МИСИОНЕРСКИ ПИСМА
6. Писмо
На постраданиот трговец кого сите го напуштиле
Пишуваш дека си пропаднал.
Пријателите те напуштиле. Едни ја вртат главата од тебе, други ти се потсмеваат. Само верата во Бога те држи да не полудиш или да не си нанесеш зло себеси. Така пишуваш.
Пропаднал имотот, но ти не си пропаднал. Пропаднат трговец сè уште не значи пропаднат човек. Богатството не се родило со тебе; по патот на животот се прилепило за тебе; а на крајот од животот мора да се одлепи од секого. Но од тебе се одлепило пред крајот на твојот живот, и тоа те огорчува. А токму тоа на мнозина им послужило за најголема среќа. Зашто, откако се одлепиле од гнилото богатство на земјата, тие имале доволно време да ја обогатат својата душа во Бога. А за оние што го симнуваат самарот на богатството во истиот миг кога го симнуваат и самарот на телото, може да биде доцна за сè – и сè да биде изгубено.
„Поштено сум работел“, пишуваш. Но на поштениот му е ветена вечна, а не привремена награда. Од чесна работа човек може да се збогати, но може и да осиромаши. Но како што богатството не го прави чесниот човек поголем човек, така ни сиромаштвото не го прави помал човек. Кој мисли поинаку, не живее во христијанската ера, туку во старата незнабожечка, во која вредноста на човекот се мерела на кантар со златни тегови. Затоа Христос и се даде да биде распнат на Голгота — за да го уништи тоа варварско мерило меѓу луѓето и да постави друго: духовно и морално.
Според Христовото мерило, она што има трајна вредност во човекот ниту се зголемува од богатството, ниту се намалува од сиромаштвото. Туку од поголемата или помалата љубов кон Законот Божји зависи плимата или осеката на таа трајна вредност, која не слегува во гроб заедно со телото.
Тоа што пријателите те напуштиле во неволја — па сега или ја вртат главата од тебе или отворено ти се потсмеваат — тоа навистина боли, но тоа е само ново сведоштво за прастарото човечко искуство. Кога Господ Исус Христос беше распнат на крстот, каде беа оние што претходно сакаа да го направат цар? И оние што Му извикуваа: „Осана“? Никаде — ниеден. Под крстот стоеја само рамнодушните и потсмевачите. Римските војници здодевно зеваа, а јудејските кучиња злобно лаеја. И под твојот крст стојат или рамнодушни зевачи или злобни лајачи. Радувај се што капката од твојата горчина наликува на морето горчина на распнатиот Господ.
Добро е што ја држиш верата Божја. И таа ќе те држи тебе во овие тешки денови, кои ќе поминат како магла. Ете, човек држи стап во раката, а стапот го држи него на стрмнина. Некои луѓе носат стап како украс, а други како помош на тешки патишта. Верата во Бога и го краси и му помага на човекот. Додека беше имотен, ја држеше повеќе како украс; сега таа ти стана неопходен потпирач. Таа има посветло лице кога служи и помага, отколку кога само украсува.
„Да не полудам“, велиш. Не плаши се: малкумина полуделе од сиромаштија, а многумина — премногу — од богатство.
„Да не си нанесам зло“, пишуваш. На самоубиство ли помислуваш? Тоа е вистинска ѓаволска гозба. Тоа значи да не одиш ниту по волјата Божја, ниту по својата, туку по волјата на сатаната. Јаже околу вратот — вечниот живот изгубен. И навистина, во наглиот и неповолен пресврт на животот, ништо не може да го одржи човекот освен жива вера во живиот Бог, Кој дава и зема, и зема и дава, искушувајќи ја нашата вера и нашата љубов.
Неверниците слегуваат со Јуда во потокот за да се обесат, а душите со јуначка вера се искачуваат на Голгота за да ја испијат чашата на горчината — и да воскреснат.
Бог нека ти биде на помош.
Свети Николај Охридски и Жички
Подготвил Симеон Стефковски