го бараме смирено и трпеливо.
Молитвата што се принесува со вера, истрајност и трпение ќе биде услишена, доколку она што го бараме е за наше добро.“
Старец Пајсиј Светогорец
21.09.2026


























